Пелети и чист огрев чинат многу повеќе од математиката на Груевски

Идејата убава, бројките нереално мали. Фото: скриншот

 

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски на 10.05.2016, зборувајќи за проектите што ги прави и спроведува ВМРО ДПМНЕ преку Владата, меѓу другото најави и нов проект за греење на пелети, за што од 2017 до 2020 ќе има субвенции за граѓаните. Притоа тој рече:

Проектот за поддршка за греење со пелети ќе започне да се спроведува од 2017та година и ќе важи до 2020 година, значи период од 4 години. За овој проект ќе бидат ивестирани најмалку по 3,5 милиони евра годишно или вкупно 14 милиони евра. Доколку има поголем интерес, можно е и одвојување повеќе средства за оваа намена. На годишно ниво за поддршка за домаќинствата ќе се инвестираат 2,5 милиони евра и 1 милион евра за субвенционирање на системи за греење за поголеми потрошувачи.

[Извор: ВМРО ДПМНЕ – Говори – Датум: 10.05.2016]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Изјавата на Груевски се однесува на субвенционирање на граѓаните кои своите домаќинства ги греат на печки на дрва, иако неколку реченици претходно во говорот тој зборува и за оние граѓани што се греат на струја и на нафта за домаќинства. Зборувајќи за новата мерка Груевски го истакнува еколошкиот и економскиот аспект. И додека еколошкиот е неспорен, за економскиот, според не многу прецизна, но сепак генерално точна математика, за да се постигне ефектот, потребни се многу повеќе субвенции од оние што ги најави Груевски.

Имено, според последниот попис на домаќинства во Република Македонија, а тој е извршен во 2002 година, во земјава има над 564 илјади домаќинства, според Државниот завод за статистика (стр.20). Од оваа бројка, над 146 илјади домаќинства се во Скопје. Бидејќи самиот Груевски потенцираше дека гасификацијата на Скопје е во длабоко одмината фаза – „Постапката за изнаоѓање на приватен партнер за гасификација на скопскиот регион односно 17 негови општини е во длабока фаза“ – од бројот на 564 илјади домаќинства ќе го извадиме бројот на 146 илјади домаќинства во Скопје и околината, со што ќе дојдеме до приближно 418 илјади домаќинства. Колку од овие домаќинства ја користат биомасата, односно дрвата како огрев?

Со пребарување на интернет дојдовме до податокот дека околу 33,3 отсто од домаќинствата го користат дрвото како огрев. Станува збор за податокот од OECD, наведен во документ на Министерството за Економија на РМ, насловен како ПРВ АКЦИОНЕН ПЛАН ЗА ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ДО 2018 ГОДИНА, изработен во 2011 година. Податокот за 33, 3 отсто се наоѓа на страница бр.8, веднаш под секцијата Резиденцијален сектор. Иако, ова е доста стар податок, од 2006 година, ние ќе го земеме како релевантен, бидеќи го споредивме со други извори според продажбата на огревното дрво на годишно ниво, а освен тоа, изворите се кредибилни – ОЕЦД и Министерство за економија. Но, да се вратиме на математиката. Од приближно 418 илјади домаќинства, 33, 3 отсто, изнесува околу 139 илјади домаќинства кои се  греат на дрва и кои спаѓаат во потенцијално субвенционираните домаќинства.

Груевски вели дека мерката за субвенционирање на пелети е двостепена – субвенционирање до 70 отсто или максимум до 30 илјади денари, за купување на нова печка или котли за пелети, и намалување на данокот на додадена вредност за печките и котлите, како и за самите пелети, од 18 на 5 отсто. Со  ваквиот потег се очекува намалување на цените и на грејните тела и на погонското гориво, т.е пелетите. И повторно ќе се послужиме со неговите бројки:

На пример, за набавка на печка од 6 kw која може да затопли површина до 60 метри квадратни се потребни околу 40 илјади денари, при што со оваа мерка ќе има субвенција од државата од 28 илјади денари или пак 70% од вредноста. Или пак, во втор пример, околу 49 илјади денари чини печка за пелети од 8 kw  која може да затопли површина до 80м2, при што со мерката ќе има субвенција од 30 000 денари што го претставува горниот лимит на државната субвенција.

Да претпоставиме дека најголемиот број од 138 илјади домаќинства што се греат на дрва се простори до 60 метри квадратни и дека сите ќе сакаат да бидат субвенционирани од Владата да ги заменат старите печки на дрва со пелети. Тоа се 28 илјади денари по домаќинство или 455 евра (курс 61,5 ден/евро). Тоа значи, дека за субвенционирање на 138 илјади домаќинства за замена за печките, се потребни околу 62 милиони и 800 илјади евра, што речиси 4,5 пати повеќе од сумата што ја споменува Груевски  – 14 милиони евра.

 Дури и да го преполовивме бројот на домаќинства што ќе изразат интерес ( на 69 илјади), за нивно субвенционирање ќе бидат потребни околу 31 милион евра. Што е далеку повеќе од 14 милиони евра за 4 години колку што мисли да ја издвои ВМРO ДПМНЕ преку Владата.

Па, хипотетички гледано, дури и да земеме дека Владата можеби ќе ја зголеми оваа сума, да речеме   од 14  на 20 милиони евра,  тоа повторно е далеку помалку од 31 милион евра – колку што би биле потребни за потребите на 69 илјади домаќинства.

Вториот елемент се цените на печките котлите и достапнoста на пазарот. Оние што ние ги најдовме на интернет со мало пребарување се поскапи од цените што ги наведе Груевски, но оставаме простор цените кои тој ги наведе се точни, бидејќи станува збор за помали печки, 6 и 8 KW.

Третиот елемент е цената на чинењето на горивото, т.е. пелетите во однос на досега упoтребуваното дрво. Груевски вели:

Значи, со постоечката стапка од 18% ДДВ, едно домаќинство кое на грејна сезона од 200 дена троши 3 тона пелети би имало трошок од 34 500 денари. Со намалувањето на стапката на ддв на 5% истото домаќинство од примерот би трошело 30 600 денари или 3 900 денари помалку или приближно 4 000 денари, доколку не би го намалиле ДДВ за пелети.

Ако ова се спореди со кубик дрва на македонскиот пазар (ценовникот е на ЈП Македoнски шуми и тука земаме за буково дрво просечна цена од 2.400 денари.), тогаш би добиле сума од потребни 12 кубни метри дрво, што би било еквивалент на три тона пелети за просечна грејна сезона, како што вели Груевски. Во тој случај, домаќинството би можело да биде загреано со околу 28,8 илјади денари по сезона, додека со пелетите и со намалената стапка на ДДВ, трошокот би бил 30.600 денари. Ова значи, дека поттикот за употреба на пелети, би се свел на еколошки и практични причини (помалку загадување и многу помал простор за чување), а не на некоја примамлива голем разлика во цената – што пак, е за жал, основниот појдовен момент во логиката на потрошувачката на најголемиот број граѓани во земјава.

И конечно, во истиот труд на Министерството за економија што го наведовме, уште во воведот се гледа дека заштедата на енергија е обврска на земјава според директивите на Европската комисија од аспект на приближувањето до ЕУ и исполнувањето на стандардите. Во рамките на таа заштеда на вкупно потрошената енергија, уште во 2011 година, државата предвидела замена на старите печки за дрва со нови пофункционални.

Мерката за замена на печките била планирана уште во 2011г. Извор: Министертво за економија
Мерката за замена на печките била планирана уште во 2011г. Извор: Министертво за економија

Оттука, и покрај неспорната еколошка предност и здравјето на граѓаните, економската логика во ветувањето на Груевски не доаѓа многу до израз. Меѓутоа, бидејќи еколошкиот апсект е многу битен, државата би требало со две раце да го субвенционира и докрај да го исфрли дрвото како огревна материја во секој дом. Но, за тоа, како што видовме од бројот на домаќинства, се потребни многу повеќе пари од ветените 14 милиони евра за периодот од 2017 до 2020,

Имајќи го предвид сето ова, изјавата на Груевски во која најави нов проект за субвенционирање на граѓаните кои ќе се греат на пелети, ја сметаме како проблематична од повеќе аспекти, па ја оценуваме како  недоследна.

 

ИЗВОРИ:

 

Оценето од: Тео Блажевски

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија (BTD – The Balkan Trust for Democracy), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, NED или BTD.