Патриотите, тајните преговори за името и посетата на Коѕијас

Нимиц заобиколен, Мијалков и „дебелкиот“ решавале. Фото: МНР на Грција

Спорот за името не бил дел од разговорите на Коѕијас и Попоски. Очигледно процесот на преговори, вклучително под покровителството на Организацијата на Обединетите Нации е сè уште во застој. Но, интересни се некои скриени работи за преговорите со грчката страна што ги слушнавме во прислушуваните разговори што ги обелодени СДСМ, поточно во 33-та „бомба“.

 

 

Министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, денеска е во посета на Македонија и во Скопје имаше средби со својот македонски колега Никола Попоски, но и со претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Емил Димитриев.

Шефовите на двете дипломатии разговарале за мерките за градење доверба и за нивното можно надградување и проширување, како и за железничка линија од Битола до Лерин и за градење гасовод од Солун до Македонија.  Спорот за името, како што претходно најавија, не бил дел од разговорите на двајцата шефови на дипломатии.

Очигледно процесот на преговори, вклучително под покровителството на Организацијата на Обединетите Нации е сè уште во застој. Но, интересни се некои скриени работи за преговорите со грчката страна што ги слушнавме во прислушуваните разговори што ги обелодени СДСМ, поточно во 33-та „бомба“.

Во овој комплет слушаме за тајните преговори што Сашо Мијалков во име на ВМРО-ДПМНЕ ги води со грчки претставници, надвор од официјалниот преговарачки процес.Но слушаме и за тоа дека посредникот Метју Нимиц во одреден период се обидува да ги покрене преговорите, кои биле „заспани“. Тоа го слушаме во разговор на, како што вели СДСМ, тогашниот шеф на македонската дипломатија Антонио Милошоски и преговарачот Зоран Јолески.

ЗЈ: Јас сакав да ве побарам…околу ова што се видов со Нимиц, во ова. Овака, најбитно е тој е малце како исклучен од процесот, ја немам проблеми со него више???…..не толку што е исклучен туку што ќе речат другиве, го гледам како грижа му е. И сега вика со Василакис не бил скоро три месеци во контакт. Во петокот му се јавил и побарал, исто и мене ми рече да направиме некоја средба.
АМ: Да да
ЗЈ: Јас вика пред три дена се сетив и на премиерот му пуштив и СМС, не дека има што да му кажам, прво не ми се јави, ми се јави после тоа.
АМ: Да,да
ЗЈ: И премиерот ми рече…само кажи му да не биде дека сум јас таму, да не направат шпекулации…

Како се одвиваат тајните преговори  во Македонија, во Грција, како се држи реципроцитет, слушаме во разговор на Груевски со Милошоски. Преговарачите се идентификуваат описно – еден е асли Грк, другиот е мешавина, едниот е подебел, едниот е на „А“…

НГ: Е сега, денеска дојдоа они…
АМ: Аха, аха.
НГ: Еден од нивните претставници.
АМ: Да се покажеме и ние како домакини.
НГ: Да. Дојдоа денеска. Тој подебелкиот. Не знам дали се сеќаваш.
АМ: Аха, аха.
НГ: Не тој…
АМ: Да, да. Претпоставувам кој е, тој што е асли Грк, овој другиов е малку мешавина.
НГ: Да, да. Ама, и тој е на исто мислење со тој. И тој сака да биде работава.
АМ: Да, да.
НГ: И он доаѓа у подготовка на утрешното. Утре оди овој нашиов таму.
АМ: Аха.
НГ: Со тој на А што треба да се види…
АМ: Да, да, да, да.
НГ: И у подготовка демек што како. Овој нашиов му рекол ние на овие заградиве ќе останеме.
АМ: Да, да.
НГ: Овој му рекол, немој молим те, ќе пропадне све, џабе е, не може, овој ги собра сите. Сите до еден беа против. Само овој на А беше за, сите други против.

Потоа во разговорот се вклучува и Мијалков. Притоа тројцата разговараат кое решение за ново име во кое „Република“ и „Македонија“ не би биле раздвоени, би било победа за ВМРО-ДПМНЕ.

НГ: Може да те уклучам на конференциски линк да те слушне и човекот?
АМ: Да, да, може.
НГ: Сега те слуша.
АМ: Значи, мислев…
НГ: Тоа многу сложено ми изгледа.
АМ: Знам, знам, ама може да биде, да речам, да се продаде и кај нив, а да не нé оштети премногу нас, однодсно да не ја оштети таа компонента на ненарушено име Република Македонија едно до друго. Значи, целта ми е, ние, да речеме, пред зборот Република, ние да додадеме некоја политичка референца – независна, суверена, некоја, а тие да одберат нешто што би стоело плус во заграда. Би било името малку посложено од тоа што јавноста очекува, ама, во секој случај, она чистото име што ке се изговара, чита, употребува, пишува, за нас нема да биде штетно. Ќе има политичка референца – Независна Република Македонија, или некаква, а за нив па, приказната ќе може да биде дека сериозно е променето името, иако географската, на која што тие инсистираат, стои во заграда, сепак додадени се две придавки и со тоа покажуваме јасно дека сме успеале во нешто што сизифовски труд вложуваме, а не успеваме 20 години.
СМ: Антонио, знаеш што им е на нив битно?
АМ: Да.
СМ: Нив им е битно short name.
АМ: Нема да има short name. Ние ќе им кажеме дека во официјалните називи, може тоа да биде и дел од Спогодбата, дека секаде Македонија ќе оди со единственото, официјално име. Нема да има short name како Macedonia или незнам што.
СМ: На пример, Независна Република. Друго што би можело? Демократска Република?
АМ: Независна, демократска, суверена може да биде. Мислам тие три вака се, горе долу.

Слушаме и дека „како кец на десетка“ би им дошло да се направи бргу договор, па решавањето на спорот да се објави во Сараево, каде што ќе е Милошоски.

АМ: Ок. Важи. Што и да има тука сум. Тие ќе доаѓаат во Сараево. Значи тие утре веројатно ќе им биде целта и со тоа би, Јорго би направил еден мал триумф ако тој, во Сараево, на 2-ри дојде тука и заедно со Моратинос, со кого на два дена се слушаат, почесто отколку што се слушаме ние, и дојде и каже, да рече вака и вака, јас Јорго Папандреу, при сите тешкотии, ова-она, до гуша сум со проблеми, носам добра вест – го решивме прашањето со Скопје. И Грција овде гордо најавува дека она што го нарековме Солунска агенда и сега го крстивме Агенда 2014 за зачленување на Западен Балкан во ЕУ, јас сум лидер на тоа и го туркам напред. Нема да сопрат да му аплаудираат. Од Шпанци до Скандинавци. Така што нему ова многу голем кредит ке му биде, ако успее.
НГ: Види, дај Боже ние да го решиме, прво на тебе ќе ти јавиме ти таму прв да кажеш. Ха ха ха
АМ: Ха ха. Сакам да речам дека човекот е во нужда на одреден начин да го реши ова прашање и дека таа негова потреба којашто исто е голема или можеби слична како и нашата, треба да му се наплати од наша страна со барање за поголема флексибилност. Значи нему не му е сеедно, како што им било пред 2, 3 или 4 години, дали ова ќе се реши или нема да се реши. Сега мислам дека и за нив сметката, фактурата почнуваат да се зголемуваат.
НГ: Ок, фала ти, ајде чао.
АМ: Се слушаме, поздрав, чао.

За тајните преговори Груевски ја известува и Силвана Бонева, тогашен координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија.

НГ: Беше крајот на јули, почеток на август, кога нивниот претставник даде еден предлог, за тој дел што уште не е решен, пошто добар дел од прашањата ги имаме решено,
СБ: Мхм.
НГ: Има уште едно прашање, он даде предлог, кое што е нешто као компромисен, го мислевме неколку дена и го прифативме. И он вика е сега, сега треба ја моиве да ги убедам
СБ: Мхм.
НГ: Јас вас ве прашав да видам дали го прифаќате, ако го прифаќате да ги убедувам моите. Е ај убеди ги и од тогаш не се јавува.

Многу пати во изминативе 8-9 години високи државни функционери или високи партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ и нивните портпароли негирале дека се водат и тајни преговори. „Бомбата“ од која посочивме извадоци јасно покажува дека такви преговори се одвивале, а притоа се разговарало за ново име на Република Македонија.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на текстот е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција