Спасовски: Чавков ги прејудицира одлуките на Управниот суд

Прес-конференција, Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи Скопје, 29.01.2016 Фото: скриншот

 

На 29.01.2016 година, техничкиот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, го предупредуви техничкиот замeник-министер, Митко Чавков да престане да прејудицира со одлуките на Управниот суд, бидејќи со неговото однесување и потези создава хаос во редовите на МВР.

 Не станува збор за одлуки, туку за решенија за времени мерки. Не знам зошто Чавков одел кај директорите на УЈБ и УБК им носел телеграми и им толкувал какви насоки да преземат. Чавков ги прејудицирал одлуките. Зошто одлучил да ја прекрши правната процедура, дали со тие прекршувања сака да биде и дополнителен судија? – праша министерот Спасовски.

Тој нагласи дека одлуките на Управниот суд ќе бидат обжалени пред повисоката правна инстанца, односно пред Вишиот Управен суд на Македонија.

[ Извор: СДСМ, Видео: ( од 1:15 до1:40) Датум: 29.01.2016]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Министерот за внатрешни работи во декември 2015 разреши неколку началници на полициски станици во внатрешноста на Македонија, а направи и неколку промени на функциноерите во МВР.  Техничкиот заменик-министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, поднесе тужба со предлог за времена мерка до Управниот суд затоа што, како што вели, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски извршил сериозен упад и прекршување на законите разрешувајќи петмина началници. Според Чавков, Спасовски флагрантно ги прекршил законите за внатрешни работи и полиција, согласно кои се постапува во вакви случаи.

На 25.01.2016 година Управниот суд решавајќи по предлогот за донесување на времена мерка во постапката по тужбата на Чавков против  Спасовски по основ на повреда на административна процедура, на седницата на Советот одржана на 25.01.2016 година,  донесе Решение за времена мерка,  според  кое:

  • Предлогот на тужителот М.Ч. од С. – дополнителен заменик министер во Министерството за внатрешни работи, за донесување на времена мерка, СЕ УВАЖУВА.
  • СЕ ЗАБРАНУВА на Министерот  за внатрешни работи во Владата на Република Македонија, О.С.,  да презема дејствија во врска и по повод донесеното Решение бр.08-94117/1 од 29.12.2015 година на Министерот за внатрешни работи, до правосилноста на одлуката по тужбата У-5.бр.16/2016.

На оваа одлука Спасовски најави жалба до Вишиот управен суд.

На веб страницата на Вишиот управен суд за негови надлежности се предвидени:

  • – да решава по жалбите против одлуките на Управниот суд донесени во прв степен;

  • – да одлучува за судир на надлежности меѓу органите на Републиката, меѓу општините и Градот Скопје, меѓу општините на Градот Скопје и по споровите настанати за судир на надлежности меѓу општините и Градот Скопје и носителите на јавните овластувања, ако тоа е предвидено со закон, доколку со Уставот или законите не е предвидена поинаква судска заштита и

  • – да врши други работи определени со закон.

Во член 48 од Законот за Влада  е дефинирано :

  • (1) Во случај на несогласување меѓу министерот и дополнителниот заменик министер во министерствата од членот 2 од овој закон во врска со тоа дали одредено правно, финансиско и кадровско прашање се однесува на организација на изборите, Државната изборна комисија е должна, во рок од 24 часа да донесе одлука и истата да ја проследи до односното министерство.

  • (2) Одлуката на Државната изборна комисија е конечна.

  • (3) Во случај на сомневање произлезено од можно незаконско постапување од страна на министерот и/или неговиот дополнителен заменик, може да се поднесе тужба до надлежниот суд.

Во Законот за Управни спорови во член 67 е предвидено:

  • Против одлука во управен спор донесена до денот на влегувањето во сила на овој закон, може да се изјави жалба според досегашните прописи, ако според тие прописи жалбата била предвидена.
  • Против правосилна одлука во управен спор донесена до денот на влегувањето во сила на овој закон, може да се изјават вонредни правни средства според прописите што важеле до влегувањето во сила на овој закон.

За  да биде една пресуда  правосилна потребно е таа да ги помине сите инстанци. Тоа е предвидено и во Законот за судови:

Член 13

  • (1) Судските одлуки се изрекуваат во името на граѓаните на Република Македонија.
  • (2) Правосилната судска одлука има неприкосновено правно дејство.
  • (3) Судската одлука може да ја менува или укинува само надлежен суд во постапка пропишана со закон.
  • (4) Судските одлуки се задолжителни за сите правни и физички лица и имаат поголема сила во однос на одлуките на кој и да е друг орган.
  • (5) Секој е должен да ја почитува правосилната и извршната судска одлука под закана на законски санкции

Од сето ова може да се заклучи дека изјавата на техничкиот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, за тоа дека техничкиот заменик-министер Митко Чавков ја прејудицира пресудата е вистинита.  Исто така, вистинито е и тврдењето дека одлуките на Управниот суд можат да бидат обжалени пред повисоката правна инстанца – Вишиот управен суд.

ЛИНКОВИ:

Оценето од: Владо Ѓорчев

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција