Општина Аеродром не ја изгради училишната спортска сала во Долно Лисиче во ветениот рок

Теренот на кој ќе се гради училишната спортска сала во Долно Лисиче (Фото: Општина Аеродром)

И покрај поставувањето на камен-темелникот на спортската сала во ООУ „Гоце Делчев“ во Долно Лисиче од страна на в.д. градоначалникот, премиерот и министерката за образование и наука пред две недели, мора да се нотира дека се пробиени сите рокови за реализација на ветувањето од предизборната програма. Изградбата на спортската сала би била завршена најрано кон крајот на март 2026, што е шест месеци по завршување на мандатот на оваа градоначалничко-советничка гарнитура во општините.

И покрај поставувањето на камен-темелникот на спортската сала во ООУ „Гоце Делчев“ во Долно Лисиче од страна на в.д. градоначалникот, премиерот и министерката за образование и наука пред две недели, мора да се нотира дека се пробиени сите рокови за реализација на ветувањето од предизборната програма. Изградбата на спортската сала би била завршена најрано кон крајот на март 2026, што е шест месеци по завршување на мандатот на оваа градоначалничко-советничка гарнитура во општините

 

Во предизборната програма за локалните избори за градоначалници на општини што се одржаа на 17 октомври 2021 година, кандидатот за градоначалник на општина Аеродром од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“, Тимчо Муцунски, меѓу другите ветувања од програмската платформа „Гарантираме – Создади нова иднина, во делот „Аеродром спортува“ се обврза на изградба на спортски сали во училиштата.

Ветување: Спортот и здравите навики кај децата започнуваат уште од најмала возраст – од основното образование. Затоа, се обврзуваме на изградба на спортска сала во ООУ „Гоце Делчев“ во Долно Лисиче со сите потребни спортски содржини кои му требаат на воспитно-образовниот процес.

Рок: 2022 година.

[Извор: Платформа „Гарантираме за Аеродром – Создади нова иднина“ (стр.31); датум: 17.10.2021]

 

Образложение:

Дејан Митески, вршител на должноста градоначалник на општина Аеродром, е избран на таа функција на 15.7.2024 година на седница на Совет на Општината. Митески го наследи мандатот на Тимчо Муцунски, кој победи во првиот круг од изборите за градоначалник на Аеродром и беше на чело на општината до составувањето на новото владино мнозинство по парламентарните избори на 8 мај 2024. Муцунски беше избран за министер за надворешни работи и надворешна трговија во Владата предводена од Христијан Мицкоски, конституирана на 23.06.2024 година. Муцунски ја извршуваше функцијата градоначалник на Општина Аеродром две години и осум месеци, односно година и пол подолго од рокот што го вети за  изградба (2022 г.) на спортската сала во ООУ „Гоце Делчев“ во Долно Лисиче.

Но, и неговиот наследник Митески го нема остварено ова предизборно ветување, бидејќи на околу 5 месеци пред одржувањето на локалните избори во нивниот редовен термин во октомври 2025 година,  поставен е само камен-темелник на ветената спортска сала.

Имено, Митески заедно со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на 14.05.2025 го поставија камен-темелникот на спортската сала, означувајќи го почетокот на градежните активности на овој спортски објект.

Долно Лисиче за првпат добива спортска сала во рамките на подрачното основно училиште „Гоце Делчев“ со површина од 650 м2. Изградбата на спортската сала е финансирана од македонската Влада, односно од Министерството за образование и наука, во вредност од 31.989.202,00 денари, а рокот за изведба е 10 месеци

Митески истакна дека станува збор за капитален и многу значаен проект не само за Долно Лисиче, туку и за Аеродром воопшто, затоа што учениците, наместо како досега во училници или на отворено, конечно ќе можат да имаат часови по физичко и здравствено образование во соодветни и современи услови, се вели меѓу другото во соопштението објавено на веб-страницата на Општина Аеродром.

Мицкоски, Митески и Јаневска на поставувањето на камен-темелникот на спортската сала (Фото: Општина Аеродром)

Како што стојат работите според овие најави, изградбата на спортската сала во ООУ „Гоце Делчев“ би била завршена најрано кон крајот на март 2026, што е шест месеци по завршување на мандатот на оваа градоначалничко-советничка гарнитура во општините.

Програмата на ВМРО-ДПМНЕ, пак, за спортските капацитети во Општина Аеродром во предизборниот период беше мошне амбициозна, обврзувајќи се на инвестиции во спортот.

Аеродром е центарот на Македонија во спорт. Успесите на кошаркарскиот клуб МЗТ, ракометните клубови, фудбалските клубови, но и сите други екипни и индивидуални спортови и спортисти ја прават општината главен извор на најголемиот број спортски успеси во поновата историја на државата. Оттука, општината мора дополнително да вложува во спортот, спортските клубови и спортската инфраструктура. Само на тој начин можеме да гарантираме дека наредните спортски херои ќе дојдат токму од општина Аеродром. Физичката активност со учество во рекреативниот спорт е право на секој човек. Во таа смисла, една урбана и спортска општина може да ги оправда тие епитети само ако вложува и во секојдневната рекреација на сите нејзини жители. Затоа, се обврзуваме на амбициозна програма за инвестиции во спортот која ќе гарантира спортски успеси!, се вели во предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ за Општина Аеродром.

Фото: Општина Аеродром

Сепак, и покрај поставувањето на камен-темелникот на спортската сала од страна на в.д. градоначалникот, премиерот и министерката за образование и наука пред две недели, мора да се нотира дека се пробиени сите рокови за реализација на ветувањето од предизборната програма.

Затоа, предизборното ветување за изградба на спортска сала во ООУ „Гоце Делчев“ во Долно Лисиче на некогашниот градоначалник, а сегашен министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, како и на неговиот наследник на функцијата, актуелниот в.д. градоначалник Дејан Митески, го оценуваме како неостварено.

 

 

Извори:

 

Оцени: Стојан Синадинов

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција