Пензионерот во Германија е уапсен не само поради навреда на политичар, туку и поради ширење антисемитизам

Бамберг, северна Баварија Фото: Alexander Gresbek auf Pixabay

Пензионерот не бил уапсен само поради навреда на политичар, туку и поради антисемитизам, говор на омраза и глорификација на нацизмот, нешто што објавата која ја анализираме пропуштила да го спомне. Германскиот кривичен законик забранува јавно негирање на холокаустот и ширење на нацистичка пропаганда, и надвор и онлајн. Ова вклучува споделување слики како што се свастики, носење униформа на СС и давање изјави за поддршка на Хитлер

Пензионерот не е уапсен само поради навреда на политичар, туку и поради антисемитизам, говор на омраза и глорификација на нацизмот, елементи кои објавата пропуштила да го спомне. Германскиот кривичен законик забранува јавно негирање на холокаустот и ширење на нацистичка пропаганда – и јавно и онлајн. Ова вклучува споделување слики како што се свастики, носење униформа на СС и давање изјави на поддршка за Хитлер

 

Анализираме објава на Фејсбук која вели:

ЕУ – ДЕМОНкратска. Апсана за навреда на политичар. Германската полиција уапси пензионер од неговиот дом, и ги заплени електронските уреди поради пост на социјалните мрежи со кој министерот (од зелените) го нарекол ИДИОТ. Гревот бил толку голем што биле активирани специјалните единици… севеЏГАНи, како европава…?

Точно е дека германската полиција привела пензионер и дека тој е под сомнение за навреда на политичар, но тоа не е единственото обвинение против него. Тој е обвинет и за антисемитизам, за ширење говор на омраза и глорифицирање на нацизмот, нешто што објавата пропуштила да го посочи.

Имено, како што објави Дојче веле, заменик-канцеларот Роберт Хабек подигнал обвинение против маж, кој објавил негова слика со навредлив натпис на интернет. Инспекторите, исто така, го обвинуваат осомничениот за објавување нацистички слики и слогани.

Јавното обвинителство во Бамберг во северна Баварија во петокот потврдило дека станот на осомничениот бил претресен, при што бил запленет таблет уред и дека кандидатот на партијата на Зелените за канцелар на претстојните избори побарал од властите да покренат постапка за наводна навреда против него.

Осомничен 64-годишен маж е обвинет дека објавил фотографија од Хабек на социјалната мрежа Икс на почетокот на оваа година. Објавата на X прикажува фотографија од Хабек над изработената верзија на логото за брендот шампон Schwarzkopf Professional, со игра на зборови „Schwachkopf Professional“ – што значи „професионален идиот“.

Жителот на Баварија е обвинет и за објавување фотографии и фрази од нацистичката ера претходно во 2024 година. Според обвинителите, оваа објава можеби ги прекршила германските закони против поттикнувањето етничка или верска омраза, пишува Дојче веле.

Дека пензионерот, покрај за навреда на политичар, е осомничен и за глорификација на нацизмот, пишува и Фајненшал тајмс.

Претресот на неговиот стан, кој се случи во вторникот, беше извршен во врска со националниот ден на акција против онлајн антисемитскиот криминал од омраза. Истрагата е во тек, се вели во извештајот на медиумот за овој случај.

Според ФТ, приказната ја искористиле политичарите од екстремно десничарската Алтернатива за Германија (AfD) и алтернативните медиумски аутлети – кои не ги вклучиле деталите за нацистичките наводи.

Германскиот кривичен законик забранува јавно негирање на холокаустот и ширење на нацистичка пропаганда, и надвор и онлајн. Ова вклучува споделување слики како што се свастики, носење униформа на СС и давање изјави за поддршка на Хитлер.

Тој, исто така, поставува строги правила за тоа како компаниите за социјални медиуми мора да модерираат и да известуваат за говор на омраза и закани. Овие закони за говор на омраза беа заострени по трите терористички напади на екстремната десница во 2019 и почетокот на 2020 година, што ги поттикнаа германските власти да предупредат на зголемен екстремизам, пишува сајтот Пбс.орг.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека пензионерот не бил уапсен само поради навреда на политичар, туку и поради антисемитизам, говор на омраза и глорификација на нацизмот онлајн, нешто што објавата која ја анализираме пропуштила да го спомне.

Поради ова, оценуваме дека на објавата ѝ недостига контекст.

 

 

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција