Пандов веднаш би ставил катанец на невладините, ама не може

Се бара клуч за сите граѓански здруженија и фондации кои ја критикуваат власта Фото: Скриншот

 

Александар Пандов од движењето ГДОМ, кое ја поддржува владејачката ВМРО-ДПМНЕ,  на контрапротестот пред Собранието одржан на  21 април (2016),  побара привремено да се стопира работата на одредени граѓански организации и политички партии:

Ќе испратиме барање до Уставниот суд, којшто си го сакаме и си го почитуваме, да донесе одлука за времено  запирање на работа на сите граѓански здруженија, фондации и политички партии, коишто  во моментов ја рушат и ја урнисуваат Македонија .

[ Извор: Либертас  Датум: 21.04.2016 ]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Пандов истото го повтори и наредниот ден (22.04.2016) во емисијата „Пулт“ на Радио Слободна Македонија, појаснувајќи дека  ГДОМ се решиле на овој потег во консултација со „еминентни професори кои ги разбираат Уставот и законите“.

Македонија е демократска земја, со големи чекори се движи кон онаа современа демокартаија европска , американска, со слобода на говор, со многу медиуми. Но, ете таа слобода дозволува во општеството да се инфлитрираат разно разни структури, разно разни фондации, разно разни, во навдоници невладини организации, граѓански движења, а во даденава ситуација и политички партии кои не само што не и посакуваат добро на Македонија туку секојдневно гледаме како гледаат  да ги подријат што повеќе институциите на системот. Оттука, во консултација со еминентни професори кои го разбираат Уставот, кои ги разбираат законите, сметаме дека во овој период Уставниот суд е тој којшто може да ги спаси институциите. А ние како граѓани, еве како ГДОМ, како граѓанско движење чувствуваме потреба да поднесеме барање до Уставниот суд, со кое за сите такви граѓански движења, организации, фондации и политички партии ќе има времена мерка за забрана на функционирање во Република Македонија. (од 7,00 до 9,07 минута од видеото)

Ваквата изјава на Пандов  е политички мотивирана, паушална и невистинита.

Не знаеме со кои  „еминентни професори кои ги  разбираат Уставот и законите“, се консултирале во ГДОМ – бидејќи Пандов не ги посочи нивните имиња, но знаеме дека Уставот на Република Македонија  во поглавјето „Основни слободи и права на човекот и граѓанинот “,  ги гарантира слободата на говор и на граѓанско здружување.

Па така, во член 16 од Уставот, меѓу другото, е наведено

  • Се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

  • Се гарантира слободата на говорот, јавниот настап…

А, во член 20 од Уставот се вели:

  • На граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

  • Програмите и дејствувањето на здруженијата на граѓаните и политичките партии не можат да бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Републиката и кон поттикнување или повикување на воена агресија или разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост.

  • Забранети се воени или полувоени здруженија што не им припаѓаат на вооружените сили на Република Македонија.

Со Законот за здруженија на граѓани и фондации , пак,  прецизно се уредуваат начинот, условите и постапката за основање, регистрација, како и  престанокот на граѓанските здруженија.

Во членот 65 од овој Закон децидно е наведено дека:

Се забранува работата на организацијата ако:

  • нејзиното делување е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија,

  • поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска нетрпеливост или омраза,

  • активности поврзани со тероризам,

  • презема активности кои се спротивни на Устав или закон,

  • се повредуваат слободите или правата на други лица

Невладините организации на кои алудира Пандов (оние кои ја критикуваат власта и ги поддржаа масовните протести организирани од  граѓанската иницијатива „Протестирам“) своето делување го немаат насочено кон поткопување на уставниот поредок на државата (став 1  од член 65). Ниту пак, со своите досегашни активности и постапки демонстрирале оденесување опишано  како во останатите четири ставови од членот 65, кое би ја ставило под прашалник  нивната натамошна работа.

„Протестирам“ е граѓанско движење за мир, правда, демократизација на институциите и бара оставка и одговорност на сегашната Влада, а заедно со невладините организации на протестите повикуваат: претседателот Ѓорѓе Иванов да ја повлече Одлуката за аболиција и да си поднесе оставка, повлекување на одлуката за избори на 5 јуни и формирање на експертска влада.

Што значи, нивните активности не се насочени против уставниот поредок на државата, туку против начинот на кој актуелната политичка номенклатура ја практикува власта, а кој  се карактеризира со криминално однесување, егоизам, ароганција, расипништво  и аздисаност. На што, всушност, укажуваат и случаите кои ги отвори Специјалното јавно обвинителство врз основа на прислушуваните разговори.

Постапката за забрана на работа на граѓанските  организации, пак , е  регулирана во член 66 од Законот за здруженија на граѓани и фондации,  во кој се вели:

  • Секој може да поднесе иницијатива за забрана на работата на организациите пред надлежниот јавен обвинител.

  • Ако надлежниот јавен обвинител според седиштето на организацијата по службена должност или по поднесена иницијатива оцени дека постојат причини за забрана на работата на организацијата во согласност со овој закон, ќе поднесе предлог до надлежниот суд.

  • Постапката за забрана е итна.

Значи, адрестата за отпочнување постапката за евентуална забрана за работа на граѓанските организаци, не е Уставниот суд туку Јавното обвинителство. Доколку Пандов и неговите соборци од ГДОМ се сомневаат дека некои од граѓанските здруженија го подриваат уставниот поредок,  иницијатива за забрна на нивнта работа треба да поднесат до Јавното обвинителство, а доколку тоа процени дека постојат елементи за забрана, треба да иницира постапка пред надлежниот суд. Во таков  случај Пандов или некој друг претставник од ГДОМ, ќе треба во судска постапка да докаже дека некои граѓански организации сакаат да „ја рушат и  урнисаат Македонија“.

Што се однесува до барањето на Пандов за забрана на дејствување на политичките партии , во член 38 од Законот за политички партии  е предвидедно дека Уставниот суд може да ја испитува уставноста на програмата, или статутот на некоја партија:

  • Ако Уставниот суд на Република Македонија со одлука утврди дека програмата или статутот на политичката партија не се во согласност со Уставот на Република Македонија, Основниот суд Скопје – Скопје, како регистарски суд, врз основа на одлуката донесува решение за утврдување на престанокот на политичката партија.

  • Врз основа на решението од ставот 1 на овој член, Судот, политичката партија ја брише од Судскиот регистар.

Но, имајќи предвид дека член 3 од  Законот за политички партии  прецизно кажува дека:

Програмата, статутот и дејствувањето на политичките партии не можат да бидат насочени кон:

  • насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија;

  • поттикнување или повикување на воена агресија и

  • разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост,

јасно е дека партијата  која во своите програмски документи ќе предвиди активности кои се закана за уставниот поредок на државата, воопшто и не би можела да биде регистрирана.

Па, независно  од тоа што Пандов и ГДОМ, „си го сакаат и почитуваат Уставниот суд“(како што вели самиот) , неговата изјава дека ќе  побараат од Уставниот суд  „да донесе одлука за времено  запирање на работа на сите граѓански здруженија, фондации и политички партии, коишто  во моментов ја рушат и ја урнисуваат Македонија“,  е неаргументирана, законски неиздржана и ја оценуваме како „невистинита“.

Оваа изјава на Пандов наиде на реакции во јавноста и на остри коментари на социјалните мрежи. Во неговиот настап НВО Инфоцентарот препозна:

фашизам и повик за пресметка со сите неистомисленици на режимот на Никола Груевски. Вакво барање не смее да се изговори, а не пак, да се спроведе. Тоа ги погазува сите европски, демократски и цивилизациски вредности. Тоа претставува директен атак врз слободата на изразување и слободата на здружување. Фашизацијата и путинизацијата на Македонија не смее да се дозволи.

Впрочем, не е првпат претставници и приврзаници на владејачката партија, експерти кои ги величат потезите на партијата на власт, вклучително и медиумите – дежурни бранители на власта, жестоко да го напаѓаат невладиниот сектор, да етикетираат,  да  шират говор на омраза и да повикуваат на јавен линч на личности кои ги критикуваат политиките на ВМРО-ДПМНЕ.

Вистиномер, неодамна анализираше слична изјава како оваа на Пандов, дадена од еден друг експонент на власта – директорот на  Државниот  инспекторат за локална самоуправа, Ванчо Шехтански,  кој, инаку, е  лидер на вонпарламентарната партија Трајно македонско радикално обединување (ТМРО), која е дел од коалицијата „За подобра Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ.  Шехтански пред десетина дена (14.04.2016) го повика државниот врв ИТНО да донесе мерки за времена забрана на дејствување на сите невладини организации на територијата на Македонија“,  бидејќи биле „странски разузнавачки испостави“,  и не се занимавале со  својата регистрирана дејност, туку директно се впуштаат во политичко дејствување наменето против уставното уредување на Македонската држава. Оваа изјава на  Шехтански е оценета како невистинита.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Оливера Војновска

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција