Општина Кисела Вода ги дигитализираше административните услуги за граѓаните
Со ставањето во функција на новата интернет страница и достапноста на уште 20 нови дигитални услуги, остварено е ветувањето на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски за Кисела Вода како функционална е-општина. Дигитализацијата на административните услуги на Општината ќе ја подобри транспарентноста, отвореноста и ефикасноста на локалната самоуправа, а воведувањето на дигитални услуги овозможува значително олеснување на процедурите за граѓаните и бизнис заедницата, намалувајќи го ризикот од можна корупција
Со ставањето во функција на новата интернет страница и достапноста на уште 20 нови дигитални услуги, остварено е ветувањето на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски за Кисела Вода како функционална е-општина. Дигитализацијата на административните услуги на Општината ќе ја подобри транспарентноста, отвореноста и ефикасноста на локалната самоуправа, а воведувањето на дигитални услуги овозможува значително олеснување на процедурите за граѓаните и бизнис заедницата, намалувајќи го ризикот од можна корупција
Во предизборната програма за локалните избори што се одржаа на 17 октомври 2021 година, градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски меѓу другите ветувања од програмската платформа „Гарантираме – Создади нова иднина“, меѓу стратешките приоритети за идниот развој го наведе и концептот на Кисела Вода како паметна општина.
Ветување: Во период од една година ќе се направи дигитализација на сите административни услуги кои ги дава Општината и граѓаните, и компаниите ќе можат да поднесуваат барања и да добиваат документи од Општината по електронски пат. Сите предмети, од денот на приемот до денот на решавање, граѓанинот ќе може да го следи преку веб-страницата на Општината. Закажување состаноци со градоначалникот, како и со администрацијата ќе биде овозможено и по електронски пат. Седниците на Советот на Општина Кисела Вода ќе се емитуваат во живо на социјалните медиуми.
[Извор: Платформа „Гарантираме за Кисела Вода – Создади нова иднина“; датум: 17.10.2021]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Орце Ѓорѓиевски како кандидат за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ во предизборната програма најави дека Општина Кисела Вода ќе стане е-општина со дигитализирани услуги за граѓаните. На 17.05.2025 беше објавена достапноста на уште 20 нови дигитални услуги на новата интернет страница, со што е остварено неговото ветување за Oпштина Кисела Вода како функционална е-општина.
Продолжува дигитализацијата на општина Кисела Вода. Уште 20 нови дигитални услуги на интернет страницата на општина Кисела Вода. Запишување на децата во градинка по електронски пат, пријава за инспекциски служби, поставување директни прашања до градоначалникот, или до советниците се едни од 20-те нови дигитални услуги што општината Кисела Вода ги воведе денеска. Овие услуги се достапни на новата општинска интернет страница https://opstinakiselavoda.gov.mk/ и со ова продолжува дигитализацијата на општината започната пред речиси две години, стои во соопштението на Општина Кисела Вода.
Дигитализацијата на административните услуги на Општината според градоначалникот Ѓорѓиевски ќе ја подобри транспарентноста, отвореноста и ефикасноста на локалната самоуправа, а воведувањето на дигитални услуги овозможува значително олеснување на процедурите за граѓаните и бизнис заедницата, намалувајќи го ризикот од можна корупција.
Новите услуги преку апликацијата – која е дел од проектот што го спроведува УНДП со Швајцарската влада и Министерството за локална самоуправа – овозможуваат следење на системот на јавни набавки, плаќање на такси поврзани со општината.
Нема да има повеќе уписи преку врски во градинки. Родителот од дома ќе може да аплицира, да наведе за која градинка е заинтересиран и за истата да аплицира. Со тоа и ние како локална самоуправа точно ќе знаеме во секој момент колкав број на деца има за упис, каде има потреба од отворање на дополнителни капацитети, посочи Ѓорѓиевски.
На новата општинска интернет страница https://opstinakiselavoda.gov.mk/ засегнатите граѓани можат да добијат информации од разни области, од изводи на урбанистички планови и субвенции, до резултати од конкурси, репертоар на киното Кисела Вода, преноси од седниците на Советот на Општината…
Фото: Принтскрин opstinakiselavoda.gov.mk
Според изнесеното, оценката за ветувањето на градоначалникот Ѓорѓиевски за дигитализацијата на административните услуги на Општината е – исполнето.
Вистиномер во повеќе наврати ги анализираше предизборните ветувања на градоначалникот Ѓорѓиевски (види овде, овде,овде и овде), а ова ветување спаѓа меѓу остварените.
Извори:
- (17.10.2021) Платформа „Гарантираме за Кисела Вода – Создади нова иднина“ – [проверено на 29.05.2025]
- (17.05.2025) Општина Кисела Вода Уште 20 нови дигитални услуги на новата интернет страница на Oпштина Кисела Вода – [проверено на 29.05.2025]
Оцени: Стојан Синадинов
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар