Општина Карпош отворa нови паркови за миленици
ПАРКОВИ ЗА МИЛЕНИЦИ На повеќе локации во Карпош, во консултација со здруженијата за заштита на животните, ќе отвориме паркови за домашни миленичиња, со цел да создадеме уреден простор за милениците
[Извор: Изборна програма на Стефан Богоев за локалните избори 2017 – „Живот во Карпош за сите“ (стр.26) , датум: октомври 2017]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев за локалните избори (октомври 2017) вети дека на повеќе локации во Карпош ќе бидат отворени паркови за домашни миленичиња. Проектот е дел од предизборната програма на Богоев , „Живот во Карпош! За сите!“ (стр. 26), и неговата реализација е „во тек“.
Изминативе неколку месеци во Општината се отворени два нови парка за миленици. Во септември (2018) локалната самоуправа постави ваков парк на Кејот на Вардар во близина на Алпинистичката карпа. Станува збор за поголема површина, заградена и опремена со урбана опрема (клупи за седење и корпи за отпадоци).
Како што информираа медиумите, градоначалникот Богоев на неформалната средба со граѓани – сопственици на кучиња разменил мислења за одржувањето на паркот, подигнувањето на свеста кај сите граѓани за односот кон животните, а била изразена подготвеност и за заедничко организирање настани на оваа локација.
На почетокот на март (2019) во Општина Карпош е отворен уште еден парк за миленици, во населбата Влае 2, долж Кејот на Вардар во близина на фудбалското игралиште. Медиумите информираа дека во новоотворениот парк се одржала и маалска дружба на која бил и градоначалникот Богоев, како и претставници од Кинолошкиот сојуз, како асоцијација што се занимава со проучување на кучињата и нивните расни карактеристики. Како што беше пренесено, Богоев ја истакнал намерата на локалната самоуправа да продолжи со вакви проекти и зони за миленичиња.
Овој дел од Влае целосно се оплеменува. Имаме повеќе спортски игралишта, детско игралиште, зеленило, а сега и парк за миленици. Во вистинска смисла ова е зона за рекреација на сите граѓани. (Богоев)
Имајќи предвид дека до крајот на мандатот на Богоев има повеќе од две години, како и најавата за отворање вакви паркови на други локации, ветувањето добива оценка „во тек“.
ИЗВОРИ:
- Предизборна програма на Стефан Богоев за локалните избори 2017-2020 година – „Живот во Карпош! За сите!“ (стр.26) [Пристапено на 17.04.2019]
- Грид (28.09.2018): Нов парк за миленици во Карпош [Пристапено на 17.04.2019]
- А1 ОН (28.09.2018): Нов парк за миленици во Карпош [Пристапено на 17.04.2019]
- Миленичиња (28.09.2018): Нов парк за домашни миленичиња во Карпош [Пристапено на 17.04.2019]
- Веб-страница на Општина Карпош (28.09.2018): НОВ ПАРК ЗА МИЛЕНИЦИ ВО КАРПОШ [Пристапено на 17.04.2019]
- Тајм.мк ( 02.03.2019): Влае 2 доби нов парк за миленици [Пристапено на 17.04.2019]
- Нова Македонија (02.03.2019): Нов парк за миленици во Влае 2 [Пристапено на 167.04.2019]
- Веб-страница на Општина Карпош (02.03.2019): НОВ ПАРК ЗА МИЛЕНИЦИ ВО ВЛАЕ 2 [Пристапено на 17.04.2019]
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар