Општина Гази Баба чека инвеститор за трговскиот центар во Маџари

Фото: mk.wikipedia.org

 

ВЕТУВАЊЕ: Изградба на нов трговски центар во Маџари 1

[Извор: Изборна програма на Борис Георгиевски стр.23, градоначалник на Општина Гази Баба; датум: октомври 2017]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето за изградба на нов трговски центар во Маџари 1 на градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски е во тек на реализација. Овој проект е дел од неговата предизборна програма „Живот во Гази Баба! За сите!“, објавена пред локалните избори во 2017 година.

Според напишаното во програмата, новиот трговски центар е планирано да се изгради на делот кај постојното кино во Маџари.

Делот кај постојното кино ќе биде уреден и ќе биде изграден нов трговски центар. Изградбата на нов трговски центар ќе овозможи организирана трговија на сите стопанственици кои во населбата „Маџари“ ја вршат својата дејност и привлекување нови стопанственици како и отворање нови работни места. Во склоп на трговскиот центар, ќе има паркиралиште, што ќе го направи и сообраќајот безбеден, се наведува во програмата на Георгиевски.

Ветувањето за нов трговски центар во Маџари, Георгиевски го даде и на 24.10.2017 година.

Стопанствениците што сè уште својата дејност ја вршат во дуќани на главната улица, конечно ќе добијат соодветни простории во новиот трговски центар во Маџари 1. Така ќе се обезбеди организирана и безбедна трговија преку која дуќанџиите ќе се насочат на една локација, пренесе Макфакс.

Општинскиот комитет на опозициската ВМРО-ДПМНЕ од Гази Баба, на 27.03.2020 година, зборувајќи за ветените и неисполнети проекти на градоначалникот Георгиевски, меѓудругото, го обвини дека „мртво слово на хартија останува и ветениот трговски центар во Маџари“.

„Вистиномер“ се обрати до Општина Гази Баба со цел да добиеме одговор на прашањето, до каде е реализацијата на проектот за изградба на нов трговски центар во Маџари1?

Оттаму ни одговорија дека Општината ги завршила сите урбанистички работи и дека е подготвена за реализација на овој проект, но се чека инвеститор.

Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и со деловен простор не прави веќе такви објекти и мора да чекаме инвеститор. Од наша страна подготвено е сè околу урбанистичките работи – ни одговорија кратко од Општината.

 

Имајќи предвид  дека досега (05.05.2020) се направени одредени чекори во правец на реализација на ветениот проект – заокружени се урбанистичките постапки и  се чека инвеститор кој би го градел новиот трговски центар во Маџари 1,  според методологијата на „Вистиномер“,  ова ветувањето на Георгиевски   добива оценка „во тек“.

 

ИЗВОРИ:

Оцени: Ана Анастасовска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.