Партиите го бојкотираат носењето на законот за висока државна служба

Се кочи меритократскиот избор на високите службеници. Фото: Pixabay

Центарот за управување со промени заедно со Министерството за информатичко општество уште пред 3 години поднесоа Закон за висока државна служба. Со овој закон требаше на транспарентен начин да се избираат директори на јавни претпријатија и членови на одбори, комисии и други органи со што би се избегнала партизацијата и корупцијата

Центарот за управување со промени заедно со Министерството за информатичко општество уште пред 3 години поднесоа Закон за висока државна служба. Со овој закон требаше на транспарентен начин да се избираат директори на јавни претпријатија и членови на одбори, комисии и други органи со што би се избегнала партизацијата и корупцијата

 

Пишува: Горан Лефков

 

Со образложение дека Собранието не сака да се нафати да го донесе, Законот за висока раководна служба (ЗВРС) веќе три години е заглавен во собраниска процедура. Со него се предвидуваше избор на високи раководни службеници во институциите на јавен, транспарентен начин со имплементација на „мерит“ критериумите (систем на вработување и унапредување на службеници исклучиво врз основа на нивните способности – н.з.). Овој закон ги опфаќаше извршните директори и извршни секретари. Од анализата на регулативата произлегува дека во С.Македонија има 32 самостојни органи на државната управа и управни организации, регулирани со 29 материјални закони, а не со Законот за организација и работа на органите на државната управа.

Нури Бајрами, член на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) одблизу е запознаен со овој закон.

Во јули 2019 година се приклучив и јас како претставник од Државната комисија за спречување на корупцијата. Тогаш се направи многу посолидна верзија на законот, од тоа што денес е на маса. Тогаш требаше да се формира Комисија за селекција од страна на Собранието, со стручни лица предложени од разни институции и органи, како комисија што беше за нашиот избор во ДКСК. Првичната верзија беше добра да помине, барем како пилот проект, бидејќи и тогаш јас имав забелешки за опфатот. Некои институции беа исклучени, не беа опфатени како што се генералните секретари на самостојните тела, државните секретари на Министерствата, имаше и разни други институции, но еден добар дел беше опфатен. Таа верзија беше готова, ја објавија на ЕНЕР, па ја повлекоа“, додаде Бајрами.

Центарот за управување со промени (ЦУП) учествуваше во подготовка на Законот за висока раководна служба, во соработка со претставници на СИГМА, МИОА и надворешни независни експерти.

ЦУП се вклучи во подготовката на еден ваков закон, прв од ваков карактер кој ќе има за цел да ја професионализира високата раководна служба, да ги утврди правилата и критериумите за назначување на високи раководни службеници, за да можеме да ги добиеме најдобрите и најквалитетните кадри на највисоките раководни позиции, велат од ЦУП.

Дека е потребен нов пристап и департизација во поставувањето на високи раководни позиции во земјава потенцира и професорот на Правниот Факултет, Гордан Калајџиев.

Треба да се пробува да им се одземе таа моќ на партиите, посебно на партиските елити внатре во партиите. Ова е корумпирање на општеството преку политичките партии. По мене тоа е најголемиот и најстрашниот облик на корупција, каде има огромен број на влијанија на вработувања врз база на интересите на политичката елита, смета проф. Калајџиев.

Тој додава дека има смисла да се провери квалитетот и интегритетот на луѓето што се поставуваат на високи државни позиции. Сепак, политичките партии одлучуваат да го стават законот под тепих.

 

Пинг Понг со законот

Законот за висока раководна служба за прв пат на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) се појавува на 8 март 2019 година.

Владата го усвојува на 11 декември истата година. За на крајот да заврши во Собранието на РС Македонија.

Веројатно не им одговара, ни на власта, ни на опозицијата (зашто еден ден ќе бидат власт) да има јасни и строги критериуми за високите позиции, како и следење на нивниот перформанс во работењето, ова според ЦУП се причините за кои сеуште немаме квалитетен закон за висока раководна служба.

Во подготвеноста на властите да донесат квалитетен закон, со кој ќе се намали можноста за корупција, се сомнева и професорот Калајџиев.

Партиската елита успева да направи влијанија, независно дали дирекно или преку некои тела. Како што тоа успеа да го направи во Судскиот совет. Изборот се врши наводно преку независно тело, Судски совет, партиите успеваат нивните кадри да ги внесат во судството преку овој Совет. Иако формално Судскиот совет преку некои свои критериуми ги избира судиите преку стаж, искуство и резултати, политичките партии сепак успеваат врз база на партиски договор да ги внесат нивните кадри, смета проф. Калајџиев.

На крај, Законот беше вратен на повторна обработка.

 

Нов и неуставен закон за висока раководна служба

На 17 септември 2021 година на ЕНЕР се појави нов закон за висока раководна служба. Предлагач повторно е Министерството за информатичко општество и администрација.

За Нури Бајрами ова носење е симптоматично.

Според новиот предлог, Комисијата за избор и одборите за избор на кандидати за високи раководители сега треба да се формираат по предлог на Владата. По мене е многу дискутабилно, бидејќи во опфатот стојат и секретарите на општините. Ако комисијата за избор биде предложена од Владата, а во опфатот се и секретарите на општините, тоа е дирекно мешање на централната власт во локалната. Дадовме забелешки и ако не ги прифатат законот ќе биде противуставен, смета Бајрами.

Тој додава дека е подобро да не се носи новата верзија.

 

Бенефити од стариот закон

Апсурдноста на новиот предлог на Владата за законот за висока државна служба е што тој не предвидува избор на раководно лице според „мерит“ системот. Со постоечкиот закон услови се само да е државјанин на РС Македонија, да не е осудуван, да има сертификат за познавање на странски јазици, високо образование и 5 години работни искуство.

Не може и не смее да има оценување на квалитетот на работата на административните службеници, а за високите раководители да нема никаква отчетност и никаква оценка на нивната работа. Модернизација на државната администрација, квалитетот на администрацијата и квалитетот на оние кои ја управуваат, претставува клучен фактор за нивото на услугите и задоволството на граѓаните и фирмите што придонесува за развојот на општеството и за демократските процеси. Услугите на администрацијата се од суштествена важност за граѓаните, заради што е потребно е да се создаде современа, професионална и ефикасна јавна администрација, која ќе ги унапредува односите со граѓанинот, притоа ставајќи се во негова служба и во реализација на политиките кои треба да ги остварува, сметаат од ЦУП

Оттаму додаваат дека со нивниот предлог-закон ќе се врати изгубената доверба на граѓаните во институциите и во политичкиот систем – од дискреција во изборот и именувањата сега да добиеме отворен и конкурентен систем на избор на најдобрите и најквалитетните кадри на највисоките раководни позиции (секретари и директори). Ќе се направи јасна дистинкција меѓу политичкото и професионалното ниво на управување, како една од мерките на деполитизација, и ќе се изгради професионална администрација која ќе го брани јавниот и државниот интерес.

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција