Паушално се клеветат вакцините и новите технологии за борба против ракот

Фото: MasterTuxPixabay

Не е вистина наведеното во објавата што ја рецензираме, дека научниците развиваат вакви вакцини за да им наштетат на пациентите, туку напротив, тоа го прават, како што е наведено и во споделениот текст, за да им помогнат. За да поминат процес на одобрение, сите вакцини мора да се тестираат во ригорозни процеси

Не е вистина наведеното во објавата што ја рецензираме, дека научниците развиваат вакви вакцини за да им наштетат на пациентите, туку напротив, тоа го прават, како што е наведено и во споделениот текст, за да им помогнат. За да поминат процес на одобрение, сите вакцини мора да се тестираат во ригорозни процеси

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Има кретени кои веруваат на вакцините. Кога ќе умреш од рак докторите кои ти ги продавале овие вакцини ќе речат: вакцините беа експериментални а пациентот умрел од нешто друго, коморбидитети. Тие се ужасни убијци и се надевам дека ќе горат во пеколот.

Во склоп на објавата се споделува текст во кој се информира дека научниците тестираат персонализирана вакцина против рак, специјално прилагодена на уникатниот профил на болеста на секој пациент. Во информативниот текст се дискутира за таканаречените неоантигенски вакцини кои се користат кај луѓе со веќе дијагностициран карцином:

Вакцините делуваат така што ги таргетираат протеините на туморот наречени неоантигени. Овие протеини, кои се јавуваат само во клетките на ракот, се резултат на генетски мутации и се единствени за одреден пациент.

Неоантигените се добиени од тумор-специфични мутации. Сигурни сме дека се специфични за туморот и правиме вакцина која е доста специфична – изјави д-р Тони Чуери, онколог од Институтот за рак Дана-Фарбер во Бостон кој е вклучен во создавањето на персонализирани вакцини за бубрежни клетки. 

Овие вакцини не им штетат на здравите клетки туку ги таргетираат само оштетените клетки. За разлика од овој пристап, традиционалните третмани за рак како што се хемотерапијата и зрачењето, имаат несакани ефекти, пишува во текстот споделен во објавата..

Во самиот опис на објавата, пак, невистинито се тврди дека научниците развиваат вакви вакцини за да им наштетат на пациентите. Напротив, како што е наведено и во самиот текст, тоа го прават за да им помогнат. За да поминат процес на одобрение, сите вакцини мора да се тестираат во ригорозни процеси.

Престижното медицинско списание „Лансет“ наведува дека активната имунотерапија со персонализирани вакцини против карцином се истражува повеќе од 40 години. Ова потврдува дека станува збор за долг, макотрпен процес кој е исклучително проверен, а науката, особено медицината напредува и за очекување се современи методи на лекување и превенција на карциномот, меѓу кои и вакцини кои се индивидуализирани.

Луѓето што им веруваат на вакцините не се „кретени“ како што навредливо се понижуваат во објавата што ја рецензираме, туку се борат за своето здравје користејќи ја една од најголемите современи достигнувања на медицината. Индивидуализираниот пристап во третманот на карциномот е нова методологија во медицината, на која работат едуцирани научници и таа има за цел да ја револуционира борбата против карциномот со што помал број несакани ефекти.

Доколку навистина се сака да се направи вакцина која ќе ги убива пациентите како што се инсинуира во објавата, тогаш не би имало помал број на несакани ефекти туку поголем. Докторите не се убијци затоа што промовираат нови методи на лекување. Постапката на лекарска грешка се утврдува во судска постапка, со медицински вештачења и има начин на  кој се докажува дали некој лекар имал улога во несовесно лекување.

Исто така, дел од една широка вакцинална пропаганда е тоа да се инсинуира дека вакцинираните со било која вакцина се „убиени“ од истата, без притоа да се земат предвид нивните други болести и причини поради кои би можела да настане смрт, на пример возраста. Во објавата што ја рецензираме има и теорија на заговор и се претпоставува дека вакцината што е во процес на развивање за таргетирање на карциномот, би била неуспешна и би водела до смрт, па и се претпоставува „што докторите би им кажувале на семејствата на починатите пациенти“.

При создавањето на персонализирана вакцина против рак научниците се потпираат на секвенционирање на геномот, процес кој ги испитува компонентите на човечките клетки како ДНК и РНК кои се подложени на промени кога некој има рак. Оваа анализа им овозможува на истражувачите да користат дел од тумор или примерок од крв за да добијат информации за основните биолошки процеси кои предизвикуваат рак.

Докторите не се тие што продаваат вакцини, како што се наведува во објавата што ја рецензираме, туку тоа го прават фармацевтски компании базирано на научни испитувања кои траат некогаш со децении. Дополнително во објавата се изнесува и небулоза – а тоа е дека „пациентот ќе умре од рак“ а потоа дека докторот ќе каже оти смртта „настапила поради коморбидитет“.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција