Општина Карпош со субвенции за купување велосипеди
Општина Карпош ќе биде третата локална самоуправа во земјава што од наредната година (2018) ќе го субвенционира купувањето велосипеди од граѓаните. Од 2018 година во општинскиот буџет ќе бидат предвидени средства за поврат на дел од вложените средства на граѓаните за купување нов велосипед. Целта е да се омасови користењето на ова превозно средство од страна на граѓаните.
[ИЗВОР: Билд, Стефан Богоев, градоначалник на Карпош, датум: 14.12.2017 ]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ветувањето на градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев дека Општината ќе субвенционира при купувањето велосипеди, дадено на 14 декември минатата година (2017) на средба со претставници од неформалната група „На Точак“, е исполнето. Субвенционирањето велосипеди, инаку, Богоев го спомнува и во неговата предизборна програма за локалните избори 2017 година, насловена како „Живот во Карпош! За сите“ (стр.27).
На 23 април 2018 година Советот на Општина Карпош, консезуално ја изласа предлог-одлуката за давање согласност за распишување на Јавен оглас и спроведување постапка за одобрување субвенции на жителите на Општина Карпош за купување на нови велосипеди, која почнува да важи од 26 април 2018 година. Во веста објавена на веб-страницата на Општината и во медиумите , се вели дека локалната самоуправа ќе субвенционира во износ од 30 отсто од сумата на велосипедот, но најмногу до 3.000 денари финансиска помош за купување на нови велосипеди, по принципот „ прв пријавен, прв услужен“. За да се стекнат со ова право, жителите на Карпош треба да поднесат барање до архивата на Општината, фотокопии од лична карта и трансакциска сметка, како и оригинал фискална сметка со сметкопотврда, (за купен велосипед не порано од 26 април 2018 година). Во истата информација има и најава од градоначалникот Богоев, дека поради големиот интерес за оваа субвенционирана помош, по исцрпување на предвидените финансиски средства од буџетот на Општината, со негов ребаланс ќе се обезбедат нови финансии за продолжување на оваа практика и во иднина.
Сакаме да ја зголемиме атрактивноста на велосипедот како превозно средство и затоа започнуваме со оваа мерка, која е дел и од мојата програма за работа, Патем, тој најави дека за старт на оваа мерка веќе се издвоени 300.000 денари, но доколку се утврди исклучително голем интерес кај граѓаните, за што веќе има индиции, износот на средства за овие субвенции драстично ќе се зголеми, веќе со првиот нареден ребаланс на Буџетот на Општина Карпош, рече Богоев во изјавтата што ја даваше на Кејот на реката Вардар, местото каде што во септември минатата година ја започна изборната кампања.
На веб-страницата на Општината има посебно поле „Субвенции за нови велосипеди“ , преку која граѓаните можат да се информираат кои докумнети треба да ги достават во Архивата на Општина Карпош за да аплицираат за субвенции.
ИЗВОРИ:
- Билд (14.12.2017): И Општина Карпош од 2018 година ќе субвенционира купување велосипеди [Пристапено на 25.04.2018]
- Предизборна програма за локалните избори 2017-2020 година – „Живот во Карпош! За сите“ (стр.25) [Пристапено на 25.04.2018]
- Грид.мк (14.12.2017) Општина Карпош од 2018 година ќе субвенционира купување велосипеди [Пристапено на 25.04.2018]
- Тајм.мк ( 24.04.2018): За карпошани 3.000 денари субвенции за велосипеди [Пристапено на 25.04.2018]
- Плусинфо (24.04.2018): За карпошани 3.000 денари субвенции за велосипеди ВИДЕО [Пристапено на 25.04.2018]
- Веб-страница на Општина Карпош (23.04.2018): Субвенции за купување на нови велосипеди во Карпош [Пристапено на 25.04.2018]
- Веб-страница на Општина Карпош (24.04.2018): Карпош на точак – активирај се! [Пристапено на 25.04.2018]
- Веб-страница на Општина Карпош: Субвенции за нови велосипеди [Пристапено на 25.04.2018]
Оцени: Оливера Војновска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар