„Паркирано“ ветувањето на Јакимовски за паркинзите низ Карпош

Фото: Колаж од официјална Фејсбук страна на Стевчо Јакимовски - John Matychuk on Unsplash

По три години од мандатот градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, сè уште не го исполни ветувањето дека ќе го реши проблемот со недостиг на паркинг места во општината. Ветено беше дека ќе се изградат неколку катни гаражи и повеќе платформи за паркирање низ населбите Карпош 1, 2, 3, Порта Влае, Тафталиџе. Во самата програма се наведени точните локации каде е планирано овие објекти да се изградат, ама од она што може да се види на терен, таму ама баш ништо не е сработено 

По три години од мандатот градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, сè уште не го исполни ветувањето дека ќе го реши проблемот со недостиг на паркинг места во општината. Ветено беше дека ќе се изградат неколку катни гаражи и повеќе платформи за паркирање низ населбите Карпош 1, 2, 3, Порта Влае, Тафталиџе. Во самата програма се наведени точните локации каде е планирано овие објекти да се изградат, ама од она што може да се види на терен, таму ама баш ништо не е сработено 

 

 

Ветување: Бесплатно паркирање и понатаму 

И понатаму во Општина Карпош паркирањето ќе биде бесплатно. Затоа, во нашата општина речиси да не може да се најде слободен дуќан. Тоа значи дека граѓаните имаат избор, добро снабдување и места каде што можат да се дружат. 

На повеќе места во Карпош 1; Карпош 3; Порта Влае; Млечен Ресторан; Болница 8-ми Септември и други места, во договор со граѓаните ќе изградиме катни гаражи како и паркинзи со рампа и далечински управувач за секој станар од тој дел на општината.

Поставување платформи за паркирање со далечински управувач за станарите помеѓу ул. „Гиго Михајловски“ бр.10 и бул. „Франклин Рузвелт“ бр. 63 и ул. „Орце Николов“ бр. 153.

Изградба на паркинг-простор (подрум, приземје и платформа) меѓу зградата на ул. „Гиго Михајловски“ бр. 4 и бул. „Франклин Рузвелт “ бр. 55 со далечински управувач за сите станари.

[Извор: Програма на Стевчо Јакимовски „Моќен сојуз. Јас и Вие!“ стр. 5 – 13.10.2021; објава на Фејсбук; – датум: 13.10.2021]

 

Образложение:

Градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, во својата предизборна програма „Моќен сојуз. Јас и Вие!“ вети дека ќе го реши хаосот предизвикан од недостатокот на паркинг места во неколку населби низ општината, со тоа што ќе изгради катни гаражи, платформи за паркирање и ќе постави рампи со кои ќе се ограничи паркирањето на возила близу станбени згради. Воедно, тој вети и дека паркирањето во Општина Карпош ќе остане бесплатно. До објавување на текстот ова изборно ветување на Јакимовски сè уште не е исполнето.

Карпош 1 и 2

За почеток, треба да се напомене дека Јакимовски, сепак неодолеа и воведе зонско паркирање во двете населби најблиску до општинската граница со Општината Центар. На први февруари годинава на општинската веб-страница имаше официјално известување  во кое беше најавено започнувањето на зонското паркирање во населбите Карпош 1 и 2:

Овој процес ќе се одвива во неколку фази, со цел да се овозможат подобри услови за паркирање, полесен пристап до паркинг места, како и полесен проток на возила во овие населени места, пишува на сајтот.

Зонско паркирање во Карпош   Фото: Вистиномер

Следно, на страниците бр. 8 и 9 и страниците бр.10 и 11 од Изборната програма на Јакимовски се наведува точно на кои улици и меѓу кои згради ќе се постават новите платформи и паркинг простори во населбите Карпош 1 и 2.

Поставување платформи за паркирање со далечински управувач за станарите помеѓу ул. „Гиго Михајловски“ бр.10 и бул. „Франклин Рузвелт“ бр. 63 и ул. „Орце Николов“ бр. 153. 

Изградба на паркинг-простор (подрум, приземје и платформа) меѓу зградата на ул. „Гиго Михајловски“ бр. 4 и бул. „Франклин Рузвелт “ бр. 55 со далечински управувач за сите станари.

Изградба на катна гаража кај Рударско-металуршкиот факултет.

На терен проверивме дали некои од ветените паркинзи во програмата на Јакимовски се изградени. Првото нешто што можеше да се забележи е дека постојните паркинзи на сите локации коишто ги посетивме беа преполни, дури имаше и паркирани возила на тревниците и тротоарите. Несомнено дека подобрувањето на условите за паркирање ќе биде од корист за граѓаните, но ситуацијата на терен покажа дека нема ама баш никакво поместување откога Јакимовски го даде ова ветување за време на локалните избори во 2021 година.

Прво проверивме до каде е ветената платформа за паркирање на ул. Руѓер Бошковиќ, ул.„Гиго Михајловски“ бр.10 и бул. „Франклин Рузвелт“ бр. 63 и ул. „Орце Николов“ бр. 153.

Како што може да се види, таа не е изградена. Жителка на ул. „Руѓер Бошковиќ“ – наспроти планираната платформа за паркирање, ни рече дека би било одлично доколку таму постои платформата за паркирање. Во моментот таа и станарите од нејзината зграда немаат каде да ги паркираат своите автомобили, бидејќи им е забрането тоа да го прават пред гаражите кои, според неа, никој не ги користи. 

Слика од терен од страната на Руѓер Бошковиќ, Фото: Вистиномер

Една улица подолу, меѓу „Гиго Михајловски“ бр. 4 и „Франклин Рузвелт“ бр. 63, каде што беше планирана платформа за паркирање меѓу зградите, состојбата беше иста.

Во истата населба, на улицата „Орце Николов“, наспроти зградата на Факултет за електротехника и информациски технологии, требаше да има катна гаража, на повеќе спратови.

Исто како и на претходните места и тука сегашната слика е преполн паркинг. На самата локација нема никакви градежни активности и ништо не укажува дека наскоро ќе започне да се гради катната гаража.

 

Карпош 3 и 4

За надминување на проблемот со паркирањето во населбите Карпош 3 и 4 беше ветено следното:

Поставување платформи за паркирање со далечински управувач за станарите пред зграда бр. 4, 6, 8, 10 и 12 на ул. „Никола Русински“. Изградба на катна гаража пред болницата бул. „8-ми Септември“

* * *

Поставување рампи со далечински управувач за сите станари на паркингот пред ТЦ „Антико“

Но во близина на Градската општа болница „8-ми Септември“ немаше никаква катна гаража. Потребата од некакво решение за проблемот со паркирање кај болницата е повеќе од очигледна, за влез на постојниот паркинг кој има малку места имаше редица на возила која се протегаше до самата улица „Бледски Договор“ и го закочуваше нормалниот проток на сообраќајот. 

Во соседната населба, Карпош 4, кај влезот за ТЦ Антико, односно за влезот кон надземниот паркинг и подземните гаражи, пред изборите во 2021 година беше најавено поставување на рампа. Ама, тука таква рампа не постои.

Фото: влезот према ТЦ Антико нема рампа, Фото: Вистиномер


Тафталиџе 1 и Влае

Решавање на проблемот со немањето паркинг места Јакимовски најави и за Тафталиџе 1 и Влае 2 (реонот околу Порта Влае):

Поставување платформа за паркирање на ул. „Дрезденска“. Поставување платформа за паркирање пред „Веро“

* * *

Изградба на платформа на паркинзите кај Порта Влае. Изградба на катна гаража на ул. „Васил Чакаларов“

Ниту на улица Дрезденска, наспроти Педагошки факултет „св. Климент Охридски“, ниту на улица Атинска кај паркингот кај Веро, во близина на лабораторијата Авицена, не може да се најдат платформи за паркирање или каква било промена од досегашната состојба. Но, на местото каде што треба да биде платформата за паркирање на Атинска, пак, е поставена рампа. Не е јасно кој ја поставил бидејќи на самата рампа пишува само „Приватен паркинг“. 

Потполно иста беше состојбата и позади редот на згради во Прота Влае.

Од сите места коишто ги посетивме, „паркингот“ на улицата Васил Чакаларов беше во најлоша состојба. Местото на кое е планирано да се направи катна гаража, не е ни поплочено ни асфалтирано, а насекаде има паркирани автомобилите, дури и на трева. 

Имајќи го предвид сето ова, ветувањето на градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски дека ќе ги регулира и уреди просторите за паркинг низ општината, може да се оцени како неисполнето.

Наспроти уверувањето на Јакимовски дека „во Општина Карпош паркирањето и понатаму ќе биде бесплатно“, некои делови од Карпош, сепак добија зонско паркирање. Исто така, ниту една од ветените платформи за паркирање и катни гаражи не поставена, и покрај тоа што има очигледна потреба од истите. Од мандатот на Јакимовски преостанува уште една година и прашање е дали ќе може да се реализираат само некои од планираните платформи за паркирање – за кои е потребен помал логистички и финансиски зафат, а камо ли па катните гаражи.

 

Извори:

 

Оцени: Матеј Тројачанец

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција