Пендаровски е, формално, во право – има два завршени случаи за корупција од СЈО

 

После првото обраќање на претседателскиот кандидат Блерим Река во ТВ дуелот за МРТ, каде што потенцираше дека неговата главна поента во изборната кампања е владеење на правото и законите за сите во државата, при што како еден од аргументите тој рече дека нема се уште ниту еден завршен случај за корупција од последните мегаскандали, реплицираше претседателскиот кандидат Стево Пендаровски:

Пендаровски: Имам сосема куса реплика на ниво на фактографската непрецизност, инаку на ниво на тези сме тука некаде сите, начелно, барем реторички се согласуваме …во тоа дека не постои ниту еден случај, завршен случај на корупција. Постои. Случајот „Труст“ и постои еден случај кој е врзан со таа проблематика која ја зборуваме, владеење на правото, правосудно завршен, за жал, станува збор за поранешниот премиер кој избега и не ја дочека правдата. Требаше да служи казна… ,Меѓутоа, казната е одредена и вторстепено, така што имаме случаи кои влегуваат во ова невладеење на правото. Само да прецизирам.

[Извор: ТВ дуел на претседателски кандидати МРТ1 (околу 5 мин.) – датум: 12.04.2019]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Репликата на Пендаровски е вистина, но само од формален аспект, што впрочем, тој тоа и го нагласува на почетокот.

Вистина е дека има правосилна пресуда за случајот „Труст“, во кој што има две осудени лица за местено учество во тендер за потребите на РЕК Битола. Пресудата се однесуваше на бизнисмените Сеад Кочан и на Василие Авировиќ, првообвинет и второбвинет, за тендер во 2011 година.

Вториот случај е за случајот на СЈО „Тенк“, за набавката на „мерцедесот“ за потребите на поранешниот премиер и други намени, за што Груевски навистина доби потврдна, второстепена пресуда од Апелација во текот на минатата година, по што веднаш преку организирано бегство ја напушти Македонија и замина во Будимпешта, каде што доби азил.

Сепак оваа формална прецизност на Пендаровски не ја менува суштината на исказите на Река, што впрочем го потврдува и самиот Пендаровски со почетниот коментар во репликата, дека на ниво на тези се тука некаде сите кандидати и дека забелешката му е од фактографски карактер.

 

ИЗВОРИ:

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Фондацијата Метаморфозис, National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција