Оркестрирано новинарство

08022015-RepublikaZaevSnima-crop-resize

[Рецензија: „Вечер“: Заев сниман со законска дозвола, фајловите кај Заев се криминални и шпионски]

Колку и да се трудите да најдете оправдување и аргументи за насловот на оваа медиумска содржина, нема да најдете.

Ништо не е испочитувано од дел од преамбулата на Кодексот на новинарите која вели:

Следејќи ја својата улога во градењето на демократијата и на цивилното општество, новинарите ќе ги бранат човековите права, достоинството и слободата, ќе го почитуваат плурализмот на идеите и на ставовите, ќе придонесуваат за зајакнување на правната држава и во контролата на власта и на другите субјекти од јавниот живот.

Следуваат аргументите што имаа намера да ги поткрепат нашите почетни ставови од оваа рецензија.

08022015-RepublikaZaevSnimaЛинк до оригиналниот напис: „Вечер“: Заев сниман со законска дозвола, фајловите кај Заев се криминални и шпионски

Датум и време на објавување: 05.02.2015, 12:32

Датум на рецензирање: 08.02.2015

Рецензент: Зоран Бојаровски

Оваа медиумска содржина е интересна од аспект на „фрејмување“, ставање на одредена порака, теза, идеjа во една однапред подготвена рамка, контекст, за да се засили интензитетот на некој посакуван диригиран процес, да се обои нешто во боите на посакуваното.

Познатата теоретичарка на медиумите и на политичкиот маректинг, Барбара Феч, вели:

„Моќта на медиумите се огледа и од бројните истражувања кои покажуваат дека хиерархизирањето и врамување на вестите, може да истакне или да занемари одредени политички фигури и активности пред јавноста.“

Феч уште вели:

„Покрај тоа, медиумите може да функционираат како систем за рано предупредување за одредени прашања и за проблеми, кои власта и политичките партии одбиваат или одложуваат да ги вклучат во своите политички агенди.“

Оттаму, ако земеме предвид дека оваа содржина е компилација од повеќе различни новинарски текстови објавени во деновите што претходеа на медиумската содржина што ја рецензираме, нема друг заклучок освен дека таа нема сама за себе новина и само потврдува дека има цел да „фрејмува“ и да предупредува.

Како инаку да се толкува компилирањето на делови од други текстови на кои единствен заеднички именител им е да се нагласи однапред подготвената теза дека лидерот на опозицијата е „сниман со законска дозвола“ (?!?) и дека „фајловите кај Заев се криминални и шпионски“.

Опозицискиот лидер е однапред обвинет, докажано виновен и осуден, само врз основа на некакви експерти кои зборуваат за сосема општи работи, кои се однесуваат на тоа како може да се монтира некаков аудио или видеоматеријал, но тоа нема врска со актуелните теми.

Патем, „странските“ експерти се професори на Факултетот за информатички технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид, оној формиран од Владата, како дел од реформите на високото образование.

Прашалниците и чуденките, пак, кај она „сниман со законска дозвола“ (?!?), се однесуваат на тоа дека текстот нема ниту јота од некакви аргументи дека имало налог од обвинителството за посебни истражни мерки за следење на лидерот на опозицијата, зашто само така некој разговор може да биде сниман.

Оттаму, манипулација и дезинформација во насловот.

Ах, да! Да не заборавиме, прекршени се најмалку два члена од Кодексот на новинарите, член 8 и член 14:

„…судските постапки мора да бидат ослободени од сензационализми.Во судските постапки треба да се почитува принципот на пресумпција на невиност, да се известува за сите инволвирани страни во спорот и да не се сугерира пресуда.“

„Известувањето од политичките процеси, посебно од изборите треба да биде непристрасно и избалансирано. Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти.“

Исто така, тоа што овој текст е пренесен од друг медиуми, никако не е алиби за порталот што го објавил. Напротив, направил само да се мултиплицираат неговите грешки.

И на крајот, што да се каже, освен – оркестрирано новинарство. Партитурата е напишана надвор од редакцијата, инструментите поделени, и тоа само дувачки и удирачки. Останува само да дуваат и да удираат.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција