Операцијата Warp Speed не беше „воена операција“, туку го забрза развојот на ковид вакцините

Фото: U.S. Secretary of Defense, Public domain, via Wikimedia Commons

Целта на операцијата Warp Speed (OWS) беше да се достават 300 милиони дози вакцини против ковид-19 до јануари 2021 година, како дел од пошироката стратегија за да се забрза развојот, производството и дистрибуцијата на ковид вакцините. Брзата достапност на ковид вакцините благодарение на оваа операција е широко признаено ширум светот

Целта на операцијата Warp Speed (OWS) беше да се достават 300 милиони дози вакцини против ковид-19 до јануари 2021 година, како дел од пошироката стратегија за да се забрза развојот, производството и дистрибуцијата на ковид вакцините. Брзата достапност на ковид вакцините благодарение на оваа операција е широко признаена ширум светот

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

ТрампЧо бил многу горд на масовната кромид ФАКцинација под негова контрола која го отворила светот… (Warp Speed беше воена операција за масовна кромид 19 ФАКцинација на американците).
И не само во Америка, малку е познато дека ковид ……..19 ФАКцинацијата беше под директна контрола на армиите од западните држави.

Во склоп на објавата има видеоматеријал каде претседателот на САД Доналд Трамп зборува за операцијата Warp Speed, за тоа дека и самиот ја примил ковид-вакцината и е задоволен од неа, како и за неговите погледи, дека операцијата Warp Speed била едно од најголемите и најдобри нешта што кој било претседател на САД некогаш го направил за своите граѓани, но и за целиот свет, бидејќи откако вакцината беше пронајдена, според зборовите на Трамп – целиот свет се отвори. Целото негово излагање може да се погледне на линкот од CBS News. Прашањата за Трамп се во контекст на тоа што советодавното тело на Центарот за контрола и превенција на болести на САД во петокот гласаше луѓето да прават индивидуални информирани одлуки за ковид вакцинацијата, одбивајќи директно да препорача вакцинација. Препораките на советодавното тело не се финални туку мора да бидат одобрени од директорот на Центарот за контрола и превенција на болести за да станат официјални насоки.

Не е точно наведеното во објавата дека „Warp Speed била воена операција за масовна кромид вакцинација на Американците“. Кога се наведува „кромид-вакцинација“ се мисли дека нешто во неа било лажно.  Но, Warp Speed не е воена операција туку нешто сосема поинакво.

Целта на операцијата Warp Speed (OWS) беше да се достават 300 милиони дози вакцини против ковид-19 до јануари 2021 година, како дел од поширока стратегија за да се забрза развојот, производството и дистрибуцијата на ковид вакцини. За оваа цел да биде остварена, се користеше инвестирање во производството на вакцината за таа да биде достапна за пациентите многу побрзо, со целосно придржување до стандардите за безбедност и ефикасност. Операцијата беше партнерство меѓу одделите за здравство, центрите за контрола и превенција на болести, Aгенцијата за храна и лекови на САД, националните институти за здравје, министерството за одбрана итн. Операцијата Warp Speed одржуваше контакти со приватни фирми и други федерални агенции, како одделот за земјоделство, енергетика. Сите детали се  јавно достапни.

Брзата достапност на ковид вакцини благодарение на оваа операција е широко признаена ширум светот. Оваа операција, всушност, беше јавно-приватно партнерство покренато од владата на САД во мај 2020 година со цел да се забрза развојот, производството и дистрибуцијата на вакцини, терапии и дијагностика за ковид-19.

Вакцинацијата не беше „кромид“ како што невистинито се тврди во објавата што ја рецензираме, односно таа беше реална и распространета ширум светот. Позитивните ефекти на вакцинацијата веќе се јасни во поглед на тоа што благодарение на неа повеќе нема пандемија со ковид-19.

Ефектите од оваа операција Warp Speed беа тоа што вакцините против ковид-19 беа развиени и достапни во рекордно брзо време, помалку од 1 година, што претставува историски успех во медицината. Масовната вакцинација помогна да се контролира пандемијата, особено во 2021 година.

Воена операција претставува организирано дејствување на вооружени сили со одредена воена цел изведена по одреден план и стратегија – со тактички, оперативен или стратешки карактер, и се спроведува на копно, вода или во воздух.

Од самата дефиниција е јасно дека забрзување на создавање и администрирање на вакцини за спасување животи не може да биде „воена операција“, како што тоа невистинито е наведено во објавата што ја рецензираме.

Во објавата на начин што се наведува вакцинацијата со терминот „факцинација“ се прави обид да се сугерира дека на некој начин граѓаните што се вакцинирале биле измамени, наседнати, натерани на нешто што ќе им наштети, што исто така не е вистина и претставува стратегија на ширење дезинформации, страв, паника и недоверба во здравствениот систем.

Не е точно ниту тврдењето дека „вакцинацијата била под директна контрола на арамиите од западните држави“ – во западните земји вакцинацијата се спроведуваше преку државни здравствени агенции (центарот за контрола и превенција на болести во САД, ЕМА во Европа, NHS во Велика Британија), преку Министерствата за здравство и нивните подружници, преку регулаторните тела за лекови и медицински производи, преку локалните здравствени служби што ја спроведуваа вакцинацијата на терен.

Претседателот на САД Доналд Трамп продолжува да стои зад операцијата Warp Speed која ја постави неговата администрација за да се забрза производството на ковид вакцини.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција