Општина Карпош обезбеди лични асистенти за сите ученици со посебни потреби

 

ВМРО-ДПМНЕ, критикувајќи ја владејачката СДСМ дека не го спроведува ветениот процес на инклузија на децата со посебни потреби, меѓу другото, го искажа и следното тврдење кое се покажа како невистинито:

На почетокот на учебната година во општина Карпош, вкупно се детектирани 15 ученици со посебни потреби, но Oпштината на само 7 од нив им доделила персонални асистенти. Градоначалникот Стефан Богоев да одговори по кои критериуми избра на кои ученици да им додели персонални асистенти? Кој ќе им ги сноси паричните трошоци на родителите на останатите 8 ученици кои сами треба да ангажираат персонален асистент? Дали ова е квалитетно образование за најранливата категорија на деца?

[Извор: Курир– датум: 3. септември 2019]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Тврдењето на најголемата опозициска партија (ВМРО-ДПМНЕ) „дека Општина Карпош не им доделила персонални асистенти на сите ученици со посебни потреби, туку селективно само на седум“,  е неточно.

Споменатата изјава на ВМРО-ДПМНЕ, искажана преку партиската Комисија за образование и наука, набрзо беше демантирана од Општина Карпош од каде ја оквалификуваа како лажна. Од Општината нагласуваат дека се обезбедени лични асистенти за сите деца со посебни потреби, кои учат во училиштата на територијата на локалната самоуправа. Оттаму објаснуваат дека проектот за обезбедување на стручни лица – лични асистенти кои ќе работат со децата со посебни потреби,  Општина Карпош го добила преку УНДП програмата, по што бил распишан оглас за да можат родителите да се пријават дека имаат потреба од стручен асистент кој ќе работи со нивните деца.

Критериумите за добивање на ваков асистент се состојат од наод и мислење од Центарот за јавно здравје. По разгледување на документите, општинските служби утврдија дека сите 37 апликанти ги исполнуваат предвидените критериуми. Програмата на УНДП, преку која Општина Карпош аплицираше за добивање на вакви лични асистенти обезбеди 20 стручни лица. Преостанатите 17 асистенти се ангажирани за учење на дечињата со издвојување на буџетски средства од локалната самоуправа.

Од Општината истакнуваат дека освен овие, досега „нема нови барања за обезбедување на вакви лични асистенти за деца со посебни потреби, а доколку  бидат поднесени, Општината ќе излезе во пресрет и ќе ги обезбеди“

Демант на тврдењето на ВМРО-ДПМНЕ објави и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, на неговиот ФБ профил.

Да споменеме дека досега (11.09.2019) во јавноста немаше ниту една реакција на родители на деца со посебни потреби за евентуален селективен пристап на Општина Карпош при доделувањето стручни асистенти (како што тврди ВМРО-ДПМНЕ). Да имаше такво нешто, родителите на овие деца ќе беа првите кои ќе реагираа уште пред опозициската партија.

 

ИЗВОРИ:

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција