Open Minds: Руското хибридно војување против Европа во 2025 г. е драстично зголемено

Илустрација: Вистиномер

Бројот на нарушувања на воздушниот простор со авиони и дронови чие потекло е руско во 2025, посебно од есента е драматично зголемен во неколку европски земји, а истовремено во пораст се и вербалните закани од кои некои со нуклеарно оружје, кои пораснале особено по руско-американската средба на врвот во Аљаска, годинава

Бројот на нарушувања на воздушниот простор со авиони и дронови чие потекло е руско во 2025, посебно од есента е драматично зголемен во неколку европски земји, а истовремено во пораст се и вербалните закани од кои некои со нуклеарно оружје, кои пораснале особено по руско-американската средба на врвот во Аљаска, годинава. Ова се наведува во најновиот извештај на компанијата Open Minds, технолошки специјализирана за препознавање и за спротивставување на хибридните закани, особено во информатичката сфера

 

Подготвил: Т.Б.

 

Во извештајот изработен по сложена и сеопфатна методологија, најпрво се компарираат бројките на хибридно војување преку нарушување на воздушниот простор во неколку северни и североисточни земји од Европа, при што се констатира дека споредувајќи од почетокот на целосната инвазија на Русија кон Украина, овој број годинава е многу поголем и посеопфатен, а европските земји го разбираат како директна закана по нивната безбедност.

Ваквите инциденти со авиони или дронови што навлегуваат недозволено во воздушниот простор се забележани најмногу во Литванија, Естонија, Полска и Норвешка, се наведува во извештајот.

Па така, ако во 2022 година имало само 4 нарушувања на воздушниот простор, во 2023 година таа бројка била 7, во 2024 година пораснала на 11, додека во 2025 година регистрирани се 36 такви нарушувања. „Во 2025 година имало повеќе инциденти отколку комбинирано во периодот од 2022-2024 година“ – се констатира во извештајот.

Додека некои инциденти можеби се резултат на несреќи, како што е паѓањето на остатоци од беспилотни летала на територијата на европските земји откако беа соборени од украински противвоздушни системи, други се чини дека се намерни, како во случајот со Полска и Литванија. Безбедносните аналитичари се согласуваат дека Русија на тој начин има за цел да ги тестира колективните безбедносни механизми во рамките на НАТО се наведува во извештајот на Open Minds.

Во извештајот се споменуваат анализи на експерти кои велат дека случаите како што е упадот на беспилотни летала во Полска се дел од поширока стратегија за заплашување.

Кон ова се додава дека драматично е во пораст и бројот на известувања во медиумите за ваквите инциденти:

Во текот на 10-те месеци од 2025 година, публикациите за инцидентите се зголемија за 70% во споредба со целата 2024 година, дури и без да се смета упадот со беспилотни летала во Полска, што се издвојува како аномалија во однос на обемното медиумско покривање. Од 58 случаи, 45 беа претставени во медиумите се наведува во извештајот.

Притоа се напоменува дека во најголем дел извештаите во медиумите биле оригинални, при што се прави разлика помеѓу оние медиуми кои користат западни извори и про-Кремљ медиумите. Извештаите се идентични со таа разлика што овие вторите ги употребуваат квалификациите „наводни“ или „божемни“, како во случајот од септември годинава кога руски борбен авион Миг 31 го наруши воздушниот простор на Естонија.

Кремљ во најголем број случаи демантира руско вмешување

Во извештајот се анализира и официјалната реакција на Москва во врска со инцидентите, при што се констатира дека во најголем дел од оние малку инциденти што ги коментираат руските официјални лица, руското вмешување се демантира.

Официјалните лица на Кремљ коментираа 10 инциденти, игнорирајќи ги останатите… Половина од коментарите содржеа негирање на вмешаноста на Русија во инцидентите (53%)“… Во 10% од коментарите, руските претставници упатија имплицитни закани – се констатира во извештајот.

Како примери се наведуваат изјавите на гласноговорниците Дмитриј Песков или Марија Захарова кои во над половина од случаите демантираат руско вмешување, во 30 отсто од инцидентите се неутрални – „без коментар“, а во оние 10 отсто каде што се констатирани закани од руски претставници се наведува примерот од 2024 со паѓање на руски дрон во Романија, по што амбасадорот на Руската Федерација во ОН, Василиј Небензја изјавил дека Украина треба да го разгледа „мировниот план“ што го предложил Путин.

Украина нема да добие ништо подобро, рекол амбасадорот Небензја.

Илустрација: Вистиномер

Вербалните закани се во пораст особено по самитот во Аљаска

 

Иако руската влада најчесто или игнорира или ја отфрла нејзина вмешаност во нарушувања на воздушниот простор или други хибридни воени инциденти низ цела Европа, тие не се двоумат околу вербалните закани од воена природа и демонстрациите на сила – се наведува во извештајот на Open Minds.

Притоа се констатира дека бројот е во пораст после самитот на Владимир Путин и Доналд Трамп на Аљаска во август годинава, компарирајќи ги бројките со првото полугодие од 2025 г. или со периодот септември-октомври.

Па така Open Mind констатира дека „само во октомври 2025 година, имало 13% повеќе воени закани отколку во периодот јули-септември заедно“. Истовремено „во октомври 2025 година, бројот на закани што вклучуваат нуклеарна ескалација достигна највисоко ниво во текот на годината“, имајќи го предвид почетниот период по објавата на Путин во септември 2024 година за промени во нуклеарната доктрина на Русија. Притоа, како примери се наведуваат различни типови воени закани, како што е коментарот на руското Министерство за одбрана по тестирањето на подводното торпедо што може да носи нуклеарна боева глава „Посејдон“ или пак официјалните соопштенија за зголемување на руските сили на Арктикот за 17 проценти, преразгледување на граничната безбедност со Финска, итн.

Руските претставници и про-Кремљ експертите сè почесто зборуваат за проширување на географијата на војната против Западот. Она што започна како единечни изолирани настани на паѓање на остатоци од беспилотни летала и ракети во Романија или Полска, сега станува намерна и комплексна тактика што се состои од нарушување на воздушниот простор, саботажи, обиди за атентати и шпионажа – заклучува Open Minds во својот последен извештај од 8 декември годинава.

(Целиот извештај, вклучувајќи ја сложената и сеопфатна методологија претставена на крајот од текстот може да се прочита ТУКА).

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција