Пентагон нема биолошки лаборатории во земји долж границата со Русија

Фото: Ousa Chea on Unsplash

Факт е дека во Украина не постојат тајни биолошки лаборатории кои ги финансира САД. Во обид да ја засили оваа своја конспирациска теорија, Русија лиферува различни верзии од неа, а дел од нив Вистиномер веќе ги има дебанкирано. Бидејќи нема докази за постоење на овие лаборатории, оттука не може да се зборува ниту за некакво нивно финансирање од САД

Факт е дека во Украина не постојат тајни биолошки лаборатории кои ги финансира САД. Во обид да ја засили оваа своја конспирациска теорија, Русија лиферува различни верзии од неа, а дел од нив Вистиномер веќе ги има дебанкирано. Бидејќи нема докази за постоење на овие лаборатории, оттука не може да се зборува ниту за некакво нивно финансирање од САД

 

 

Анализираме објава на Фејсбук во која се споделува напис со кој се повторуваат дебанкираните тврдења дека Пентагон имал биолошки лаборатории во Украина, Грузија и Молдавија.

Поранешниот началник на силите за радијациона, хемиска и биолошка заштита на руската армија, генерал-полковник Игор Кирилов, посвети големо внимание на разоткривањето на воено-биолошките активности на САД. Кирилов зборуваше за лабораториите на Пентагон во Украина, Грузија, Молдавија и по целиот периметар на границите на Русија. Генералот се фокусираше на исклучително опасните патогени на кои се работи во овие лаборатории, опасноста од нивно истекување и какви закани може да претставува тоа истекување. Кирилов откри и имиња на високи Американци вклучени во овие активности, вклучувајќи го и синот на поранешниот американски претседател Хантер Бајден, пренесуваат руските медиуми, се вели меѓу другото во тесктот споделен во објавата.

Откако почна руската инвазија на Украина, на социјалните мрежи почнаа да кружат лажни тврдења дека рускиот претседател Владимир Путин ги гаѓа лабораториите за биолошко оружје управувани од САД во неговата соседна земја. Наводите за мрежа од такви лаборатории долж границата со Русија беа споделени во руските државни медиуми во неделите пред инвазијата.

Лажните тврдења од Русија за наводна употреба на биооружје од страна на САД не се нови и за нив Вистиномер веќе има пишувано.

Овие дезинформации произведени во кујната на Кремљ, циркулираат со години. Ова тврдење е употребено во различни временски периоди, како, на пример, за време на извештаите за труења извршени од руски агенти, како што беше труењето на Скрипал, за да се одвлече вниманието на јавноста од сопствената употреба на хемиско оружје од страна на Русија.

Тврдењата дека САД развива биолошко оружје во Украина се стари барем од 2018 година.

Според нив, САД работат на доближување на смртоносни патогени близу руската граница и ги тестираат на подрачјето на поранешните советски републики. Според сервисот за проверка на факти „Раскринкавање“, наводите за американските биолошки лаборатории се појавиле уште во 2015 година. Како пример го наведуваат текстот на рускиот медиум „Спутник“ во кој пишува дека „Русија ја загрижуваат воените биолаборатории кои САД ги гради во нејзиното окружување“, иако самиот текст не носи детали или докази дека САД на постсоветско тло навистина гради такви лаборатории.

Вистината е дека на територијата на Украина нема биолаборатории во сопственост на САД, а ова во неколку наврати е дебанкирано, како од светските сервиси за проверка на факти, така и од Вистиномер.

Вистиномер веќе пишуваше за наводите на Игор Кирилов, генерал-полковник, шеф на руските сили за радијација, хемиска и биолошка заштита изнесени на брифинг во мај 2022 година. Кирилов тогаш изјавил:

Треба да се каже дека идеолозите на американските воени биолошки истражувања во Украина се водачи на Демократската партија. Владата на САД постави начин за финансирање на воените био-истражувања директно од федералниот буџет, но исто така користеше владини гаранции за собирање средства од „невладините организации контролирани од раководството на Демократската партија.

Како пример за такви организации, тој тогаш покажал слајд со имињата на Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс, Фондацијата [Бил и Хилари] Клинтон, Отворено општество и инвестициски фондови на Џорџ Сорос, Фондацијата Рокфелер, Алијансата за екоздравство и Розмонт на Хантер Бајден. Кирилов, исто така, ги именувал Pfizer, Moderna, Merck и Gilead како „големи фармацевтски компании“ вклучени во оваа шема, користејќи ја за тестирање лекови додека ги заобиколува меѓународните безбедносни стандарди.

За ваквите тврдења на Москва нема никакви докази, ниту пак, истите се потврдени со некакви факти. Официјални потврди нема од украинските власти, ниту пак, од која било друга официјална страна.

Објавите на социјалните мрежи кои тврдат дека САД имаат биолошки лаборатории во Украина, погрешно го толкуваат Договорот меѓу САД и Украина од 2005 година, чија цел е да се спречат биолошките закани, а не да се создаваат. Според Службата за безбедност на Украина – главната безбедносна агенција во земјата, лабораториите за коишто се говори на социјалните мрежи се во сопственост и финансирани од украинската влада.

Оваа агенција и амбасадата на САД во Украина во неколку наврати рекоа дека ваквите тврдења се лажни.

Според Договорот од август 2005 година, украинската и американската влада се согласиле да соработуваат за „да го спречат ширењето на опасни патогени и поврзаната експертиза и да ги минимизираат потенцијалните биолошки закани“.

Во 2020 година, украинската безбедносна служба издаде соопштение во кое наведе дека нема биолошки лаборатории во Украина кои се водени од странски држави, а особено не воени лаборатории.

Истакнуваме дека тие лаборатории се финансирани од државни пари, лабораториите се под Министерството за здравство и државната служба за сигурност на храната и заштитата на потрошувачите, соопштија од безбедносната служба на Украина.

САД веќе ги отфрлија обвинувањата кои доаѓаат од Русија. Портпаролот на Пентагон, Џон Кирби рече дека станува збор за класична воена пропаганда, а портпаролката на Стејт Департментот Нед Прајс  кажа дека Русија измислува тврдења за да го прикрие своето делување во Украина.

Петер Стано, портпарол на ЕУ за надворешни работи и сигурносна политика, рече дека ЕУ не е запознаена дека во Украина се наоѓаат лаборатории кои не се во согласност со меѓународното право.

Лабораториите во Украина се со цел да превенираат ширење на заразни болести и се дел од Развојна програма за намалување на ризиците и опасностите од болести, како што „Вистиномер“ веќе пишуваше.

„Вистиномер“ веќе пишуваше и за обвинувањата на руската влада дека Грузија врши тајни експерименти во лабораторијата „Ричард Лугар”, која, според Русија, ја финансисра САД, односно Пентагон. Според Русија, Грузија во оваа лабораторија врши „експерименти за примена на инсектите како преносители на опасни болести“. Кампањата на Русија против лабораторијата „Ричард Лугар“ не е нешто ново и таа трае со години.

Факт е дека во Украина не постојат тајни биолошки лаборатории кои ги финансира САД. Во обид да ја засилат оваа своја конспирациска теорија, Русија лиферува различни верзии од неа, а дел од нив Вистиномер веќе ги има дебанкирано. Бидејќи нема докази за постоење на овие лаборатории, оттука не може да се зборува ниту за некакво нивно финансирање од САД.

Поради сето погоре, можеме да заклучиме дека објавата што ја анализираме е невистина.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција