Остри критики за мерките против дезинформации на албанската Влада

 

Пишува: Дрилон Салиу

 

Во декември 2018 година, премиерот на Албанија, Еди Рама, најави мерки против дезинформирањето. По неговата најава дека е време за решение против клеветите и дезинформациите, беа презентирани два предлог-законa во кои се предвидуваат 11 мерки, меѓу кои и законска регистрација на он-лајн медиумите, обелоденување на нивната сопственост и на нивните извори на финансирање. За прекршителите  беа најавени беа и строги казни, почнувајќи од парични, блокирање за одредено време, па сѐ до целосно затворање на он-лајн медиумот.

Најавените мерки наидоа на остри реакции од медиумската јавност, особено креирањето на систем за регистрација, конкретно за онлајн медиумите. Oова беше критикувано како форма на „лиценцирање“ на слободата на говорот, додека создавањето мониторинг систем од страна на аудио-визуелниот медиумски орган беше протолкувано како институција за цензура. Медиумските организации, пак, ги сметаа овие предлог-закони како неуставни и штетни за слободата на изразување.

Во декември лани, седум меѓународни организации за слобода на медиуми ја повикаа Владата да ги повлече предлог-законите, сметајќи ги за досега невидени на европскиот континент.

Организациите веруваат дека двата предлог-закона, во форма и во дух, се во спротивност со Уставот на Република Албанија и со европското право. Тие претставуваат целосно непотребно ограничување на слободата на изразување и слободата на медиумите и содржат ризик од создавање полициски режим кон он-лајн медиумите, се вели во писмото потпишано од Европската федерација на новинари, Европскиот центар за медиуми и слобода на печатот, ПЕН Интернешнл и Репортери без граници.

Александар Чипа, слободен аналитичар во Тирана и претседател на Унијата на албанските новинари, кој ја потпиша изјавата на десетина медиумски организации против пакетот закони, вели:

– Двата предлог-закона, со кои се менуваат сегашните закони, не беа подготвени во консултација/дискусија со засегнатите страни. Агенциите за применување на овие закони се јавни, административни институции, кои се избрани од страна на политиката и не можат да станат гаранти на слободата на интернет медиумите. Казните не се пуштаат од страна на новинарите и уредниците на Интернет со што се креираат сите предуслови за цензура и автоцензура.

За предлог-законите реакции и анализи имаше и од ОБСЕ мисјијата во Албанија. Оттаму се вели:

Идниот закон треба да ги почитува меѓународните стандарди и обврските за слобода на изразување и да не влијае негативно на слободата на медиумите во земјата.

Сепак, на 3 јули 2019 година албанската Влада со неколку интервенции ги усвои овие предлог-закони и тие би требало да се најдат пред албанскиот Парламент во текот на овој месец (октомври).

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција