Основниот суд во Охрид еден од најнетранспарентните судови во земјава

Михал Орела, CC BY 2.0 , via Wikimedia Commons

Иако според законот судот мора да има назначено лице за односи со јавност – портпарол од редовите на судиите, во Охридскиот суд портпарол до денес нема.Основниот суд Охрид има официјална веб-страница, објавен е и календар на судења, но судските случаи се назначени со броеви на предметот, што на јавноста и новинарите не им ја олеснува работата, бидејќи тешко може да добијат број по однос на одредена судска постапка, која сакаат да ја следат

Иако според законот судот мора да има назначено лице за односи со јавност – портпарол од редовите на судиите, во Охридскиот суд портпарол до денес нема. Основниот суд Охрид има официјална веб-страница, објавен е и календар на судења, но судските случаи се назначени со броеви на предметот, што на јавноста и новинарите не им ја олеснува работата, бидејќи тешко може да добијат број по однос на одредена судска постапка, која сакаат да ја следат. Новинарите од Охрид во февруари годинава реагираа за затвореноста на Основниот суд Охрид и до Судско-медиумскиот совет.

 

Пишува: Соња Рилковска

 

Основниот суд во Охрид еден од најнетранспарентните судови во земјава. Институцијата не ги исполнува показателите за пристапност, совесност, интегритет и транспарентност. Ова го потврди и истражувањето на ACTION SEE, со кое беше измерено нивото на отвореност на институциите во текот на 2016/2017/2018 година. Во 2016 година, најзатворен, односно најнетранспарентен суд бил Охридскиот, кој исполнил само 24,78 отсто од индикаторите.

Инфографик: Мета 2019

Состојбата не е променета ниту денес, две години подоцна од истражувањето објавено на Мета во 2019 година.

Иако според законот судот мора да има назначено лице за односи со јавност – портпарол од редовите на судиите, во Охридскиот суд портпарол до денес нема.

 

Новинарите тешко доаѓаат до информации за судските случаи кои се од јавен интерес

Фактот што Охридскиот суд нема назанчено портпарол сериозно ја отежнува работата на новинарите. При секоја потреба од информација приморани се да тропаат од врата на врата или да го бараат претседателот на судот, кој  пак, согласно функцијата има зголемен обем на обврски. Ваквата ситуација ја компликува и отежнува работата на медиумите и новинарите и влијае и на информирањето на јавноста за теми од јавен интерес. Токму поради тоа Основниот суд Охрид потребно е час поскоро да назначи лице портпарол за комуникација со медиумите, вели Горан Момироски претседател на ЗНМ регионална канцеларија Охрид.

Основниот суд Охрид има официјална веб-страница, но местото портпарол и канцеларија за односи со јавност се празни.

Објавен е и календар на судења, но судските случаи се назначени со броеви на предметот, што на јавноста и новинарите не им ја олеснува работата, бидејќи тешко може да добијат број по однос на одредена судска постапка, која сакаат да ја следат.

„Вистиномер“ стапи во контакт со претседателот на Оснивниот суд во Охрид, Васил Баткоски, кој вели дека ваквата состојба ја наследил при неговото доаѓање на фукцијата

Овде сум една година – како што дојде ковид пандемијата, јас ја наследив состојбата. Постојано се разгледува ова како прашање, назначување на портпарол судија, но сè уште во тој поглед немаме ништо конкретно. Се надевам дека во иднина ќе го решиме и тоа прашање. Немаме доволно луѓе, доколку на некој судија му ја дадеме и таа одговорност нема да може да ги исполнува работните обврски. Во поглед на транспарентноста, отворени сме кон новинарите и јавноста. Еве јас стојам на располагање за сите информации кон медиумите, ни рече Баткоски.

 

Судска (не)транспарентност

За промовирање и зајакнување на судска транспарентност и поголема соработка меѓу судовите и медиумите, во септември 2018 година формирано е посебно тело во рамките на Здружение на судии на Република Северна Македонија, Судско-медиумски совет.

Целта на ова тело е да ги обедини судиите и новинарите и поттикнува дискусија за прашања од заеднички интерес, насочени кон понатамошно зајакнување на судската транспарентност и овозможување на јавен пристап до информации за судски случаи.

Во рамките на овој проект издаден е и Прирачник за судии и новинари насловен „Транспарентно судство“, каде, меѓу другото, е наведено:

Последните неколку години трендот на негативна перцепција за работата и отвореноста на судството во Северна Македонија беше забележан во пошироката јавност. Оваа состојба е резултат на повеќе фактори, како што се недоволна отвореност на судовите, недостаток на брифинзи за новинари, недостаток на соодветни обуки за судски персонал за односи со јавност или „ПР судии“ и недостаток на унифицирани стандарди на судско известување, а со намера на избегнување на сензационализам и дезинформација и други идентификувани проблеми.

Во Прирачникот, исто така, пишува дека реформите за пристап до правда и информации се релевантни поради нивното потенцијално влијание врз функционирањето и работењето на самите судски органи.

Судовите треба да бидат предмет на постојана контрола на јавноста и да бидат одговорни и транспарентни при вршење на своите функции бидејќи имаат обврска да и служат на јавноста во чие име ги донесуваат пресудите, стои во прирачникот.

Новинарите од Охрид во февруари годинава реагираа за затвореноста на Основниот суд Охрид и до Судско-медиумскиот совет.

Не сме задоволни од соработката со Основниот суд во Охрид. Како новинари немаме лице со кое што може да комуницираме во однос на прашања од јавен интерес. Судиите и обвинителите воопшто не се транспарентни и кооперативни. Иста е состојбата и со Битолска апелација, немаме лица за контакт информации за поедини случаи за кои се води постака, стои во писмената реакција на новинарите од Охрид испратена до Судско-медиумски совет.

 


Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција