Пензиите навистина растат, ама Фондот станува неодржлив

Бројки низ децении - необјективна споредба. Фото: Скриншот

 

Изјава на Зоран Ставрески:

Она што пензионерите најмногу ги радува е што со нас знаат на што се. Тие тешко и чесно си ги заработиле своите пензии, работеле цел живот и затоа е значајно да ги добијат навреме и да ги добијат зголемени. Изминатиов период просечната пензија во Македонија е зголемена за цели 70 проценти, а најниската пензија е зголемена за 84 проценти. Тоа покажува дека пензионерите можат да сметаат на нас

[Извор Курир  – Датум: 20 март 2016]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Станува збор за недоследна изјава на министерот за финансиии Зоран Ставрески, дадена на собирот што го организираше владејачката партија ВМРО ДПМНЕ на 20.03.2016 година, на која беше претставен Отчетот на партијата за проектите што ги сработила во последните десет години.

Вистина е она што го вели Ставрески, дека просечната пензија за десет годишниот период е зголемена во суми за 70 проценти, а најниската за 84 проценти. Тоа е правено на тој начин што користејќи ја законската обврска за усогласување на пензиите со процентот на инфлација, ВМРО ДПМНЕ најмалку еднаш годишно ги коригира пензииите, или линеарно, или скалесто и тоа со најмалa стапка од 5 отсто. Некогаш, пред избори, оваа корекција се случуваше и на период од помалку од една година.

Но, она што не го кажува Ставрески е дека,  Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, меѓу другото, и поради ваквата политика е во се полоша состојба. Секоја година, почнувајќи од 2008 година, истовремено со редовноста во исплатата и со зголемувањето на пензиите, паралелно растат и трансферите од буџетот на државата, преку Министерството за труд и социјална политика, кон буџетот на Фондот, за да може тој редовно да ги извршува исплатите на пензиите.

Тој трансфер на средства веќе се приближува до бројката од 50 отсто од вкупните потреби на Фондот на годишно ниво, кои изнесуваат близу 800 мииони евра. Минатата година, од државна каса се наполниле дури 43 посто од вкупниот износ на пензиската каса. Или во апсолутни бројки, ако во 2008 година дефицитот изнесувал околу 160 милиони евра, во 2014 тој изнесувал 372 милиони евра

Впрочем, на тоа неодамна предупреди и Светска банка, чија проценка е дека Фондот е неодржлив на среден рок.

Светска банка предупреди дека во отсуство на реформи веројатно е дека ќе се случи значителен дефицит. Според очекувањата, до 2030 година дефицитот би можел да достигне 10,5 проценти од БДП, а пензискиот долг се проектира на над 40 проценти, што би преставувало оптоварување за следните генерации.

Оттука, изјавата на Ставрески е само формално точна, но таа е недоследна, бидејќи е кажана половична вистина и е премолчено дека сегашните покачувања на пензиите се на сметка на идните генерации, кои според Светска банка веќе во наредниот средноречен период ќе се сретнат со проблемот како да се исплаќаат пензиите и да не се урне целиот систем.

ИЗВОРИ:

Оценето од: Тео Блажевски

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција