Пандемијата на Ковид-19 ги „прешалтува“ изборите во четири земји

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борбата против дезинформациите во регионот, односно од Хрватска на север, до Грција на југ.

Српскиот сервис за проверка на фактите и за борба против дезинформациите Istinomer.rs во фонот на одредени најави дека во Србија би можело наскоро да се случи „одмрзнување“ на изборниот процес, кој беше одложен поради пандемијата од новиот корона вирус, ги разгледува опциите за тоа како би изгледале изборите.

Притоа како пример се земаат изборите што се одржаа во Јужна Кореја, размислувањата за изборите во САД ,како и опциите за претседателските избори во Полска.

Istinomer.rs потсетува дека на изборите на 15 април во Јужна Кореја, при што излезноста била дури 66 отсто, што е најголема излезност уште од 1992 година, а тоа делумно се должи што е првпат дозволено гласање на млади со навршени 18 години. Истовремено, потсетува српскиот сервис, дури 26 отсто од населението гласаше претходно (или преку пошта или на избирачки места поставени во карантинските станици, но сепак и голем дел од населението го победило стравот од заразување со новиот корона вирус и излегло на гласачките места.

Претходно им била мерена температура, морале да ги дезинфицираат рацете со гел, да носат маски и заштитни ракавици, а морале да бидат раздалечени еден метар. Оние со температура повисока од 37,5 гласале во посебни кабини, кои веднаш потоа биле дезинфицирани.

Тие што биле позитивни за корона вирусот, можеле да гласаат само во точно одредени термини на посебни гласачки места, а им било забрането да користат јавен превоз, туку морале да дојдат пеш или со соптвен автомобил.

Истовремено, САД е се поблиску до одлука граѓаните наместо да излегуваат до гласачки места, да гласаат по пошта, како постапка што би ги смалило шансите да се намали ширењето на новиот корона вирус. Сепак, со тоа се сврзани одредени проблеми, пред се противењето од некои луѓе коишто велат дека некои сојузни држави пребргу го прифаќаат гласањето по пошта што немаат озбир кон некои категории граѓани, како лица со посебни потреби, лица што немаат поштенска адреса, потоа луѓето што претходно не гласале, како и оние што не се подготвени во последен миг да се прилагодат на роковите за гласање по пошта.И Полска е близу до ситуацијата своите претседателски избори, планирани за следниот месец да ги одржи со гласање по пошта. Полскиот министер за здравјето, Лукаш Шумовски рече дека нормални избори со излегување на гласачките места би можеле да се очекуваат најрано за две години, а ако политичарите не се сложат изборите да бидат одложени за две години, епидемиолошки е можно само гласање по пошта.

Според анкетите, опозицијата, но и големо мнозинство на државјаните на Полска, бараат владата да прогласи елементарна непогода (што опфаќа и епидемии),а тоа би отворило можност претседателските избори закажани за 10 мај, да се одложат за три месеци.

Владејачката партија „Право и правда“ и нејзиниот лидер Јарослав Качински инсистираат нов претседател да се бира во определениот рок, оти анкетите на нивниот кандидат, актуелниот претседател Анджеј Дуда му даваат најголеми шанси за победа во првиот круг, додека ако изборите се одложат, според анкетите, за победникот би се решавало во несигурен втор круг.

Инаку, „Право и правда“ со гласовите на своите пратеници, на 6 април го измени изборниот закон и овозможи сите граѓани на Полска да гласаат по пошта наместо да излезат пред гласачките кутии. Но Министерството за надворешни работи предупреди дека поради пандемиајта нема да може да ги организира изборните процеси во многу земји, а не е јасно ниту дали полската Пошта ќе биде во состојба за толку кратко време да се подготви за такво гласање во земјата, потсетува Istinomer.rs.

 

извор: Meta.mk

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција