Oткако ги забрани, сега Судот бара презентирање на содржини од прислушуваните разговори

Може/не може со прислушуваните разговори. Фото: википедија/pixabay

Судот од Специјалното јавно обвинителство бара содржини од прислушуваните разговори – откако го оспори нивното користење како доказ!

 

Судот од Специјалното јавно обвинителство бара содржини од прислушуваните разговори – откако го оспори нивното користење како доказ!

 

Пишува: Александар Георгиев

 

Основниот суд Скопје 1 – Скопје преку соопштение на 10.06.2016 г., за предметот на СЈО, во јавноста познат како „Тврдина“, го истакна следното:

Судија на претходна постапка при Основен суд Скопје 1 – Скопје постапувајќи по предлог на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО) за определување мерки притвор лицето Г.Г., како и предлог за определување мерки за претпазливост за лицата Г.Ј. Н.Б. В.С. и Т.Ј., сите опфатени во предметот на СЈО во јавноста познат како „Тврдина“, со допис се обрати до СЈО дека во предлозите против горе наведените лица не доставиле докази на кои се повикуваат на наредбата за спроведување на истражна постапка, односно докази на кои се базира основаноста на сомнението на начин што ќе биде образложено дали кривичните дела произлегуваат од конкретна содржина на незаконското следење на комуникации, за кој период, како и да ја презентираат содржината, како би се утврдило дали предлогот за определување мерка притвор и предлогот за определување мерки за претпaзливост СЕ ПОДНЕСЕНИ ОД ОВЛАСТЕН ТУЖИТЕЛ во смисла на лен 166 од ЗКП и член 17 ст. 1 од ЗКП вв со чл. 2 и чл. 5 ст. 1 од Законот за СЈО.

Ова од причина што во предлозите на СЈО се наведуваат кривични дела наводно сторени во периодот по 25.02.2015 година и во периодот на втората половина на 2015 година до средината на март 2016 година, а во смисла на член 2 од Законот за СЈО каде е наведено дека „Неовластено следење на комуникации се дефинира како неовластено следење на сите комуникации извршено во периодот меѓу 2008 и 2015 година, вклучително, но не и ограничено на аудио снимки и транскрипти поднесени до Јавното обвинителство пред 15.07.2015 година“ – стои во соопштението од Кривичниот суд.

Како што може да се види, Кривичниот суд на еден начин ја оспорува надлежноста на Специјалното јавно обвинителство, преку барања да се презентираат тие снимки пред судот, за самиот суд да одлучи дали тие кривични дела произлегуваат од незаконитото следење на комуникациите и за кој период.

 

СО ШТО СЕ ЗАНИМАВА СУДОТ?

Членовите од законот на кои се повикуваат се однесуваат на надлежност, односно легитимацијата на овластениот тужител да може да бара судот да изрече мерка притвор и други мерки на претпазливост. Со други зборови, судот не се занимава со доставените докази и нивната содржина, или со сериозноста на кривичните дела , туку се обидува да ја оспорува надлежноста на СЈО во врска со овој предмет. Потенцирајќи ги датумите на кривичните дела со грубо толкување  на чл.2 од Законот за СЈО, може да се забележи дека цел е напаѓање на надлежноста на СЈО, без да се навлезе во суштината на предметот, дали тие кривични дела кои се сторени после периодот од чл.2 од Законот за СЈО, се во тесна врска со претходни потешки кривични дела, или, пак, се работи за продолжено кривично дело – за тоа судот не даде коментар.

Она што е контрадикторно, истиот Кривичен суд во септември минатата година одлучи снимките од телефонски разговори и траснкрипти, кои беа приложени како доказ во предметите за сторено кривично дело, по поднесена кривична пријава на Социјалdемократкиот Сојуз на Македонија, треба да се издвојат како незаконски прибавени докази, бидејќи не може да се користат и врз нив да се заснова судска одлука.

 

ДОПРЕНИОТ ГЛАС – ДОКАЗ ЗА НАДЛЕЖНОСТ!

Барањето на судот, СЈО  да докаже дали кривичните дела произлегуваат од конкретна содржина на незаконското следење на комуникации, е апсурдно. Од една страна Кривичниот суд го оспорува користењето на снимките како доказ, тврдејќи дека се прибавени на незаконит начин, а од друга страна бара нивно презентирање, за истите да бидат доказ дека кривичното дело произлегува од тие разговори, а со тоа и да ја оценува надлежноста на Специјалното обвинителство.

Самите прислушувани разговори се доволни да послужат како допрен глас дека се сторени одредени кривични дела, или да го насочат обвинителството да истражува дали воопшто се сторени кривични дела. Постапките на Специјалното обвинителство се базирaат на докази и факти кои се прибавени во истражните постапки, од кои можат да произлезат нови кривични дела и поголем криминал, отколку за она што се разговарало на снимките. Значи, не може грубо да се бара да се докажува за секое кривично дело во кој дел од прислушуваните разговори се наоѓа и слично, туку тие единствено служат како повод за поведување кривична постапка, во која преку истражни дејствија ќе се прибавуваат главните докази и факти врз кои ќе може да се заснова судската одлука.

Со ова се отвора простор за различно толкување, за тоа дали кривичните дела буквално се содржани и произлегуваат од содржината на прислушуваните разговори, и тоа да биде како основ за одбивање на  Специјалното обвинителство како неовластен тужител и целосно оспорување на надлежноста.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.

Оставете реакција