Пандемијата не беше измислена, а вакцините не се најголем грев и злостор
Објавата не нуди никакви докази за своите тврдења, ниту пак, конкретни примери кои би ги поткрепиле наводите дека вакцините се најголемиот грев и злосторство против човештвото и дека пандемијата била измислена со цел да се спроведе некаков геноцид врз луѓето. Очигледно е дека целта на објавата е да шири теории на заговор. Вакви фабрикувани објави коишто се дел од една поширока антиваксерска кампања, сериозно може да му наштетат на здравјето на луѓето, но и на колективното јавно здравје
Објавата не нуди никакви докази за своите тврдења, ниту пак, конкретни примери кои би ги поткрепиле наводите дека вакцините се најголемиот грев и злосторство против човештвото и дека пандемијата била измислена со цел да се спроведе некаков геноцид врз луѓето. Очигледно е дека целта на објавата е да шири теории на заговор. Вакви фабрикувани објави коишто се дел од една поширока антиваксерска кампања, сериозно може да му наштетат на здравјето на луѓето, но и на колективното јавно здравје
Анализираме објава на Фејсбук која вели:
AHHH BE BEKIM SALI, TI KAKO PORANEŠEN, A I DRUGITE MINISTRI ZA ZDRAVSTVO VO VLADATA NA R.S. MAKEDONIJA, DALI IMATE VINA I VRŠENO ZLOSTORSTVO NAD GRAĐANITE NA MAKEDONIJA, SO AGITIRANJETO… ZA OPŠTO “VAKCINIRANJE” I “VAKCINIRANJE” PROTIV NAVODNIOT “KVK-19”, KAKO I SORABOTKATA SO PRIVATNATA, ZLOSTORNIČKATA “SVETSKA ZDRAVSTVENA ORGANIZACIJA” (KOJA ŠTO JA FINANSIRA SO NAD 60% ZLOSTORNIKOT, SATANISTOT BIL GEJTS, OD ELITATA NA “DLABOKATA DRŽAVA”)… ???
“VAKCINACIJA” – EDNA OD NAJGOLEMITE GREVOVI I ZLOSTORI VRŠENI NAD ČOVEŠTVOTO… !!!
Објавата изнесува неколку тврдења за кои не нуди никакви докази и факти, а кои Вистиномер за истите има пишувано во многу наврати и ги има дебанкирано.
Објавата прво тврди дека пандемијата на ковид-19 била лажна, нарекувајќи го вирусот „наводниот ковид-19“, за да се вакцинираат луѓето, односно да се изврши злосторство врз нив. Теоретичарите на заговор кои тврдат дека пандемијата била лажна постојано го ширеа наративот за некаков план да се затворат граѓаните, да им се одземат слободите, да се контролираат, да се намали популацијата, но и да се измамат за да веруваат во „непостоечка пандемија“. Антиваксерите, пак, упорно тврдат и ден денес дека вакцините против ковид-19 биле измислени за да се спроведе злосторство, односно геноцид на човештвото. Токму и објавата што ја анализираме ја шири оваа теорија на заговор.
Вистиномер досега во многу наврати има пишувано дека пандемијата и коронавирусот не беа измислени, туку реални. Рецензиравме голем број објави на социјалните мрежи кои пишуваа дека коронавирусот и пандемијата се измислени. За оваа теорија на заговор, за којашто нема никакви докази, не постојат ниту научни студии кои го потврдуваат тоа. Напротив, овој вирус во светски размери и во нашата земја, одзема многу животи и го промени начинот на функционирање во сите општествени сегменти.
Вирусот беше идентификуван од кинеските власти на 7 јануари 2020 година. Со оглед на брзиот раст на бројот на заразени и на починати во многу држави, СЗО на 11 март 2020 година прогласи пандемија.
Вакцините против ковид-19 не предизвикаа геноцид, туку спасија животи на милиони луѓе ширум светот, но најмногу од сè помогнаа да се зголеми колективниот имунитет, поради кој пандемијата спласна заедно со варијантите кои се променија во помалку агресивни.
Објавата, исто така, ја шири и добро познатата теорија на заговор за сатанисти и некаква длабока држава која управува со светот, притоа нарекувајќи ја Светската здравствена организација сатанистичка.
Теоријата на заговор за некакви си сатанисти, на некоја длабока држава и за некаков план за депопулација е добро позната теорија за која Вистиномер има пишувано во повеќе наврати и истата е производ на движењето Кју Анон. Според оваа теорија, една мала недефинирана група на политичари раководат со светот и му мислат лошо на мноштвото од населението, заговараат депопулација, се бават со педофилија.
Според описот на Белингкет (bellingcat.com) Кју анон е теорија на заговор којашто лажно тврдеше дека американскиот претседател Доналд Трамп (во првиот мандат) долго работел на тоа да ги победи „сатанистите, педофилите, длабоката држава и кабалата“ (често употребувани зборови во наративите на промоторите). Освен во САД, оваа теорија на заговор е проширена во многу држави и од неа се создадени други опасни наративи, како на пример, оние што ги шират антиваксерите.
Што се однесува на делот од објавата во кој се вели дека СЗО е злосторничка и сатанистичка организација финансирана и управувана од „сатанистот Бил Гејтс“, станува збор за конструкција и невистина. Воспоставената релација меѓу посебните независни држави и СЗО е на начин што тие се членки на СЗО. Како што е објаснето на страницата на Светската здравствена организација, сите држави кои се членови на Обединетите Нации може да станат членки на СЗО преку прифаќање на Уставот на СЗО. Други држави може да се пријават како членки кога нивната апликација ќе биде прифатена од мнозинството на Светското здравствено собрание. Според Уставот на СЗО, целта на СЗО е сите луѓе во светот да достигнат највисоко ниво на здравје. За да ја оствари оваа цел, СЗО како координативно и директивно тело за меѓународни здравствени прашања, може да има соработка со ОН, специјализирани агенции, здравствени владини администрации, професионални групи, може да им помага на владите на нивно барање да ги зацврстат нивните здравствени услуги, да пружа техничка помош при катастрофи, како и помош во кризи на барање на владите, да дава на барање на посебните држави статистички епидемиолошки податоци. А, една од работите наведени во Уставот е тоа дека СЗО ќе стимулира и ќе унапредува активности за да се искоренат епидемиите, ендемските и другите болести.
Исто така, СЗО според нејзиниот Устав има можност да предлага конвенции, договори и регулативи и да дава препораки кои се однесуваат на меѓународни здравствени прашања.
Земјите членки на СЗО пристапуваат во СЗО доброволно, а не зашто некој им го наметнува тоа. Доказ за тоа е што Лихтенштајн, иако е членка на ОН, не е членка на СЗО.
На крајот, објавата без никакви понудени докази тврди дека вакцинацијата е еден од најголемите злостори извршени над човештвото, што не е точно.
Вакцинацијата помага да се стават под контрола над 20 болести како туберкулоза, дифтерија, детска парализа, сипаници, заушки и многу други, кои без вакцините би биле смртоносни за многу луѓе ширум светот. Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека вакцинирањето спречува два до три милиони смртни случаи од болести во светот секоја година.
Имунизацијата претставува еднo од најголемите достигнувања во историјата на медицината и е најбезбедна, најефикасна и економски најоправдана превентивна мерка, која директно придонесува за намалување на морбидитетот и морталитетот од заразните заболувања.
Објавата не нуди никакви докази за своите тврдења, ниту пак, конкретни примери кои би ги поткрепиле наводите дека вакцините се најголемиот грев и злосторство против човештвото и дека пандемијата била измислена со цел да се спроведе некаков геноцид врз луѓето.
Според тоа, објавата што ја анализираме ја оценуваме како невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар