Општина Аеродром не доби нова управна зграда

Фото: Принтскрин/Јутјуб

Во 2021 година се преземени конкретни активности во насока на реализација на ветувањето за изградба на нова општинска зграда, како што се избор на идеен проект и утврдување на буџет. Но, допрва треба да се распише тендер за изработка на главен проект за општинската зграда, по што би следувал избор на изведувач. Потоа би почнале грдежните работи, а според најавениот план, изградбата на новата зграда би се одвивала  во наредните три години – 2021, 2022 и 2023 , што значи дека ќе го надмине градоначалничкиот мандат на Марин кој завршува во октомври оваа година. Па, имајќи го предвид сето ова , вклучително и фактот  што рокот за реализација на овој проект, наведен во изборната програма на Марин, е  2018 – 2020 година, ова негово изборно ветување го оценуваме како неисполнето.

ВЕТУВАЊЕ: Изградба на нова општинска зграда (Рок: 2018 – 2020 година)

[Извор: Изборна програма на Златко Марин, градоначалник на Општина Аеродром (стр.14) – датум, октомври 2017 г. ]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето за изградба на нова административна зграда на Општина Аеродром е неисполнето  изборно ветување на градоначалникот Златко Марин. Ветувањето е дел од неговата програма за локалните избори (2017-2020) – „Живот во Аеродром! За сите!“ (стр.14).

Изгрaдбата на нова општинска зграда е прв од клучните проекти на Марин, наведени во неговата изборна програма.

Општина Аеродром е можеби единствената општина во РМ што нема своја општинска зграда. Изградбата на нова општинска зграда е насушна потреба за граѓаните на општината. Капиталната инвестиција ќе се реализира преку јавно-приватно партнерство. Општинската зграда, покрај својата основна цел, ќе одговори и на други барања на граѓаните. Во неа ќе има повеќенаменска сала, која ќе се користи за состаноци, но и за венчавање. Пред општинската зграда ќе има мултифункционален плоштад што ќе значи можност за повеќе активности на граѓаните и граѓанските организации, стои во програмата.

Според наведеното, изградбата на општинската зграда ќе придонесе за заштеда на средства од општинскиот буџет од кој веќе 12 години од секој месец се издвојуваат од 6.000 до 8.000 евра за кирија за изнајмен простор.

Градоначалникот Златко Марин овој проект го најавуваше и во предизборната кампања за локалните избори кои се одржаа во октомври 2017 година, критикувајќи го неговиот претходник, Ивица Коневски дека Општината сè уште плаќала кирија.

По 12 години владеење на ВМРО-ДПМНЕ во Аеродром, општината сѐ уште нема сопствени простории и администрацијата е принудена да плаќа кирија за општинската зграда, говореше Марин  во интервју за „Макфакс“ во август 2017 година.

На 04.01.2021 година, Општина Аеродром објави меѓународен анонимен конкурс за избор на идејно архитектонско решение за проектирање на управна (општинска) зграда.

Покрај задолжителните критериуми за проектирање соодветни работни простории, како и простории за прием на граѓани, во конкурсот се бара да се предвидат и современи технологии на градење со материјали и решенија што ќе овозможат висок степен на енергетска ефикасност. Право на учество на конкурсот имаат правни и физички лица од областа на архитектурата, а крајниот рок за предавање на трудовите е 1 март, пренесе Локално.

На 12.04.2021 година, Општината ѝ го презентираше на јавноста избраниот проект за новата општинска зграда.

На 14.05.2021 година, според информацијата објавена на веб-страницата на Општина Аеродром, којашто ја пренесоа и повеќе медиуми, Советот на Општина Аеродром на својата последна седница ја усвоил тригодишната развојна програма со која се предвидени и обезбедени средства, а исто така, е утврдена и динамиката за изградба на административната зграда на општината. Согласно со предвидениот план, во најкус можен рок ќе биде објавена јавна набавка за изработка на главен проект за административната зграда, а веднаш потоа ќе следува избор на изведувач на самата градба.

За почетните активности во врска со изведбата до крајот на оваа година веќе се испланирани 15 милиони денари, а другите средства за изградба ќе бидат предвидени со буџетите во 2022 и 2023 година подеднакво, информираат од Општината.

Од сето ова произлегува дека во 2021 година се преземени конкретни активности во насока на реализација на ветувањето, како што се избор на идеен проект за изградба на новата општинска зграда и утврдување на буџет. Но, допрва треба да се распише тендер за изработка на главен проект за општинската зграда, по што би следувал избор на изведувач. Потоа би почнале грдежните работи, а според најавениот план, изградбата на новата зграда би се одвивала  во наредните три години – 2021, 2022 и 2023г., што значи дека ќе го надмине градоначалничкиот мандат на Марин  кој завршува во октомври оваа година.

Па, имајќи го предвид сето ова, вклучително и фактот што рокот за реализација на овој проект, наведен во изборната програма на Марин, е  2018 – 2020 година, ова негово изборно ветување го оценуваме како неисполнето.

 

ИЗВОРИ:

Оцени: Ана Анастасовска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција