„Остани дома“, има врска со науката и јавното здравје, а не со Нов светски поредок

Фото: скриншот од дел од постот

Остани дома – како синтагма за сите карантински и други мерки во спречување на ширењето на корона вирусот, се искористени во пост на Фејсбук за да се пласира дезинформација дека сето тоа е дел од невидливата влада што управува со Новиот светски поредок

Остани дома – како синтагма за сите карантински и други мерки во спречување на ширењето на корона вирусот, се искористени во пост на Фејсбук за да се пласира дезинформација дека сето тоа е дел од невидливата влада што управува со Новиот светски поредок

 

Пост на Фејсбук на македонски јазик, преку полувистини, невистинито тврди дека целата палета на рестриктивни мерки поврзани со спречување на корона вирусот, се поврзани со гушење на граѓанските права и слободи смислено, од некоја невидлива и замислена тајна влада на Новиот светски поредок.

Во постот, кој е прилично долг, се наведува:

ОСТАНИ ДОМА
* Остани дома: те оставивме без работа и ќе ја доведеме до банкрот твојата компанија, онаа што ти требаше толку многу години да ја создадеш.
* Остани дома – ние ќе одлучиме; во кое време ќе можеш да излезеш и под кои услови.
* Остани дома – дури и ако немаш пари да купиш храна.
* Остани дома – дури и ако na твојата стара мајка и треба твојата помош.
* Остани дома – и немој да ги гледаш твоите внуци, можат да те инфицираат.
* Остани дома – но продолжи да ги плаќаш сите даноци иако не создаваш приходи.
* Остани дома – додека ние ја распарчуваме економијата.
* Остани дома – затоа што ако излезеш надвор, ризикуваш да умреш од грип со смртност од два проценти.
* Остани дома – за да можеме да го извршиме нашиот план без протести.
* Остани дома – за да можеме да ја продолжиме нашата глобална агенда без мешање од твоја страна.
* Остани дома – ти оставаме листа на виртуелна забава за да не си поставуваш прашања за новата нормална состојба.
* Остани дома: ние работиме напорно за да бидеш сигурен дека секој ден дополнително ги раскинуваме твоите фамилијарни и социјални врски.
* Остани дома – и биди внимателен што правиш затоа што твоите соседи се однесуваат исто како полицајци.
* Остани дома: не се изложувај на сончева светлина или бактерии, па така ќе завршиме да го уништиме твојот имунолошки систем.
* Остани дома: разговарај на телефон додека ги слушаме твоите разговори, така побрзо ќе ce приближиме кон нашиот совршен план.
* Остани дома – не ги користи оние малку пари што ти останале, затоа што ние ќе ги извадиме од оптек и ќе создадеме единствена светска валута со која уште повеќе ке те задолжиме.
* Остани дома – за да можеме да се искачиме на радиоактивните кули без твое знаење.
* Остани дома – и ако излезеш надвор, треба да носиш маска за да создадеш разделување, а не имунитет.
* Остани дома – држи се подалеку од сè што те прави човек, така што нашето мешање е посуптилно и нема да се чувствуваме виновни.
* Остани дома – вака го проучуваме твоето однесување додека е тоа норма.
* Остани дома – како кога моделот на Хитлер даваше наредби и луѓето ги почитуваа. Само тој тоа го стори со оружје, а ние сторивме со твојот страв.
* Остани дома – немој да се бориш за твоите граѓански права или за твоето семејство, ние сакаме да бидеш послушен, а не бунтовник.
* Остани дома: без плата, без празници, без патување, без иднина, без училиште, но со Netflix.
* Остани дома – бидејќи ние продолжуваме да управуваме со една диктатура преку твојата влада и тоето незнаење.
* Остани дома – Нашата цел не е твоето здравје, туку твојата покорност.

* Остани дома – во Новиот Светски Поредок

Полувистини користени како алатки за дезинформација

Во постот се користат полувистини или вистини од типот – Остани дома и немој да ги гледаш твоите внуци, можат да те инфицираат. Што е вистина, но, само половична, зашто рестрикциите од типот самоизолација или карантин не се воведува само поради потенцијално „опасните внуци“. Има и небулози и со ништо непоткрепени тврдења. На пример, Остани дома: разговарај на телефон додека ги слушаме твоите разговори, така побрзо ќе ce приближиме кон нашиот совршен план!? И покрај масовни скандали со поголем обем на прислушкувања, ниту може да се поврзе дека тоа се прави во целиот свет и на сите што имаат телефони, ниту, пак, може да се појасни „нашиот совршен план“. Како што не може никако да се објасни што значи во постот Остани домаза да можеме да се искачиме на радиоактивните кули без твое знаење !?

Има и невистина доведена до апсурд, а изградена врз вистинска бројка: Остани домазатоа што ако излезеш надвор, ризикуваш да умреш од грип со смртност од два проценти. Ова е класична невистина, иако е точно дека смртноста со грип е од еден до два процента од сите заразени. Зашто како прво, карантинските мерки не се однесуваат на грипот, туку на корона вирусот Сарс-Ков 2, кој ја предизвикува болеста Ковид-19, а чија смртност е значително поголема од грипот и во моментот изнесува помеѓу 3 и 6 проценти. Моменталната, денешната статистика на ниво на цел свет, говори дека од бројот на затворени, завршени над 33 милиони случаи со Ковид-19 и починати над 1,15 милиони, смртноста изнесува 4 проценти.

А, како второ, целосниот карантин никој не го препорачува или применува како трајно решение, туку само како една моментална оперативна мерка на здравствените власти, сè со цел да не дојде до колапс на здравствените капацитети за лекување на заболените од Ковид-19.

Сепак, овие полувистини и невистини, наредени десетина и повеќе, имаат една крајна цел. Таа се гледа во последната реченица: „Остани домаво Новиот Светски Поредок. Значи, крајната цел е да сугерира дека на сцена и во дело е „Нов светски поредок“

Овој прилично широк поим има длабоки корени во историјата, но, во 20-тиот век започнува со употребата на такви термини од страна на антинацистичките и антифашистичките политичари од типот на Винстон Черчил, па има друга конотација и употреба за време на блоковската поделба на светот, па трета во пост-комунизмот, четврта денес, итн. Иако за Новиот светски поредок се врзуваат десетина теории на заговор, основното е дека, до денес, ниту една не е докажана ни потврдена, а на следниот линк на Метабанк, може да се видат повеќето разобличувања на теориите на заговор за Новиот светски поредок, објавувани редоследно и хронолошки.

Би-Би Си, во една опширна анализа за теориите на заговор за Новиот светски поредок, појаснува дека тие се секогаш силни кога властите од која било причина не даваат повеќе информации, што резултира со масовна недоверба, што значи поврзани се и со транспарентноста при владеењето. А, колку се опасни овие теории на заговор, зборува и фактот што Европската унија има посебна страна посветена на теориите на заговор, каде што може да се види како тие да се препознаат и како да се спречи нивното ширење, како дел од општата борба против дезинформациите.

 

Цртеж – портрет на Асанж исползуван како илустрација на постот

Покрај текстуалниот дел на постот, во делот на фотографијата е поставен цртеж – портрет на Џулијан Асанж со стилизирана рака во форма на маска врз лицето, како метафора за тоа дека Новиот светски поредок се служи со забрана на говор.

Цртежот е на италијанскиот уметник Давид Дормино, скулптор и визуелен уметник што предава на Римскиот универзитет за фини уметности и чии проекти во последните десетина години се насочени кон охрабрување на слободата на говорот. Цртежот е објавен во февруари оваа година на страницата „За Асанж“ (forasange.com), но на постот што го рецензираме е надграден со кириличен текст со црвени букви „Јасно ли е сега?“.

На крајот, бидејќи овој пост што го рецензираме реферира на корона вирусот и Ковид-19 како повод, може да се употреби следниот наслов од колумнистот, доктор по историски науки Џон Робсон, кој во мај 2020, една своја колумна во „Нејшнл пост“ ја наслови: „Не постојат Ковид конспирации, постојат само луѓе кои веруваат во безумни идеи“.

Постот што го рецензираме, патем, од 24 октомври 2020 г. во 01 часот по полноќ, откако е поставен, има преку 70 коментари и преку 500 споделувања, што само покажува колку овие теории на заговор се лепливи и податни и за нашите корисници на социјални мрежи.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција