Опасна манипулативна објава повикува пациентите да ги отфрлаат лекарските совети

3D пресек што го прикажува тенот на кожата Фото: http://www.scientificanimations.com/, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Лекарските совети за сончањето и намалувањето на солта во исхраната, зависно од состојбата на пациентот и неговата дијагноза, не се непоткрепени со факти. Исто така, здравствената состојба и моменталните потреби на одредена личност се индивидуални и затоа не може да се генерализира дека советите на докторите треба да се отфрлат

Лекарските совети за сончањето и намалувањето на солта во исхраната, зависно од состојбата на пациентот и неговата дијагноза, не се непоткрепени со факти. Исто така, здравствената состојба и моменталните потреби на одредена личност се индивидуални и затоа не може да се генерализира дека советите на докторите треба да се отфрлат

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Вашето здравје е во ваши раце – вие одлучувате што понатаму само бидете внимателни, секој оној кој ќе ви каже дека сонцето е штетно и предизвикува рак, одма отфрлете го, секој доктор кој ќе ви каже дека треба да користите статини лекарства за отстранување на маснотии и триглицериди, одма да го отстраните бидејќи мозокот и сите хормони работат на холестерол, секој доктор кој ќе ви каже да сте на исхрана со малку масти и да готвите на масло или маслинов зејтин – исто така да го отстраните. Доколку докторот ви каже да не конзумирате сол, ради бубрезите и крвниот притисок исто така веднаш да го отстраните!

Сè се ова организирани шеми на кои им одговара на никој друг само на фарма мафијата и на докторите кои се комплетно искористени за жал за трошка пари а за пропаст на сите пациенти!

Во објавата се пропушта контекстот. Без да се земат предвид специфичните здравствени состојби кои бараат определени здравствени совети поврзани со употреба на конкретни медикаменти или промени во исхраната, се шири опасна манипулација дека советите на докторите треба да бидат отфрлени. А, сето ова го советува лице кое не е дел од медицинските науки.

Во делот од објавата каде што се вели „секој оној кој ќе ви каже дека сонцето е штетно и предизвикува рак, веднаш отфрлете го“, всушност се сугерира одлука за пациентот без воопшто да се земе предвид неговата конкретна и специфична здравствена состојба. Ова е уште поопасно ако се земе предвид дека постојат здравствени состојби во коишто пациентите се советуваат и им се препорачува избегнување сонце.

Најголемиот дел од карциномите на кожата се поврзани со изложеноста на сончевата светлина. Светлината којашто доаѓа од сонцето е еден вид ултравиолетова светлина. Таквиот вид светлина може исто така да потекне од ламби и салони за сончање. Ултравиолетовата светлина содржи радијација којашто ја менува ДНК внатре во клетките на кожата и води кон карцином на кожата, пишува на страницата на реномираната клиника Мајо од Соединетите Американски Држави.

Таму се додава дека не сите типови на карцином на кожата се случуваат на кожа која е типично многу изложена на сонце. Ова значи дека и нешто друго предизвикува карцином на кожата. Но, некои фактори според здравствените професионалци го зголемуваат ризикот, што вклучува ослабнат имунолошки систем и семејната историја на карцином на кожата.

Премногу радијација со ултравиолетови зраци од сонцето може да ја оштети ДНК во клетките на кожата и да предизвика карцином на кожата. Во Обединетото Кралство 9 од 10 случаи на меланом може да се превенираат на начин што ќе се практикува безбедно сончање и избегнување на изложеност на сонце. Изгорениците од сонцето го зголемуваат ризикот од карцином на кожата, пишува на сајтот на Cancer Research.

Центарот за контрола и превенција на болести на САД исто така наведува дека најголемиот дел од карциномите на кожа се предизвикани од преголема изложеност на ултравиолетови зраци и дека заштитата од истите е важна во текот на целата година. Така што, наведеното во објавата дека „секој доктор што ќе ви каже дека сонцето предизвикува рак треба да се отфрли“, не е основано, бидејќи научните факти го говорат спротивното.

Во врска со статините споменати во објавата, тие го намалуваат холестеролот и штитат против срцев удар, но имаат несакани ефекти, наведува Мајо Клиниката.

Здравствените професионалци често препишуваат статини за луѓе со висок холестерол. Статините помагаат да се намали холестеролот и да се намали ризикот од срцев удар. Иако несаканите ефекти од статините може да се вознемирувачки, земете ги предвид бенефитите од статините пред да се одлучите да престанете да ги земате вашите лекови. Запомнете дека статините може да го намалат ризикот од срцев удар меѓу многуте бенефити и ризикот од животозагрозувачки несакани ефекти од статините е пренизок. Меѓу луѓето со многу срцеви состојби, оние што земаат статини живеат подолго, пишува на сајтот на Мајо клиниката.

Според наведеното на сајтот на Харвард, генетските разлики играат улога во сензитивноста на сол, којашто влијае врз ризикот од срцеви заболувања. Според наведеното на страницата на Харвард, консумирањето на премногу сол е поврзано со висок крвен притисок. Телото одговара на преголемата количина сол на начин што ја задржува водата. Како резултат на тоа количеството на течности во крвните садови се зголемува. Тоа го зголемува притисокот во крвните садови и прави срцето да работи повеќе. 

И според извори во Австралија намалувањето на солта може да предизвика намалување на крвниот притисок.

Следствено, лекарските совети за сончањето и намалувањето на солта во исхраната, зависно од состојбата на пациентот и неговата дијагноза, не се непоткрепени со факти. Исто така, здравствената состојба и моменталните потреби на одредена личност се индивидуални и затоа не може да се генерализира дека советите на докторите треба да се отфрлат.

Готвењето со маслиново масло има свои бенефити. Дел од нив, меѓу другото, се однесуваат на антиоксидантите, здравите масти и антиинфламаторните својства. Советите и препораките за исхраната и лековите препишани од лекарите се однесуваат на индивидуални состојби и не се поврзани со некаква „фарма-мафија“, туку со состојбата на пациентот.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека во објавата што ја рецензираме се пропушта контекстот.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција