Отфрлена студија не може да е доказ за повисока стапка на болести кај вакцинираните деца

Фото: Charlein Gracia on Unsplash

„Хенри Форд Хелт“ го осуди, намерното извртување на информациите и ширењето на дезинформации на оваа тема што претставува директна закана за јавното здравје.

„Хенри Форд Хелт“, американски национално признат академски медицински центар и научно-истражувалка институција  го осуди намерното извртување на информациите и ширењето дезинформации што во случајов претставува директна закана за јавното здравје. Центаро издал и писмо за прекин на активностите до креаторите на „документарецот“ во кој невистинито се тврдело дека здравствениот систем потиснал нацрт-истражувачка работа поради резултатите на студијата

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видеоматеријал и пишува:

Вакцинација – една од најголемите гревови и злостори вршени над човештвото! Под итно стопирање на кемтрејлс (запрашување од небото, воздухот особено од авиони со разновидни бојни отрови, особено со сарин, рицин, графен оксид, метали и хемиски средства), труење на храната (ГМО храната) и водата, уништување на сите наводни „вакцини“ против наводниот „ковид 19“ како и на сета поставена 5Г мрежа во светот!

Во склоп на објавата во видеоматеријалот адвокатот на мрежата „информирана согласност“, Арон Сири вели дека „истражувачите открија дека вакцинираните деца имаат 4,29 пати повисока стапка на астма, 3.03 пати повеќе атописки болести, 5.96 пати повеќе автоимуни болести и 5,53 пати повеќе невроразвојни пореметувања вклучително 3,28 пати повеќе доцнење во развојот и 4.47 пати повеќе проблеми со говорот“.
Сите овие наводи се статистички значајни. Има и други состојби кои се почести кај вакцинираните, а непостоечки кај невакцинираните – АДХД, потешкотии во учењето, интелектуални потешкотии и тикови, на пример има 262 случаи на АДХД кај вакцинираните, а ниеден кај невакцинираните. Во оваа студија има 16 илјади вакцинирани деца и 2 илјади невакцинирани. Стапката меѓу нив е важна. Овие наводи се загрижувачки зашто хроничните проблеми може да настанат поради пореметување на имунитетот, а вакцините може да предизвикаат такви пореметувања. Сè на сè, студијата покажа дека после 10 години, 17 проценти од невакцинираните деца имале хронични здравствени проблеми, додека 57 проценти од вакцинираните деца имале барем еден здравствен проблем, а честопати повеќе од еден. Тоа е 17 проценти наспроти 57 проценти, вели тој.

Станува збор за студија од „Хенри Форд Хелт“ од каде излегоа со демант и осуда за како што велат „тврдењата дека системот ги потиснува истражувањата“. Од „Хенри Форд Хелт“ предупредија против опасните вирални дезинформации и невистини. Целото соопштение може да го погледнете овде.

Овој признаен академски медицински центар и истражувачка институција, издал дури и писмо за прекин на активностите до креаторите на „документарецот“ во кој невистинито се тврдело дека здравствениот систем потиснал нацрт-истражувачка работа поради резултатите на студијата. „Хенри Форд Хелт“ исто така го осуди, како што наведоа, намерното извртување на информациите и ширењето на дезинформации на оваа тема што претставува директна закана за јавното здравје.

Постојат многу фактори кои одредуваат дали еден истражувачки труд треба да се поднесе за разгледување од страна на научни списанија или на друг начин да се сподели со јавноста. Во овој случај, нацрт-верзија на трудот од 2020 година, кој имаше за цел да ги спореди здравствените исходи кај вакцинираните и невакцинираните деца, веднаш беше отфрлен по првата внатрешна рецензија од страна на колегите поради сериозни проблеми со неговите податоци и методологија. Тие недостатоци вклучуваа: Примерокот на невакцинирани пациенти беше многу различен од примерокот на вакцинирани, со повеќе машки, повеќе бели деца, помалку предвремено родени и помалку со респираторен дистрес при раѓање. Невакцинираниот примерок беше многу мал во споредба со вакцинираниот примерок. Времето за мерење на појавата на болеста беше многу пократко кај невакцинираните деца. Една четвртина беа следени само до шестмесечна возраст, а 75 отсто беа следени само до 3-годишна возраст, што е пред лекарите со сигурност да можат да дијагностицираат хронични педијатриски заболувања. Нацртот споредуваше повеќе вакцини наспроти без невакцинираните, наместо специфична вакцина наспроти невакцинираните. Не беше земен предвид бројот на вакцини или времетраењето помеѓу вакцините и појавата на болеста. Упатствата за вакцини се менуваат со текот на времето, но тоа не беше земено предвид, наведуваат оттаму.

Исто така, додаваат дека нацрт-документот никогаш не бил разгледан за поднесување до научни списанија, бидејќи ни приближно не ги исполнувал ригорозните научни стандарди што ги бара системот – истите стандарди што ги имаат и списанијата. Тврдењата дека „Хенри Форд Хелт“ ги задржал или ги потиснал резултатите од јавноста се клеветнички и вознемирувачки, важно е јавноста да ја добие вистината, бидејќи семејствата треба да носат здравствени одлуки врз основа на точни и основани претпоставки. Во објава на социјалната мрежа „Икс“, Џефри Морис, биостатистичар и професор на Универзитетот во Пенсилванија, изрази загриженост за степенот на пристрасност во материјалот. Конкретно тој забележува дека при користење на здравствените услуги тие не се користеле подеднакво кај вакцинираните и кај невакцинираните групи. Вакцинираните деца имале просечно 7 годишни посети на клиника, без оглед дали имале или не хронична здравствена состојба, а невакцинираните деца имале две годишни посети на клиника.

Ова е важно, бидејќи неколку хронични здравствени состојби што беа опфатени во студијата, како што се невроразвојните нарушувања, бараат повеќекратни посети на клиниката за правилно дијагностицирање. На пример, нарушувањето на вниманието и хиперактивноста (ADHD) најчесто бара три до четири посети на клиниката за дијагностицирање, напиша Морис.

Затоа, помалата инциденца на хронични здравствени состојби забележана кај невакцинираната група може да се објасни со тоа што кај оваа група е помала веројатноста да посети лекар – и помала е веројатноста да им бидат дијагностицирани медицинските состојби – отколку затоа што оваа група била поздрава. Џејк Скот, специјалист за заразни болести на Медицинскиот факултет „Стенфорд“, вели дека студијата не регистрирала ниту еден случај на ADHD кај околу 1.900 невакцинирани деца. „Како е тоа можно со национална преваленца од 11 осто? Тоа е многу малку веројатно, освен ако состојбата не останала недијагностицирана“, рече тој. Друга индикација дека разликата во користењето на здравствените услуги влијаела врз резултатите од студијата, рече Скот, е откритието дека инфекциите на ушите биле шест до осум пати повисоки кај вакцинираните деца, иако нема докази што покажуваат дека вакцините ги зголемуваат инфекциите на ушите.

Како што пишува „Сајнс Фидбек“, друг проблем биле значајните разлики во основните карактеристики помеѓу вакцинираните и невакцинираните деца. Имено, вакцинираната група вклучувала значително поголем дел деца со мала родилна тежина, предвремено породување, траума при раѓање и респираторен дистрес при раѓање. Овие фактори го зголемуваат ризикот од идни медицински состојби, па затоа треба да се земат предвид кога се разгледуваат стапките на хронични медицински состојби. Во спротивно, тие го создаваат она што истражувачите го нарекуваат збунувачки ефект, кој може или да создаде илузија за поврзаност таму каде што не постои, или обратно да ја скрие вистинската поврзаност. На крајот, Морис забележува и дека вакцинираната група била следена подолго време од невакцинираната група. Ова создало „повеќе можности за дијагноза – особено за состојби што обично се идентификуваат по запишувањето во училиште (приближно меѓу 5–10 години)“. Студијата (нацрт-документот) на „Хенри Форд Халт“ содржи неколку важни недостатоци што ја ограничуваат нејзината валидност. Прво, тоа е разликата во користењето на здравствената заштита помеѓу вакцинираните и невакцинираните групи, што прави поверојатно да се откријат состојби кај вакцинираните деца, додека истите состојби веројатно ќе се пропуштат кај невакцинираните деца.

Спротивно на тврдењата на противниците на вакцините, студијата не дава веродостојни докази за причинско-последична врска помеѓу вакцинирањето во детството и одредени хронични медицински состојби. Други објавени студии што користат здрава методологија не откриле дека вакцинацијата во детството е поврзана со полошо здравје.

Вистиномер веќе го има дебанкирано тврдењето дека „вакцинацијата е најголемо злосторство против човештвото“ овде. Теоријата на заговор за „кемтрејлс“ заедно со таа за „боевите отрови“ е побиена.„Вистиномер“ повеќе пати ги дебанкираше и невистините поврзани со 5Г мрежата. Ковид пандемијата не беше наводна туку вистинска. Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција