Отворен е стационар за бездомни животни во Штип

Фото: Принтскрин

 

Планираме да изнајдеме можности за локација и изработка на основен проект за изградба на центар за згрижување на бездомни животни.

 [Извор: Изборна програма на Благој Бочварски за локални избори 2017 година,  „Живот во Штип за сите“ (стр. 24), датум: октомври 2017]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на градоначалникот на Штип, Благој Бочварски за изградба на стационар за бездомни животни, дадено во кампањата за локалните избори (октомври 2017 година), е исполнето. Проектот е дел од неговата предизборна програма  „Живот во Штип за сите “,  во рамките на едно покомплексно ветување „Хуман третман за бездомни животни“ (стр.24).

Стационарот за бездомни кучиња е изграден минатата година во месноста Новакова чешма во Штип, но се чекаше  дозвола од Агенцијата за храна и ветеринарство за да се стави во функција. Во февруари (2019)  Агенцијата даде времена согласност од шест месеци за функционирање на прифатилиштето, по што тоа беше отворено.

На 17 април градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски заедно со директорот на ветеринарната станица Штип, Крсто Митев, извршија увид во работењето на прифатилиштето за бездомни животни, при што беше соопштено дека во овој објект Општина Штип преку јавните претпријатија инвестирала 1 милион денари.

Многу е важно да кажеме дека веќе сме во фаза да добивање на дозвола, во меѓувреме имаме употребна дозвола за шест месеци, а во овие три месеци склучивме договор на итни и неодолжни работи со Ветеринарната станица-Штип, за да врши заловување и третирање на бездомните животни од територијата на нашиот град…, изјави Бочварски.

Директорот на Ветеринарна станица – Штип, Митев,  истакна дека на сите бездомни кучиња, кои се заловени им е земено крв за испитување на болеста лишманија, а исто така  тие се чипирани,.

Моментално има заловени 27 кучиња на локациите кај Сењак и кај пионерски дом. На сите овие животни коишто се тука е земена крв за испитување на лајшманија, чипирани, вакцинирани против беснило и дел од нив се кастрирани.

Во наредниот период сите  кучиња коишто ќе бидат овде, ќе бидат исто чипирани, вакцинирани, евидентирани и вакцинирани, соопшти директорот на ветеринарната станица

Имајќи предвид дека стационарот за бездомни животни е изграден и пуштен во употреба, ова изборно ветување на градоначалникот Бочварски го сметаме за исполнето.

Да споменеме дека по отворањето на стационарот имаше реакција од Здружението за заштита на животните, „Анима мунди“, од каде оценија дека се работи за „ужасна импровизација и нехуман третман  на кучињата во Штип“.  

Во однос на времената дозвола за работа издадена од АХВ со која се стави во функција лимениот „стационар“ во општина Штип, во кој во лето ни камили не би опстоиле, а камоли кучиња, најгрубо се кршат одредбите од Законот за заштита и благосостојба на животните, како и Правилниот за техничките услови за прифатилишта, за што ќе поднесеме тужба, соопштија од Здружението.

На ваквите обвинувања  реагираше Aгенцијата за храна и ветеринарство од каде соопштија дека:

Одобрението за работа на ова прифатилиште издадено врз основа на направена инспекциска контрола со која е утврдена усогласеноста со одредбите од Правилникот за техничките услови за изградба на прифатилишта и законските одредби за заштита и благосостојба на животните.

Реагираа и од Општина Штип од каде што, исто така, ги отфрлија како неосновани обвинувањата дека спротивно на законските и подзаконските акти од областа на здравствената заштита и благосостојбата на животните, е добиено одобрение за отворање на прифатилиште за бездомни животни.

Ова прифатилиште е инвестиција на Општина Штип, кадешто е изградена бетонска платформа и уредени кафези за бездомните животни, со цел нивно негување, а и побезбедно движење на граѓаните.

Во иднина Општина Штип ќе работи на доуредување на ова прифатилиште, се со цел условите за овие бездомни животни да бидат на највисоко ниво. (Општина Штип)

ИЗВОРИ:

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција