ПЦР тестот не е исфрлен од употреба

Фото: Принтскрин

Тврдењето изнесено во постот што се споделува на Фејсбук дека, наводно, ПЦР тестовите повеќе не можат да се користат, е невистинито. Напротив, тие се златен стандард во детекцијата на Сарс Ков 2, односно коронавирусот, преку научна метода. Освен тоа, тие се употребуваат и како доказ за отсуство на коронавирусот во организмот и при патување и се услов за влез во речиси сите земји од светот, покрај вакциналниот картон со кој се докажуваат примени две дози вакцина

Тврдењето изнесено во постот што се споделува на Фејсбук дека, наводно, ПЦР тестовите повеќе не можат да се користат, е невистинито. Напротив, тие се златен стандард во детекцијата на Сарс Ков 2, односно коронавирусот, преку научна метода. Освен тоа, тие се употребуваат и како доказ за отсуство на коронавирусот во организмот и при патување и се услов за влез во речиси сите земји од светот, покрај вакциналниот картон со кој се докажуваат примени две дози вакцина

 

Во постот што го рецензираме се тврди дека ПЦР тестовите не можат да се користат, а во линкот под објавата, пак, критикуваниот канадски професор Бирам Бридл е цитиран во некоја сосема друга конотација, како тврди дека спајк протеинот кој се создава после инјектирањето на вакцината во организмот, е токсин. И двете работи се неточни.

 

Спајк протеинот не е отров

Како што веќе пишувавме, на луѓето со вакцинацијата не им се инјектира отров, затоа што спајк протенот по вакцинацијата не е ист со виралниот и се содржи во исклучително мали дози кои брзо по вакцинацијата се чистат од телото. Спајк протеинот што се создава во организмот по вакцинацијата не е идентичен со оној на коронавирусот.  А, дури и кога би бил ист, тој е во многу, многу помали дози отколку оној на коронавирусот. Студијата што ја цитира доктор Бирам Бридл во своето контроверзно интервју, кое се споделува на Фејсбук, е спроведена на глувци, а не на луѓе. Иако Бридл се обидува да дезинформира дека експериментите во студијата мереле концентрација и акумулација на спајк протеин, тие, всушност, мереле концентрација на липидни честички!

Инструкцијата за неговото производство во форма на мРНК, доаѓа само во цитоплазмата односно рибозомот, а не во јадрото на нашите клетки. И тој спајк протеин што ќе го произведе клетката, (рибозомот, т.н. фабрика за протеини), воопшто не е ист со оној на вирусот. Автоматски не ги поседува ниту својствата на оригиналниот спајк протеин. Тој само „личи“ на оригиналниот и има само антигено својство – да провоцира имун одговор. Дури и кога би бил сосема идентичен со оригиналниот спајк протеин (а не е), овој што се произведува со давање на вакцината е во 100.000 пати помала концентрација од онаа што ја произведува вирусот самиот, потребна да направи штета, вели професор Драган Даниловски од Медицинскиот факултет во Скопје.

Наспроти тврдењето изнесено во овој пост, дека мејнстрим медиумите ,,признале” дека ПЦР тестот не може да се користи, во линкот под постот којшто се посочува дека содржи вакво ,,признание” нема ништо на темата! Напротив, во линкот е изнесена уште поголемата дезинформација, дека спајк протеинот кој се создава по вакцината е токсин, иако тој не е токсичен и не е ист со спајк протеинот на коронавирусот.

 

Невистини за (не)користење на ПЦР тестот 

Слична лага, дека наводно ПЦР тестот веќе престанал да се користи за детекција на коронавирусот, се рашири и во врска со Шведска пред околу еден месец.

Дезинформацијата за наводно стопирање на употребата на овие тестови беше демантирана од Агенцијата за здравство на Шведска, во изјава за „Асошиејтед Прес.“

Шведска не ја суспендирала употребата на ПЦР тестот, а околу 350 илјади ПЦР тестови се спроведени во текот на секоја недела од април и мај. Досега Шведска направила 9.7 милиони ПЦР тестови. Тие се сигурни затоа што се спроведени според правила за квалитет наведени во законот за здравствени и медицински услуги, вели Ана Ветерквист, претставничка на агенцијата.

И во Македонија ПЦР тестирањата се секојдневие, особено за невакцинираните кои патуваат. И приватни и државни лаборатории ги спроведуваат тестовите, исто како што се случуваше од почетокот на пандемијата до денес.

На веб-страницата на „Центарот за јавно здравје – Скопје“ е објаснет методот според кој се докажува присуство на вирусот во примерокот од пациентот и тој  се одвива во 2 чекори:

Првиот чекор е автоматска екстракција на RNA со помош на автоматски екстрактор од вирусот на принцип на современ метод со магнетнипартикули, кој овоможува екстракција на високо квалитетна вирална нуклеинска киселина.

Вториот чекор е мултипликација на изолираната вирусна РНА и специфична детекција на вирусот во примерокот според присуство на специфични за Сарс Ков 2  таргет гени (N и Е гени). Овие гени се гени за структурни протеини кои се во состав на градбата на вирусот и се строго специфични само за Сарс Ков 2 вирусот од фамилијата на САРС вируси. Овој метод овозможува детекција на вирусот со висока сентизтивност и го детектира вирусот во пациент кога е присутен со минимум  10 копии од генот.

Во оваа информација е наведено и тоа дека Центарот за јавно здравје – Скопје со голема одговорност гарантира за квалитетот на анализите како и за специфичноста и сензитивноста на методот на работа.

Бројни Фејсбук постови во текот на пандемијата лажно тврдеа дека човекот што го измислил тестот доктор Кери Б Мулис, рекол оти тие не можат да детектираат ниеден вид на инфективна болест. Но, нема никакви докази дека инвенторот на ПЦР тестот го кажал ова. ПЦР се користи за бројни научни цели.

Светската здравствена организација и Центарот за контрола и превенција на болести на САД, исто така, беа лажно обвинувани дека наводно ги проблематизирале ПЦР тестовите, но и ова во нашата проверка на факти се покажа како неточно.

Поради погоре изнесената аргументација, оценуваме дека е невистинито тврдењето изнесено во постот, дека наводно ПЦР тестовите повеќе не можат да се користат. Напротив, тие се златен стандард во детекцијата на Сарс Ков 2, односно коронавирусот, преку научна метода. Освен тоа, тие се употребуваат и како доказ за отсуство на коронавирусот во организмот и при патување и се услов за влез во речиси сите земји од светот, покрај вакциналниот картон со кој се докажуваат примени две дози.

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција