Општина Кисела Вода остана без ветената нова Противпожарна станица
Без разлика што Општината ги направила сите подготовки и адаптации за нова Противпожарна станица и без разлика на сите кавги меѓу градоначалниците на скопските општини од редовите на ВМРО-ДПМНЕ со градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, само направените „подготовки и адаптации“, апелите за „поголема соработка меѓу локалната и централната власт“, заложбите за „приоритетност на реформите во противпожарната заштита“, како и „решеноста и силниот оптимизам“, остануваат на нивото на политички флоскули кои не доведоа до реализација на функционална Противпожарна станица во Општина Кисела Вода
Без разлика што Општината ги направила сите подготовки и адаптации за нова Противпожарна станица и без разлика на сите кавги меѓу градоначалниците на скопските општини од редовите на ВМРО-ДПМНЕ со градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, само направените „подготовки и адаптации“, апелите за „поголема соработка меѓу локалната и централната власт“, заложбите за „приоритетност на реформите во противпожарната заштита“, како и „решеноста и силниот оптимизам“, остануваат на нивото на политички флоскули кои не доведоа до реализација на функционална Противпожарна станица во Општина Кисела Вода
Во предизборната програма за локалните избори што се одржаа на 17 октомври 2021 година, градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски меѓу другите ветувања од програмската платформа „Гарантираме – Создади нова иднина“, во делот „Приоритетни проекти на Општина Кисела Вода за сите луѓе“, вети дека Општината ќе добие нова противпожарна станица.
Ветување: НОВА ПРОТИВПОЖАРНА СТАНИЦА ВО КИСЕЛА ВОДА. Во Кисела вода нема противпожарна единица. Со цел решавање на овој проблем, Општина Кисела Вода ќе изготви градежно-техничка документација и во соработка со Градот Скопје ќе изгради нова противпожарна станица во Кисела Вода.
[Извор: Платформа „Гарантираме за Кисела Вода – Создади нова иднина“; стр. 18; датум: 17.10.2021]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Поминаа четири години откако Орце Ѓорѓиевски е избран за градоначалник на Кисела Вода на локалните избори во 2021 година. Ѓорѓиевски и во 2022 година најавуваше дека Општината ќе добие нов противпожарен дом, но на два месеца пред претстојните локални избори во октомври 2025, Општина Кисела Вода не ја доби ветената нова противпожарна станица. Ѓорѓиевски не го исполни ветувањето од предизборната програма за изградба на нова противпожарна станица во Општината која, како што често пати нагласуваше во предизборната програма, по површината е една од најпространите во Градот Скопје.
Градоначалникот Ѓорѓиевски во март 2022 година најави отворање на нов Противпожарен дом во простор од објектот на АД „Цементарница Усје“, кој би ја покривал територијата на Општина Кисела Вода, а бенефит би имале и жителите на уште една општина, Сопиште.
Ова е еден голем проект кој ќе донесе голема корист на жителите на општина Кисела Вода, па и пошироко. Ова, пред сè ќе значи можност за побрза реакција при несаканите настани, бидејќи, за жал во минатото често се случуваше и покрај силната желба да се помогне, големата оддалеченост да го стори своето, па објектот целосно да изгори, а неретко да има дури и човечки жртви, додека да пристигне екипата од Противпожарната бригада во Драчево. Истата е во близина и на Сопиште, со што освен жителите на Кисела Вода, бенефит ќе имаат жителите на уште една општина, изјави во таа прилика градоначалникот Ѓорѓиевски.
Во октомври 2024 година Општина Кисела Вода доби противпожарно возило како донација од Шпаркасе Лизинг, по повод 15 години постоење на компанијата на македонскиот пазар, но Општината го отстапила возилото на Противпожарната бригада на Град Скопје.
Секое лето, а посебно изминатово, сите видовме колку лесно и брзо може да се запали и прошири пожар, загрозувајќи го животот, домот и природата и за жал увидовме дека е неопходно подобрување на капацитетите на нашата Противпожарна Бригада… Наш следен чекор, како локална самоуправа е да ѝ го понудиме ова возило на Противпожарната бригада, со цел, таа да може побрзо и ефикасно да реагира и да ги заштити граѓаните, а пред сѐ жителите на општина Кисела Вода, изјави Ѓорѓиевски на тој настан.
ЗЕЛС со години апелира за приоритетност на реформите во противпожарната заштита. Само со заедничка посветеност на централната и локалната власт можеме да изградиме ефикасен систем кој ќе ги заштити нашите граѓани. Превенцијата е клучниот елемент за справување со предизвиците. Само со заедничка посветеност, централната и локалната власт можат да изградат систем кој ќе биде подготвен да одговори на сите кризи- истакна Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, пишува меѓу другото во соопштението на Општина Кисела Вода.
Ѓорѓиевски во таа прилика ги истакнал напорите на Општина Кисела Вода за подобрување на локалната заштита и спасување.
Набавивме ново противпожарно возило, кое ќе биде ставено на располагање на противпожарната бригада за подобра ефикасност при интервенции. Обезбедивме и простории за нова противпожарна станица. За жал, иако се направени сите подготовки и адаптации, оваа станица сè уште не е функционална поради причини познати на градоначалничката на Скопје. Дополнително, набавивме мултифункционален багер за расчистување на речните корита, кои често се главната причина за излевање на реките и поплави-истакна Ѓорѓиевски, апелирајќи за уште поголема соработка меѓу локалната и централната власт за решавање на системските проблеми и изразувајќи силен оптимизам за поддршката што сè повеќе се покажува од страна на централната власт.
Без разлика што Општината ги направила сите подготовки и адаптации за нова Противпожарна станица и без разлика на сите кавги меѓу градоначалниците на скопските општини од редовите на ВМРО-ДПМНЕ со градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, само направените „подготовки и адаптации“, апелите за „поголема соработка меѓу локалната и централната власт“, заложбите за „приоритетност на реформите во противпожарната заштита“, како и „решеноста и силниот оптимизам“, остануваат на нивото на политички флоскули кои не доведоа до реализација на функционална Противпожарна станица во Општина Кисела Вода.
Затоа ова ветување на градоначалникот Ѓорѓиевски го оценуваме како – неисполнето.
Извори:
- (17.10.2021) Платформа „Гарантираме за Кисела Вода – Создади нова иднина“ – [проверено на 13.008.2025]
- (16.03.2022) Time.mk Противпожарен дом во Кисела Вода – [проверено на 13.008.2025]
- (16.03.2022) Порта 3 Нов Противпожарен дом во дел од објектот на АД „Цементарница Усје“ – [проверено на 13.008.2025]
- (03.10.2024) Плус Инфо КИСЕЛА ВОДА ДОБИ ПРОТИВПОЖАРНО ВОЗИЛО Ќе може да го користи и скопската Противпожарна бригада – [проверено на 13.008.2025]
- (18.12.2024) Општина Кисела Вода Ѓорѓиевски: Современите предизвици на системот за заштита бараат заедничка посветеност на централната и локалната власт – [проверено на 13.08.2025]
- (09.08.2025) Радио Слободна Европа Гаши ги распиша локалните избори, првиот круг на 19. октомври – [проверено на 13.008.2025]
Оцени: Стојан Синадинов
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар