Пандемијата не беше лажна, ниту вакцините беа измислени за да се направи геноцид
Вакцините против ковид-19 не предизвикаа геноцид, туку спасија животи на милиони луѓе ширум светот, но најмногу од сè помогнаа да се зголеми колективниот имунитет, поради кој пандемијата спласна заедно со варијантите кои се променија во помалку агресивни. Пандемијата не беше измислена туку реална и таа однесе илјадници животи. Тврдењата во објавата што ја анализираме се ништо друго освен обични теории на заговор, кои Вистиномер и други светски сервиси за проверка на фактите ги имаат дебанкирано
Вакцините против ковид-19 не предизвикаа геноцид, туку спасија животи на милиони луѓе ширум светот, но најмногу од сè помогнаа да се зголеми колективниот имунитет, поради кој пандемијата спласна заедно со варијантите кои се променија во помалку агресивни. Пандемијата не беше измислена туку реална и таа однесе илјадници животи. Тврдењата во објавата што ја анализираме се ништо друго освен обични теории на заговор, кои Вистиномер и други светски сервиси за проверка на фактите ги имаат дебанкирано
Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која изнесува низа непоткрепени со никакви докази тврдења во врска со ковид пандемијата.
Нешто с’клет ме фаќа овие денови кога читам дека се повеќе потврди има на планетарниот геноцид што се правеше во т.н. пандемија. Илјадници спортисти задрави- прави умреа, турбо канцерот коси низ цел свет, деца болни од срцеви болести од кои порано и старци не боледувале, спонтани абортуси во енормни бројки, зголемена смртност 500, 600%, аутопсии при кои се наоѓаат не згрутчувања на крвта, туку кабли од згрутчена крв… Не знам колку луѓе ми имаат речено дека после пелцот веќе се преполовени како личности и психички и физички… Се прашувам дали се свесни дека по болниците се случуваа масовни убиства, а сега се случуваат одложени постпелцувани самоубиства?…, стои меѓу другото во објавата.
Објавата изнесува неколку тврдења за кои не нуди никакви докази и факти, а кои Вистиномер за истите има пишувано во многу наврати и ги има дебанкирано.
Објавата прво тврди дека пандемијата на ковид-19 била лажна, нарекувајќи ја таканаречена пандемија која била измислена за да се направи геноцид врз луѓето. Теоретичарите на заговор кои тврдат дека пандемијата била лажна постојано го ширеа наративот за некаков план да се затворат граѓаните, да им се одземат слободите, да се контролираат, да се намали популацијата, но и да се измамат за да веруваат во „непостоечка пандемија“. Антиваксерите, пак, упорно тврдат и ден денес дека вакцините против ковид-19 биле измислени за да се спроведе геноцид на човештвото. Токму и објавата која ја анализираме ја шири оваа теорија на заговор.
Вистиномер досега во многу наврати има пишувано дека пандемијата и коронавирусот не беа измислени, туку реални. Рецензиравме голем број објави на социјалните мрежи кои пишуваа дека коронавирусот и пандемијата се измислени. За оваа теорија на заговор, за којашто нема никакви докази, не постојат ниту научни студии кои го потврдуваат тоа. Напротив, овој вирус во светски размери и во нашата земја, одзема многу животи и го промени начинот на функционирање во сите општествени сегменти.
Вирусот беше идентификуван од кинеските власти на 7 јануари 2020 година. Со оглед на брзиот раст на бројот на заразени и на починати во многу држави, СЗО на 11 март 2020 година прогласи пандемија.
Според објавата, која е предмет на нашата анализа, ковид-вакцините биле причина илајдници спортисти да починат „здрави прави“, турбо канцер да се шири и да коси низ цел свет, деца да имаат срцеви болести, бројот на спонатни абортуси да се зголеми енормно, а при аутопсиите на починати да се гледаат „кабли од згрутчена крв“.
Не е првпат на социјалните мрежи да се споделуваат лажни вести дека млади спортисти починале ненадејно или колабирале како последица на вакцината против ковид. Вистиномер на оваа тема има пишувано во повеќе наврати.
Ситуации во кои млади фудбалери ненадејно починале или колабирале не е ни новост ни реткост, имало во минатото и пред појавата на коронавирусот и вакцините за заштита од вирусот. Тие се споменуваат во спортската медицина и медицинските журнали.
Во британскиот журнал за спортска медицина пишува дека ненадејно престанување на срцето со работа (cardiac arrest – en, commotio cordis – lat.) меѓу фудбалерите, не може точно да се каже колку често се случува, но може да се предвиди дека 1 од 65 илјади спортисти до 1 во 200 илјади спортисти ќе го доживее ова. Во САД тоа значи дека секои три дена ќе има по еден случај на ненадејно престанување на срцето со работа кај фудбалер, и оваа појава е за 2,5 пати почеста отколку кај луѓе што не се спортисти!
Заклучокот на овој журнал е дека ненадејно престанување на срцето со работа е катастрофален настан кој може да доведе до смрт кај млад, здрав фудбалер. За да се превенираат вакви настани се прават скрининзи пред натпревар, но овој скрининг има свои недостатоци поради кои вакви настани ќе се случуваат и во иднина во фудбалот.
Не постои никаков доказ дека вакцините против ковид-19 на некаков начин се поврзани со предизвикување на карцином кај вакцинираните, или пак, влошување на нивната состојба доколку веќе се болни од карцином.
Вакцините против ковид имаат краткотрајни и минливи несакани ефекти, како замор и болка во местото на инјектирањето кои генерално може да се појават и кај лица што имаат карцином и кај оние кои немаат. До денес нема докази дека вакцините против ковид предизвикуваат рак или водат до влошување на состојбата од карциномот кај луѓе што веќе го имаат.
Вакцините против ковид беа тестирани во големи клинички студии кои помогнаа да се утврдат нивните почести несакани ефекти и студиите не покажаа линк меѓу вакцинацијата и појавата на карцином.
„Фајзер“, Центарот за контрола и превенција на болести и Агенцијата за храна и лекови на САД, за Лид Сторис изјавија дека нивниот мониторинг не открил каузална врска или безбедносен сигнал поврзан со карцином, а поврзан со вакцините против ковид-19.
Студиите немаат пронајдено поврзаност меѓу вакцинацијата и ризикот од лимфом.
Нема докази дека вакцините против ковид-19 предизвикуваат какви било компликации кои би довеле до зголемен број на срцеви удари. Нема ниту информација или доказ дека тие пациенти кои ја формираат повисоката бројка на лица со удари воопшто се вакцинирани. За разлика од вакцините, потврдено е дека болеста ковид-19 предизвикува кардиоваскуларни проблеми.
Студија од 2022 година објавена во Нејчр медисин (Nature medicine) покажа дека лицата со ковид-19 имаат повисок ризик од кардиоваскуларни болести и дека дел од нив ќе имаат срцев удар. Истражувањето, во кое беа вклучени повеќе од 150 илјади луѓе со ковид-19, покажа дека инфекцијата може да го зголеми ризикот од срцев удар, како и други болести на срцето и крвните садови, аритмии, тромбови итн.
Никаде не е докажано тврдењето дека ковид-вакцините предизвикуваат спонтани абортуси. Како што Вистиномер и претходно пишуваше, во светот постои вообичаена стапка на спонтани абортуси. Тие се случуваат без или со вакцинација, односно независно од вакциналниот статус на жената. Вакви абортуси со дадената стапка во светот се случувале и пред да постои вакцина против ковид-19. Податоците на реномираната „Мајо клиника“ во САД укажуваат на тоа дека 10 до 20 проценти од познатите забременувања завршуваат со спонтан абортус.
Но, вистинските бројки се веројатно и повисоки, бидејќи многу спонтани абортуси се случуваат многу рано во бременоста, дури и пред да знаете дека сте бремена, пишува на веб-страницата на „Мајо“ клиниката.
Иако податоците се ограничени, сепак Центарот за контрола и превенција на болести на САД тврди дека научниците немаат пронајдено зголемен ризик од спонтани абортуси меѓу луѓето кои примиле мРНК вакцина во раната бременост или пред да забременат.
Анализа од август 2021 година од Центарот за контрола и превенција на болести разгледува 2.500 бремени жени кои примиле мРНК вакцина пред дваесеттата недела од бременоста. Истражувачите пронашле стапка на спонтани абортуси од 13 проценти, што е слично на очекуваната стапка на спонтани абортуси кај општата популација.
Нема докази ниту дека вакцините против ковид-19 предизвикуваат згрутчување на крвта.
Вакви случаи на редок несакан ефект наречен тромбоза со синдром на тромбоцитопенија (ТЅЅ), беа пријавени во неколку земји на почетокот на процесот на имунизација против ковид-19 и истите беа поврзувани со вакцината на „АстраЗенека“.
И Светската здравствена организација (СЗО) официјално соопшти дека нема потврда дека вакцината предизвикува згрутчување на крвта.
Што се однесува до тврдењето дека во болниците се случувале масовни убиства, и тоа исто така не е точно. Во светот, бројни болнички установи имаа протоколи за лекување на пациентите со ковид-19 зависно од нивната клиничка слика. Да се каже дека сите кои починале во болниците „се убиени“ е чиста клевета, неосновано и непоткрепено обвинување без никакви докази. Вакви дезинформации беа пласирани и во С.Македонија, за време на пандемијата.
Вакцините против ковид-19 не предизвикаа геноцид, туку спасија животи на милиони луѓе ширум светот, но најмногу од сè помогнаа да се зголеми колективниот имунитет, поради кој пандемијата спласна заедно со варијантите кои се променија во помалку агресивни. Пандемијата не беше измислена туку реална и таа однесе илјадници животи. Тврдењата во објавата која ја анализираме се ништо друго освен обични теории на заговор кои Вистиномер и други светски сервиси за проверка на фактите ги имаат дебанкирано. Поради тоа, објавата ја оценуваме како невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар