Партиски лидери се изедначуваат со историски личности?!
Пишува Жаклина Цветковска
Рецензираме текст со наслов „Моќна фотографија на даскалите Христијан Мицкоски и Гоце Делчев “. Oбјавената фотографија на лидерот на опозицијата, веднаш до споменикот на Гоце Делчев e направена за време на митингот на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица.
Повод за овој текст е како што е наведено „моќната фотографија“, која упатува на историското значење на Делчев, но во истиот контекст е ставен и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и неговата порака од митингот дека за Делчев и другите историски личности од Илинденското востание нема преговарање, зашто тие се Македонија.
Во било која конотација, макар и од партиски митинг или да се работи за партиско соопштение, несоодветно е историско изедначување на партиски лидери и историски личности, особено не со историска фигура каква што е револуционерниот деец Гоце Делчев.
Со направеното вредносно изедначување и двајцата се именуваат со даскали, асоцирајќи на учителската професија на Делчев и универзитетскиот професор Мицкоски.
Во овој случај , различен временски и историски контекст и различна историска улога на значајни личности се употребени за „возвишување“ на партиски лидер во изборна кампања. Се користи и моментот на неусогласените ставови помеѓу Македонија и Бугарија за конфликтот околу националноста на Делчев за да се промовира став на политичка партија околу ова прашање.
И тоа не е спорно во изборна кампања на политика партија, која ги пренесува своите ставови и програмски определби и секако ги користи најсилните аргументи за добивање на поддршка кај гласачкото тело. Спорно е асоцијативното историско изедначување.
Најблаго речено неумесноста се „чита“ и од деловите на поместените биографии на Делчев и Мицкоски во написот, повторно асоцирајќи на иста историска вредност. Сепак, историското значење на Делчев и дневно-политичката актуелност на Мицковски се далеку од посакуваното равенство.
Фотографијата, колку и да е професионално или уметнички добро направена и моќна, што не е предмет на оценка или дискусија, во овој случај недвојбено е употребена за да се привлече гласачкото тело.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар