Пензиониран полковник на КОС шпекулира дека ЦИА работи против Србија од авто-салон во Скопје

 

Неколку српски медиуми деновиве промовираа теорија на заговор според која разузнавачки служби на балканските земји во скопски авто-салон подготвуваат атентати на српски опозиционери за кои потоа Западот би ја обвинил власта на Вучиќ. 

Српскиот неделник „Печат“ во бројот од 19 јули 2019, објави текст со наслов: „Јамка за Србија“ (ориг. „Омча за Србију“), за новодната „специјална војна на водечките држави на НАТО против Србија“, ставајќи го притоа фокусот на „новата тајна операција - Јамка во која е разработен план за крах на Србија“.  

Текстот потоа беше пренесен во неколку други медиуми како „Нови стандард“, а и „Вечерње новости“, весник во државна сопственост чиј главен уредник Милан Вучелиќ е истовремено сопственик на „Печат“.  

 

Теоријата на заговор предвидува атентати на лидерите на опозицијата во Србија

Потписник на текстот е Љубан Каран, инаку 66 годишен пензиониран полковник на КОС (Контраразузнавачката служба на бившата Југословенска Народна Армија), кој вели дека ги анализирал можните сценарија за уривање од власт на претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Во својата анализа на специјалните воени методи против Србија, Каран предупредува дека се можни политички убиства при што на удар би биле опозициски личности, а за таквите напади потоа да се обвини власта.  

„Ако се запрашаме кој би можел да биде мета, логично е тоа да биде некој од опозициските лидери, можеби дури и некој од оние кои се под контрола на Западот. Од гледна точка на водењето специјална војна, најефектно би било да се отстрани некој кој во моментот најмногу ја напаѓа сегашната власт. Некој кој повеќе би користел мртов, како „политичка жртва на режимот“, отколку како неуспешен опозиционер без поддршка од народот. Оние кои се впуштиле во валканите игри со западните разузнавачки служби не се ни свесни колкава е опасноста да настрадаат од валканата машинерија за која работат и веруваат дека им користи…“, пишува Каран во контроверзниот текст.  

Лидерите на опозицискиот „Сојуз за Србија“ на посебна конференција за медиуми искажале загриженост дека се работи за закана против нив и побарале истрага од обвинителството за испитување на овие наводи. Тие особено го нагласиле фактот дека државата е сопственик на „Вечерње новости“ и соопштиле дека имаат сознанија дека се следени и прислушувани преку посебно одделение на МВР на Србија, активно од септември 2018 г.    

 

Авто-салон како центар на светски заговор против Србија

Интересно е што во овој синхронизиран „заговор на западните сили“ против Србија , Каран вели дека заедно со Хрватска, Бугарија, Црна Гора, Албанија, Косово, е вклучена и Македонија. Тој тврди дека под влијание на ЦИА е формирана група која делува од еден салон за автомобили во Скопје?!  

„Пред два месеца, бугарската разузнавачка служба се вклучи во заедничката специјална операција против Србија, што е приближно периодот кога беше активирана операцијата „Јамка“. Нивните оперативци работат заедно со разузнавачките агенти од Македонија, Албанија и Германија од Центар во Скопје, кој најверојатно го формирала ЦИА, а кој е маскиран како претставништво за продажба на автомобили“, пишува Каран. 

Меѓутоа, ова заговорничко сценарио делува во најмала рака чудно. Самиот Каран не посочува прецизни извори, макар и неофицијални. Ниту пак, барем некако приближно ги лоцира имателите на „тајните информации“. Одговарајќи на директно прашање од неделникот „Време“ (бр. 1491), тој се повикува на „информации објавени во медиумите“ кои тој „стручно“ ги толкувал. Но, не посочува конкретно на какви информации мисли и на кои медиуми се потпира.  

За волја на вистината, во македонската јавност не е познато дека во Скопје постои авто-салон од каде што, наводно, се креира специјална војна против Србија. Таква информација досега (06.08.2019) не е објавена во ниту еден македонски медиум, ниту како шпекулација.  

Да постоеше во Скопје таков „камуфлиран салон“, мала е веројатноста дека тој досега ќе останеше неоткриен и дека во јавноста немаше да „протече“ некаква информација. Особено, тоа немаше да остане незабележано од медиумите кои се критички настроени кон актуелната владејачка структура.   

До сега нема никакви докази, дури ни од анонимни извори, кои би ги потврдиле наводите искажани во текстот објавен во српскиот неделник „Печат“, што нив ги прави некако прилично неуверливи. А, што се однесува до пензионираниот полковник на КОС, Каран, неговите анти – НАТО ставови ѝ се добро познати на српската јавност. За „Време“ тој изјавува дека не сакал да пренесе закана со смрт до опозицијата, туку само „да предупреди“ дека против Србија се води специјална војна чија цел е да се изнуди приближување кон НАТО и одвојување од Руската Федерација.    

Според новинарот на „Време“ Слободан Георгијев, авторот на интервјуто со Каран, токму ваквите текстови се показател дека „Србија е во некој вид специјална војна, ама која режимот ја води против сите кои мислат, зборуваат и работат поинаку од Вучиќ и неговата екипа.“ Според него, во таа војна медиумите играат можеби најважна улога. „Лажни вести, лажни медиуми, лажни новинари, лажни аналитичари – го имаат преплавено српскиот медумски простор“, заклучува Георгијев.   

Во претходниот период, терминот „јамка“ го користеле низа белградски таблоиди познати по објавување дезинформации за светски заговори против Србија, како „Информер“ или „Српски телеграф“. Во таквите написи, и пред објавувањето на написот на Каран, тие често пишувале дека „се стега јамката околу вратот“ на Вучиќ.

Претходно вакви тврдења на националната телевизија РТС изнесе и пратеникот во српскиот парламент од Српската напредна партија, Милован Дрецун коментирајќи го случајот кога руски измамници објавија снимки од телефонски разговори со македонскиот премиер Зоран Заев.

(преземено од: Мета.мк)

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.

Оставете реакција