Пејачката Тамара Тодевска злоупотребена во видео за препарат за слабеење
Тамара Тодевска и боанскиот доктор Емир Солаковиќ се злоупотребени во намонтирано видео кое препорачува препарат за слабеење. Гласовите во видеото воопшто не се нивни, што видеото го прави измамничко
Тамара Тодевска и босанскиот доктор Емир Солаковиќ се злоупотребени во намонтирано видео кое препорачува препарат за слабеење. Гласовите во видеото воопшто не се нивни, што видеото го прави измамничко
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува видео кое е дипфејк, а во кое злоупотребено е името и ликот на пејачката Тамара Тодевска. Во видео материјалот кој е намонтиран и не е вистински, претставена е Тодевска како да промовира производ на бугарски јазик.
-Јас сум Тамара Тодевска и изгубив 17 килограми за две недели со методот на доктор Солаковиќ, прикажано е дека изјавува Тодевска на манипулираното видео.
Потоа се прикажува и докторот кој вели дека „сака да сподели метод кој ќе ви помогне да ослабнете за неколку недели без разлика колку години имате или зошто имате прекумерна тежина“. Според видеото „со оваа уникатна техника може да се ослободите од вишокот килограми еднаш засекогаш без диети и вежби“. Во манипулативниот клип направено е да изгледа дека докторот тврди дека „многу познати личности биле негови пациенти“ и ги охрабрува луѓето да кликнат на копчето подолу и да дознаат повеќе.
Вистиномер со обратно пребарување пронајде дека докторот во изманипулираното видео е Емир Солаковиќ, општ и кардиоваскуларен хирург. Болницата што го носи неговото име во Сараево има оддели за дијагностика, хипербарна комора, оперативни зафати, центар за лекување дијабетес, физикална терапија и лекување на пост-ковид компликации. Ниту тој, ниту пејачката Тамара Тодевска не препорачуваат препарат за слабеење.
Во говорот на доктор Солаковиќ, како и на Тамара Тодевска може да се забележи силен бугарски акцент, што индицира дека видеото е изработено во оваа соседна држава. Додека акцентот во македонскиот јазик речиси сееогаш паѓа на третиот слог одзади, бугарскиот јазик има комплексен акцентен систем и зборовите се акцентираат на различни начини, при што понекогаш акцентот паѓа и на два или три слога во ист збор, што се забележува и во видеото. Но, и на двете лица во видеото бугарскиот јазик не им е мајчин и нема причина тие да зборуваат со таков акцент. Настрана фактот што ни гласовите не се нивни.
Еве како звучи гласот на доктор Солаковиќ, на пример:
Неговиот глас е сосема различен од оној во изменетото видео, а уште повеќе, нема никакви информации дека тој знае македонски јазик или, пак, дека зборува македонски со бугарски акцент.
Честопати познати личности од друга држава се монтирани во видеа и пласирани на странски пазар, за да се одбегнат тужби и да се избегне ризикот граѓаните да почнат да проверуваат дали познатата личност навистина е дел од рекламна кампања за промоција на некој препарат.
Дополнително, измамниците така се спасуваат и од јавните реакции на познатите личности, бидејќи шансата дека видеата ќе дојдат до злоупотребените доколку тие се географски подалеку, во друга држава, е помала.
Кога подобро ќе се разгледа видео материјалот во деловите каде зборува докторот, може да се забележи дека и неговиот говор е додаван, односно дека се залепени зборови и намонтиран е тон за да лажно се создаде слика дека тој, всушност, e оној кој говори во видеото.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како изменета содржина (altered content) со цел да се изврши измама за продажба на препарати преку злоупотреба на ликовите на познати личности.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар