Ова видео не го прикажува влезот на мигранти во Сеута, Шпанија
Видеото е објавено на 5 јули, 25 дена пред 30 јули 2026 година кога се случи влезот на мигранти во Сеута, Шпанија
Видеото е објавено на 5 јули, 25 дена пред 30 јули 2026 година кога се случи влезот на мигранти во Сеута, Шпанија. Oнлајн-алатки за откривање содржини генерирани со вештачка интелигенција укажуваат на присуство на ВИ на овој видеоматеријал
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видеоматеријал и пишува:
Преселба на народите 2026 година. Релација Мароко – Шпанија.
Објавата е споделена во истиот временски период кога се јави кризата во северноафриканската шпанска ексклава Сеута, кога голем број лица од Мароко преминаа во Сеута. Според претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен, тие се вратени назад во Мароко и ниту еден од нив не стигнал до европското копно ниту до земјите на ЕУ.
Меѓутоа, видеото во објавата што ја рецензираме не ја прикажува мигрантска криза во Сеута, Шпанија. Снимката била објавена на социјалните мрежи неколку недели претходно, а две онлајн-алатки за откривање содржини генерирани од вештачка интелигенција укажуваат на присуство на вештачка интелигенција, пишуваат проверувачите на факти на „Лид Сторис“. Тие додаваат дека видеото било присутно онлајн уште на 5 јули.
Но во описот на таа објава од 5 јули немало ништо ни за Шпанија ни за Мароко. Кога различни фотографии односно кадри од видеото ќе се постават во алатката за проверка на содржини креирани со помош на вештачка интелигенција, резултатите што се добиваат се дека веројатноста да се работи за кадри креирани со вештачка интелигенција е 80 проценти. Кога „Вистиномер“ го постави конкретниот кадар во сервисот за проверка на содржини креирани со вештачка интелигенција ZeroGPT, добивме резултат дека се работи за фотографија со 80 проценти веројатност дека е креирана со вештачка интелигенција.


Проверувачите на факти на „Лид Сторис“ имаат детектирано конкретни неконзистентности, чудни кадри каде луѓето се премногу блиску залепени едни до други, кадри каде изгледа како луѓето да имаат 3 нозе итн, коишто исто така сугерираат дека видеото е неавтентично.
Кога ќе се погледне истата снимка која ја има во објавата што ја рецензираме, а е објавена речиси четтири недели пред кризата во Сеута Шпанија, поточно на 5 јули 2026 година, евидентно е дека описот на снимката не кореспондира со конкретниот настан. Во описот пишува – Десетици илјади луѓе се упатија во посета на Сефине на планината Џуди оваа година.
Поради сите горенаведени факти оценуваме дека во објавата што ја рецензираме се пропушта контекстот. Видеото е објавено на 5 јули, 25 дена пред 30 јули 2026 година кога се случи влезот на мигранти во Сеута, Шпанија.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар