Пејачка злоупотребена во манипулативна реклама за крем против стареење

Без да навлегуваме во делотворноста на кремот, јасно е дека тој не е препорачан од пејачката, ниту пак од Светската здравствена организација, ниту пак „клиничкото испитување“ на кое се повикува манипулативниот рекламен материјал постои

Без да навлегуваме во делотворноста на кремот, јасно е дека тој не е препорачан од пејачката, ниту пак од Светската здравствена организација, ниту пак „клиничкото испитување“ на кое се повикува манипулативниот рекламен материјал постои

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Брчките не се проблем поврзан со возраста!

Имам 64 години и пред нешто помалку од еден месец цело лице ми се збрчка, кожата ми беше сува а одразот во огледалото беше одвратен! Сега изгледам токму вака благодарение на овој мал трик.

Линкот под објавата води кон измислено интервју во кое е злоупотребен идентитетот на пејачката Милин Фармер, која има многу мало медиумско присуство и важи за јавна личност која не се експонира во медиумите, ниту пак, има свое присуство на социјалните мрежи, освен сајтовите на кои пред нејзините концерти се продаваат билетите. Во објавата што ја рецензираме се злоупотребуваат фотографии од оваа јавна личност, за да се наведат корисниците на социјалните мрежи да поверуваат дека таа препорачува крем за лице. Во објавата како и во други слични објави кои функционираат на сличен начин со нечесен маркетинг се посочува дека „наведениот крем не се продава во аптеките бидејќи тогаш козметолозите би останале без работа“.

Ова е бесмислено самото по себе, со оглед на тоа што кој било производител на извесен препарат би сакал тој да се продава на што повеќе продажни места, вклучително и аптеки, без притоа да се грижи дали неговата конкуренција (во случајов козметичарите) би била погодена од тоа или не. Невистинито се додава дека „само некои клиники имаат договор за препаратот вклучително и блогот“. Меѓутоа интервјуто не е објавено на никаков блог, туку на специјално дизајнирана страница со интерфејс кој треба да намами дека станува збор за блог. Единствената содржина на овој „блог“ е самото „интервју“ во кое е злоупотребена Фармер.

Тоа може да се види од фактот што кога ќе се кликне на која било „содржина“ на страницата, како менито каде се наведени категориите „анти-ејџ експерт“, „онлајн профил“, „здружение на лекари“ и „пребарување на доктор“ – ниедно од наведените копчиња не го води посетителот на страницата на нова содржина, туку го враќа на истата бидејќи таа е единствената на овој т.н. „блог“.

Во објавата има измислени имиња на лекари како во делот каде се цитира наводната изјава на Милин Фармер дека „таа се сретнала со познатиот доктор Питер Ковале“.

Тој го нашол овој крем во еден манастир… рецептот се чувал таму стотици години и опстанал до денес. Се вика „SkinEterna“. Го купив, почнав да го нанесувам пред спиење, и по 42 дена, брчките целосно исчезнаа. Му го дадов и на мојата 80-годишна мајка и многу ѝ помогна! Беше невозможно да се верува! Користете „SkinEterna“ за секој случај, се наведува во невистинитата изјaва атрибуирана на пејачката.

Меѓутоа доктор со ова име и презиме не постои, а и многу е неверодостојно наведеното, дека доктор би барал креми во манастири.

Под невистинитото интервју, се наведени и коментари од наводно задоволни корисници, меѓутоа тие се исто така фабрикувани и не потекнуваат од вистински Фејсбук профили.

Исто така, дека станува збор за манипулативно рекламирање покажува и невистинитиот наведен факт на страницата дека производот „во сите фази од тестирањето се потврдени од специјалистите во Светската организација за здравство“. Постои само Светска здравствена организација, а не и „Светска организација за здравство“. Една од техниките на манипулативното рекламирање е да се користат имиња на здравствени организации кои се блиски, но неидентични со официјалните здравствени организации, за да се измами корисникот и да не провери за која организација се работи.

Во секој случај Светската здравствена организација нема одобрено производ каков што има во објавата што ја рецензираме и на интернет пребарувачот Гугл не може да се најдат совпаѓања на СЗО и производот. Настрана фактот што Светската здравствена организација не ни потврдува тестирања на производи. Такво нешто нема во описот на должностите на СЗО. Единствено нешто што СЗО прави е претквалификација на лекови за потребите на другите организации на ООН како УНИЦЕФ или УНАИДС, односно пред овие агенции на ООН да објават тендери за набавка на лекови за донирање. Но, овде станува збор за набавки на критични лекови за тешки хронични болести како ХИВ, туберкулоза и маларија, кои агенциите на ООН ги донираат на сиромашните земји. Но, тоа во никој случај не важи за креми.

Во објавата се презентираат и резултати од т.н. „клиничко испитување“ меѓутоа на интернет не успеавме да најдеме клиничко тестирање за наведениот производ.

Без да навлегуваме во делотворноста на кремот, јасно е дека тој не е препорачан од пејачката, ниту пак, од Светската здравствена организација, ниту пак „клиничкото испитување“ на кое се повикува манипулативниот рекламен материјал постои.

Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција