Партиските вработувања „традиционална“ пракса после секои локални избори
Во земјава има случаи после локални избори бројот на вработени во администрацијата на некоја општина да се зголеми и до 125 отсто. И тоа особено ако и новоизбраниот градоначалник и мнозинството во советот на општината се од иста партија, покажуваат истражувањата за вработувањата во локалните администрации направени во изминатите 10-ина години
Во земјава има случаи после локални избори бројот на вработени во администрацијата на некоја општина да се зголеми и до 125 отсто. И тоа особено ако и новоизбраниот градоначалник и мнозинството во советот на општината се од иста партија, покажуваат истражувањата за вработувањата во локалните администрации направени во изминатите 10-ина години
Пишува: Дрилон Салиу
Меѓу бројните проблеми со кои се соочуваат општините во Македонија се и партиските вработувања кои непотребно ги зголемуваат локалните администрации и натежнуваат врз општинските буџети. По секој циклус избори, по секој нов избран градоначалник, автоматски со него се вработуваат партиски членови како дел од неговиот тим, а тоа се случува и во другите сектори од локалната власт. Ова традиција е веќе јавна тајна, па, затоа локалните избори и кандидатите се сметаат за вид „завод на вработување“ за партиските членови. Овој механизам неретко се употребува во изборните кампањи на политичките партии, каде, заради опасноста да не го изгубат работното место, вработените во Општината се ангажираат во кампањите на градоначалниците, покрај партиските активисти на кои им се ветува вработување после „големата победа“.
Освен вработувањата поддржани на локално ниво, во изминатите десет години оваа пракса беше дел и од владините проекти подржана директно од буџетот на тогашната Влада.
Така, на во септември 2012 година медиумите објавија информација за нови 4.000 вработувања во општините со поддршка на Владата. За оваа цел Владата тогаш обезбеди еден милион евра, а исплатата се врши преку општината која ги има ангажирано работниците, рече тогаш Александар Ѓеорѓиев, портпарол на претходната Влада на РМ. Анти-кризни мерки, политички маркетинг или партиски вработувања – што се крие зад новите 4.000 времени вработувања со амин од Владата, беа дел од реакциите на јавноста, тогашната опозиција и медиумите.
ИСТРАЖУВАЊАТА ГИ ПОТВРДУВААТ СОМНЕЖИТЕ
Партиските вработувања како проблем беше истражуван од неколку невладини организации во изминатите години. ЗИП Институтот направи слично истражување и оваа година насловено „Кој вработува, партијата или општината?“, а изработено во рамките на проектот Мрежа 23+, кое покажува дека постојат политички мотивирани вработувања на општинско ниво. Ова не е изненадувачки, со оглед на општата политизација на администрацијата во Република Македонија и високата стапка на невработеност.
На прашањето на „Вистиномер“, кои се причините за политички мотивираните вработувања, Јована Перовска, истражувач и проектен координатор во ЗИП Институт одговори:
Причините за политички мотивираните вработувања се најразлични. Проблемот со политички мотивираните вработувања е остаток од комунистичкиот режим, подредената хиерархиска структура и формата на системот на јавната администрација. И по осамостојувањето на Македонија, процесите на вработување во јавната администрација се комплексни. Пред сѐ, политичката нестабилност и политичките кризи, стапката на невработеност од една страна и стабилноста на работата во јавниот сектор, од друга страна, придонесуваат кон копнежот по работна позиција во јавната администрација. Како таков, јавниот сектор нуди бенефиции и стабилност кои приватниот сектор не ги нуди и многу е попривлечен за работобарателите. Затоа, при наоѓање на работа во администрација, луѓето дополнително се потпираат на своите познанства, врски и конекции надвор од соодветните пропишани постапки. Во релативно мал систем, како системот на единиците на локалната самоуправа, понекогаш е невозможно да се избегне прашањето за нечија политичка, односно партиска определба.
Како најчести ситуации во кои процесот на вработување во единиците на локалната самоуправа е корумпиран се наведени:
- Кога процесот е партизиран од почеток, односно кога се отвора оглас за лице кое е веќе избрано;
- Кога се отвора оглас за повеќе лица, па се мотивираат повеќе партиски членови да аплицираат. Тие се привилегираат во делот на интервјуирање, при што им се доделуваат повеќе бодови;
- Кога се користи Законот за вработување за јавен сектор за техничкиот и помошниот персонал, при што процесот на вработување е поранлив на корупција.
Вработувањата во општините се партиски, огласите за вработување се објавуваат откако веќе се знае кој ќе биде вработен, интервјуата за работа се субјективни, не се запазува системот на заслуга, а жалбата како инструмент не функционира. Ова се дел од заклучоците од годинешново истражување и тие не се разликуваат многу од сличното истражување со наслов „Бива ли без книшка: вработувања во локалната администрација во Македонија“, кое ЗИП Институтот за локална самоуправа и неформално образование го спроведе и во 2012 година.
Тогашното истражување беше спроведено во четири општини и поради сензитивноста на темата не е наведено за кои општини станува збор.
Сите четири општини имаат различна партија на власт. Интервјуиравме осум лица, по еден вработен од секоја општина во секторот човечки ресурси и вкупно четворица кандидати кои аплицирале за вработување во општините, од кои двајца го добиле работното место, а двајца биле одбиени – изјави тогаш Олимпија Христова-Заевска, истражувач-соработник во ЗИП Институтот.
Истражувањата покажауваат дека многу често се случува во процесот на вработување во локалната администрација, огласот за вработување да биде пуштен откако веќе ќе се вработи личност на тоа место и понатаму процесот е прилично формален. Има случаи кога и самата општина има потреба од одреден кадар, меѓутоа сè уште нема партиска личност која е соодветна за позицијата, па огласите најчесто се поништуваат. Освен вработувања кои се прават по принцип на активно партиско членство, вработувањата се користат и како политички реваншизам помеѓу политичките партии.
Работите понекогаш одат дотаму што има примери од изминативе 10 години, при промена на политичката партија на власт во една општина бројот на вработувања да се зголеми за дури 125 отсто. Во друга општина, пак, каде што се смени само градоначалникот, но не и партијата на власт, има помал пораст на бројот на вработени од 36 отсто, како што појасни Агим Селами, извршниот директор на ЗИП Институтот при објавувањето на првото истражување..
ИСТРАЖУВАЊЕТО НА СКУП МАКЕДОНИЈА ВО 2014
Дека постои превработеност во општините потврдува и истражувањето на Центарот за истражувачко новинарство „СКУП Македонија“ направено во 2014 година. Од репрезентативен примерок од 10% од вкупниот број на општини во земјава, бројот на вработени е зголемен најмалку двојно за 10 години.
Македонските општини немаат стандарди за вработување. Не се знае колку вработени треба да има на одреден број на жители. Па, така, во експерименталниот број на општини кои ги зедовме, еден вработен во Општина Карпош опслужува само 161 жител, во Општина Брвеница еден вработен во општинската администрација опслужува 660 жители, додека во Арачиново 1.100 жители, објаснуваа тогаш од „СКУП Македонија“.
Целокупната слика од истражувањата потврдуваат дека општините на систематски несоодветен начин се полнат со нов непотребен кадар, а со тоа освен што не се почитуваат законските одредби за вработување, директно се оптоваруваат буџетите на Општините, се преоптоварува локалната администрација, а се доведуваат под знак прашалник и минималните работни услови на вработните. И покрај бројните истражувања кои досега се направени и чии заклучоци не се доведени во прашање, нема механизам на превентива на несоодветните партиски вработувања на локално ниво.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар