Паушално и без никакви докази се тврди дека вакцините се геноцид и биолошко оружје

Фото: Laxman DeepPixabay

Вакцините против ковид-19 не предизвикаа геноцид, туку спасија животи на милиони луѓе ширум светот, но најмногу од сè помогнаа да се зголеми колективниот имунитет, поради кој пандемијата спласна заедно со варијантите кои се променија во помалку агресивни. Не постои никаков доказ дека вакцините против ковид-19 на некаков начин се поврзани со предизвикување на карцином кај вакцинираните, или пак, влошување на нивната состојба доколку веќе се болни од карцином. Нема ниту докази дека вакцините против ковид-19 предизвикуваат какви било компликации кои би довеле до зголемен број на срцеви удари и мозочни удари 

Вакцините против ковид-19 не предизвикаа геноцид, туку спасија животи на милиони луѓе ширум светот, но најмногу од сè помогнаа да се зголеми колективниот имунитет, поради кој пандемијата спласна заедно со варијантите кои се променија во помалку агресивни. Не постои никаков доказ дека вакцините против ковид-19 на некаков начин се поврзани со предизвикување на карцином кај вакцинираните, или пак, влошување на нивната состојба доколку веќе се болни од карцином. Нема ниту докази дека вакцините против ковид-19 предизвикуваат какви било компликации кои би довеле до зголемен број на срцеви удари и мозочни удари 

 

 

Анализираме објава на Фејсбук која тврди дека вакцините се геноцид и дека се биолошко оружје за специјална војна против човештвото.

СИТЕ ВЛАДИ ВО СВЕТОТ ЗНААТ ЗА ГЕНОЦИДОТ ОД “ВАКЦИНИ” И МОЛЧАТ. Таканаречените вакцини си го земаат данокот, дури млади, здрави, прави но наеднаш умираат од необјаснети причини?!? А каде е турбо ракот, малигни тумори, тешки автоимуни состојби, длабоки венски тромбози, инфаркти, мозочни удари, невролошки тешки оштетувања…а знаат и молчат, додека трае геноцидот и трае. А што правиме со децата??? ДАЛИ СТЕ СВЕСНИ ДЕКА ЖИВЕЕМЕ ВО ВРЕМЕ НА СПЕЦИЈАЛНА ВОЈНА ПРОТИВ ЧОВЕШТВОТО??? Најевтино и подмолно оружје е биолошкото оружје, несвесен дека си убиен под НАРАТИВОТ “ЗАШТИТА НА ЗДРАВЈЕТО, ИМУНИЗАЦИЈА”. И умрел од “природна смрт” потврдена од лекар?!? А ОДГОВОРНОСТ НЕМА?!? “Кирш, познат експерт за податоци и основач на Фондацијата за истражување на безбедноста на вакцините (VSRF), го издаде предупредувањето откако ги прегледа националните бази на податоци за прекумерна смртност од Чешка, Нов Зеланд, Соединетите Американски Држави, Велика Британија и неколку европски земји.”

Објавата не нуди никакви докази за своите тврдења, ниту пак, конкретни примери кои би ги поткрепиле наводите дека вакцините (веројатно се мисли на оние против ковид) се геноцид, дека ја заголемиле смртноста и дека се биолошко оружје. Според објавата, вакцините предизвикуваат смртносни болести како турбо рак, малигни тумори, мозочни и срцеви удари, тромбози и т.н. Дури и се повикува на извесен Кирш, „познат експерт за податоци и основач на Фондацијата за истражување на безбедноста на вакцините (VSRF)“, кој го издал предупредувањето за вакцините откако претходно „ги прегледа националните бази на податоци за прекумерна смртност од Чешка, Нов Зеланд, Соединетите Американски Држави, Велика Британија и неколку европски земји”.

Но, да одиме со ред. Прво, спротивно на објавата која без никакви докази и факти, туку само паушално тврди дека вакцините се виновни за зголемениот број смртни случаи, Вистиномер повикувајќи се на факти веќе има пишувано дека ковид вакцините не ја зголемиле смртноста и дека не се виновни за ненадејната смрт на многу млади. Антивакциналните движења во оптек го пуштија терминот „ненадејно умирање“ и го користат за да асоцираат дека тоа е резултат на вакцините, што не е точно. Во овој контекст се злоупотребуваат смртни случаи на спортисти од срцев удар или на други луѓе за кои причините може да се бројни.

Понатаму, не постои никаков доказ дека вакцините против ковид-19 на некаков начин се поврзани со предизвикување на карцином кај вакцинираните, или пак, влошување на нивната состојба доколку веќе се болни од карцином.

„Фајзер“, Центарот за контрола и превенција на болести и Агенцијата за храна и лекови на САД, за „Лид сторис“ изјавија дека нивниот мониторинг не открил каузална врска или безбедносен сигнал поврзан со карцином, а поврзан со вакцините против ковид-19.

Големи студии покажаа дека пациентите со канцер имаат висок ризик за компликации од ковид-19.

Центарот за грижа за пациенти со канцер во Онтарио препорачува пациентите со канцер да ги примат сите дози вакцина против ковид-19 што побрзо можат. Слична препорака има и во САД.

Вистиномер и претходно има пишувано дека вакцините против ковид-19 не предизвикуваат канцер.

Вакцините против ковид имаат краткотрајни и минливи несакани ефекти, како замор и болка во местото на инјектирањето кои генерално може да се појават и кај лица што имаат карцином и кај оние кои немаат. До денес нема докази дека вакцините против ковид предизвикуваат рак или водат до влошување на состојбата од карциномот кај луѓе што веќе го имаат.

Нема докази дека вакцините против ковид-19 предизвикуваат какви било компликации кои би довеле до зголемен број на срцеви удари и мозочни удари. Нема ниту информација или доказ дека тие пациенти кои ја формираат повисоката бројка на лица со удари воопшто се вакцинирани. За разлика од вакцините, потврдено е дека болеста ковид-19 предизвикува кардиоваскуларни проблеми.

Студија од 2022 година  објавена во Нејчр медисин (Nature medicine) покажа дека лицата со ковид-19 имаат повисок ризик од кардиоваскуларни болести и дека дел од нив ќе имаат срцев удар. Истражувањето, во кое беа вклучени повеќе од 150 илјади луѓе со ковид-19, покажа дека инфекцијата може да го зголеми ризикот од срцев удар, како и други болести на срцето и крвните садови, аритмии, тромбови итн.

Нема докази дека вакцините против ковид-19 предизвикале смрт, а има докази дека спасиле животи. Стапката на смртност од ковид-19 во Англија беше 10 пати повисока кај невакцинираните отколку кај вакцинираните меѓу јануари 2021 и мај 2022 година.

Нема докази ниту дека вакцините против ковид-19 предизвикуваат згрутчување на крвта.

Вакви случаи на редок несакан ефект наречен тромбоза со синдром на тромбоцитопенија (ТЅЅ), беа пријавени во неколку земји на почетокот на процесот на имунизација против ковид-19 и истите беа поврзувани со вакцината на „АстраЗенека“.

И Светската здравствена организација (СЗО) официјално соопшти дека нема потврда дека вакцината предизвикува згрутчување на крвта.

Што се однесува до Кирш, „познат експерт за податоци и основач на Фондацијата за истражување на безбедноста на вакцините (VSRF)“ на кој што се повикува објавата, тврдејќи дека тој ги прегледал националните бази на податоци за прекумерна смртност од Чешка, Нов Зеланд, Соединетите Американски Држави, Велика Британија и неколку европски земји, Вистиномер во написот кој го споделува објавата не успеа да најде податоци од наводно прегледаните национални бази. Наводите на Кирш се, исто така, паушално нафрлани и истресени од ракав, поради што не може да се земат здраво за готово. Инаку, американскиот бизнисмен Стив Кирш има основано неколку големи компании во Силиконската долина, а познат е по тоа што е еден од двајцата изумители на оптичкиот глушец. За него повеќе извори наведуваат дека е промотор на дезинформации за ковид-19. Вистиномер и претходно има дебанкирано негови тврдења дека  вакцините убиле 150 илјади луѓе.

Вакцините против ковид-19 не предизвикаа геноцид, туку спасија животи на милиони луѓе ширум светот, но најмногу од сè помогнаа да се зголеми колективниот имунитет, поради кој пандемијата спласна заедно со варијантите кои се променија во помалку агресивни.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата што ја анализираме е неточна.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција