„Партизанска“ сè уште не е пробиена кон Ѓорче Петров

Пробивањето на булеварот „Партизански одреди“ почна со задоцнување од две години Фото: Скриншот

Продолжување на булевар „Партизански одреди“, од Порта Влае до новата кружна крстосница кај храмот „ Свети Петар и Павле“. Покрај дополнителното пробивање, ќе се изградат и нови тротоари на овој дополнителен потег .( Вредност: 30 милиони денари Рок: 2013-2014)

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

 

Продолжување на булеварот „Партизански одреди“,  градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски најави пред три години, во неговата Изборна програма „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобро Скопје“ . Во Програмата, со која тој излезе на локалните избори во 2013 година, за овој проект ( во делот Урбанизам, булевари, мостови, стр. 55) е наведено дека ќе биде реализиран во периодот 2013-2014 година. Нo, наспроти ветувањето  во Изборната програма, проширувањето на булевартот „Партизански одреди“ кон Ѓорче Петров, наместо во 2013 година почна на крајот на минатата година (2015), и според најавите треба да заврши ова лето (јули 2016),  така што ова ветување го сметаме за недоследно. Сепак, иако проектот се спроведува со значително задоцнуање, со оглед на тоа што на терен се во тек активности за негова реализација,  го оценуваме како делумно исполнето.

На 16 декември 2015 година  почнаа  градежните работи  за пробивање на булеварот „Партизански одреди“ кон населбата Ѓорче Петров. Медиумите тогаш  информираа дека проектот ќе биде реализиран за шест месеци:

Премиерот Никола Груевски и скопскиот градоначалник Коце Трајановски денеска го означија почетокот. Во наредните 180 дена ќе се работи на делот од новиот кружен тек кај Порта Влае до кружниот тек кај црквата „Свети Петар и Павле“. За проектот се алоцирани 40,7 милиони денари (660 илјади евра), од кои 37,5 милиони денари се за градежните работи, а 3,2 милиони денари се за изведба на осветлувањето. На терен во наредните шест месеци ќе работат екипите на „Пелагонија“ од Гостивар и „Електра“ од Скопје.

На 9 април  2016 година  градоначалниците на Скопје и Ѓорче Петров, Коце Трајановски и Сокол Митровски „извршија увид во градежните работи на втората фаза од проектот за пробивање на булеварот „Партизански одреди“ од новиот кружен тек кај Порта Влае до кружниот тек кај црквата „Свети Петар и Павле”.  Скопскиот градоначалник во оваа пригода изјави:

Градежните работи на оваа делница од булеварот ‘Партизански одреди’ се очекува да завршат во јули. Со пробивањето на булеварот и поврзувањето на двата кружни тека, ќе се добие ново модерно булеварско решение, кое ќе придонесе за побрзо и побезбедно одвивање на сообраќајот во овој дел од Скопје. (Трајановски)

Па, како што кажавме погоре, и покрај тоа што проектот стартуваше две години подоцна, имајќи предвид  дека на овој дел од  булеварот се извршуваат градежните работи и се очекува пробивањето до кружниот тек кај црквата „Свети Петар и Павле” во Ѓорче Петров да финишира во јули 2016 година,  ова ветување добива оценка  „делумно исполнето“.

ИЗВОРИ:

 

 

Оценето од: Оливера Војновска

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција