Општина Центар не знае кој ја отстранил таблата со украинскиот град Севастопољ од „руското“ игралиште

Детското игралиште пред интервенцијата. Фото: Мета.мк

Општина Центар не ја отстранила таблата со името на украинскиот град Севастопољ од детското игралиште со руска тематика зад Универзалната сала. Од општината немаат одговор на прашањето кој и зошто ја отстранил таблата со името на украинскиот град што се наоѓаше помеѓу имињата на руски градови.

Општина Центар не ја отстранила таблата со името на украинскиот град Севастопољ од детското игралиште со руска тематика зад Универзалната сала. Од општината немаат одговор на прашањето кој и зошто ја отстранил таблата со името на украинскиот град што се наоѓаше помеѓу имињата на руски градови, пишува Мета.мк

 

„Досега немаме добиено информации за тоа кој ја отстранил таблата од игралиштето“, велат за Мета.мк од Општина Центар.

Во однос на тоа кој ја финансирал изградбата на детското игралиште со руска тематика, од општината велат дека најголем дел од средствата (над 40.000 евра или повеќе од 90 отсто од вкупната сума), дошле токму од општинските власти, односно од буџетот на граѓаните на оваа општина. Руската амбасада во Скопје дала само 150.000 денари или околу 2.500 евра.

„Општина Центар ја финансираше реконструкцијата на игралиштето со 2.481.928 денари, а Амбасадата на Руската федерација учествуваше со дополнителни 150.000 денари“, велат од Општина Центар за Мета.мк.

Локалните власти додаваат дека Одлуката за реконструкција на игралиштето ја има во Годишната програма за работа за 2021 година на Секторот за уредување на градежно земјиште во Општина Центар. Истата таа програма е поднесена до Советот и одобрена од страна на минатиот состав на Советот на Општина Центар.

Од Општина Центар посочуваат дека во однос на правниот статус на градот Севастопољ, тие во целост ги поддржуваат одлуките на Владата на РСМ и надлежното Министерство за надворешни работи.

Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи на 31 јануари годинава на средбата со рускиот амбасадор во Скопје, Сергеј Баздникин, го повтори ставот дека Северна Македонија ги почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во меѓународно признатите граници, а политичка поддршка за украинскиот суверенитет и територијалниот интегритет неколку дена подоцна пристигна и од премиерот Димитар Ковачевски, кој на 3 февруари годинава се сретна со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Детското игралиште со руска тематика предизвика своевиден дипломатски скандал во земјава, бидејќи во негови рамки беше вметната табла со името на украинскиот град Севастопољ. Станува збор за најголемиот град на полуостровот Крим на Црното море, кој беше анектиран од страна на Руската Федерација и за кој се води спор за нарушување на меѓународното право и територијалниот интегритет на Украина.

Претходниот градоначалник Саша Богдановиќ во октомври објави, а Руската амбасада во Скопје потврди, дека детското игралиште со руска тематика е заеднички финансирано од Општина Центар и од Руската амбасада во Скопје.

Мета.мк пред Нова Година ја контактираше Украинската амбасада во Скопје, од каде потврдија дека за поставената табла со името на градот Севастопољ на руското игралиште реагирале и до Министерството за надворешни работи (МНР) и до Градот Скопје.

„Амбасадорката на Украина во земјава г-ѓа Наталија Задорожњук оствари и низа релевантни средби во МНР каде го изрази ставот за недозволивото учество на официјални претставници од Северна Македонија, посебно раководството на Општина Центар, во обидот на руската страна да го легализира статусот на привремено окупираните територии на Автономната Република Крим и г. Севастопољ како посебен субјект на Руската Федерација“, информираа од Украинската амбасада.

Оттаму ни рекоа дека од МНР го потврдиле својот цврст став за поддршката на Северна Македонија на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, но и од МНР ги увериле дека ова прашање ќе биде решено.

Од Град Скопје и од МНР, до денеска Мета.мк не доби одговор на поставените прашања во врска со руското игралиште.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција