Шилегов треба да знае дека има студии на загадувачи во Скопје

Загадувачите се познати - се чекаат мерките. Фото: printskrin

Зборувајќи за начините за решавање на загадувањето како сериозен проблем на Скопје, кандидатот за градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, актуелен пратеник од оваа партија во Собранието на РМ, изјави дека најпрво треба да се утврдат изворите на загадувањето, додавајќи дека „таква студија никој и покрај сериозноста нема организирано…“

 

Кандидатот за градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, во рамките на ТВ дебатата за проблемите што ги има градот и решенијата што ги нудат, ја даде следната изјава чиј суштински дел го сметаме за невистина:

Изјава: По однос на загадувањето кое што претставува рак рана во последните неколку години и кое што е резултат на сиимбиоза на неколку неплански, воопшто непланирани дејствија, мора да се реши на неколку нивоа…Најпрво треба да се истражи начинот, изворите на загадување што се јавуваат, што се причинителите. Таква студија никој и покрај сериозноста нема организирано и потоа да се преземат мерки, краткорочни и можат да бидат интервентни во зимава која што ни претстои, меѓутоа нема да дадат спектакуларни резултати и среднорочни, од кои што главната е гасификацијата на Скопје со која што ќе започнеме…

[Извор: 24 Отворено – Што ќе понудат потенцијалните градоначалници  (од 15 – 16,40 мин.), Датум: 02.10.2017]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Зборувајќи за начините за решавање на загадувањето како сериозен проблем на Скопје, кандидатот за градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, актуелен пратеник од оваа партија во Собранието на РМ, изјави дека најпрво треба да се утврдат изворите на загадувањето, додавајќи дека „таква студија никој и покрај сериозноста нема организирано…“

Оваа реченица која делумно беше поддржана и од другите кандидати, не одговора на реалноста. Град Скопје во декември минатата 2016 година ја претстави студијата која што е усвоена, носи датум од јануари 2017 година, а се однесува на загадувањето на воздухот, заедно со мерките што треба да се преземат за тоа загадување да се намали.

Студијата е вградена во документ кој е наречен ПЛАН ЗА ПОДОБРУВАЊЕ НА КВАЛИТЕТОТ НА ВОЗДУХОТ ВО АГЛОМЕРАЦИЈА СКОПСКИ РЕГИОН и таквиот план е дел од законската обврска наметната со регулативите што ги има Република Македонија во однос на животната средина и кои се изработуваат во согласност со законодавството на Европската унија.

Самата студија беше претставена на презентација во салата на Собранието на Град Скопје, за што медиумите детално информираа. Истовремено, беа претставени уште два документи – КРАТКОРОЧЕН АКЦИОНЕН ПЛАН ЗА ЗАШТИТА НА АМБИЕНТНИОТ ВОЗДУХ ВО ГРАД СКОПЈЕ И ОПШТИНИТЕ ВО ГРАД СКОПЈЕ и Интегриран катастар на загадувачите на животната средина.

Во дел од овие документи и во презентацијата на плановите се наведува дека „во изработката на плановите учествуваа Финскиот институт за метеорологија, Австриската агенција за животна средина, Градот Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање. Свој придонес во подготовката на овие документи дадоа и Центарот за развој на Скопскиот плански регион и компанијата Технолаб“.

Интегриран катастар на загадувачи бил изработуван и порано, во 2004 година, така што детектирањето на вкупното загадување и детектирањето на загадувачите конкретно на воздухот, не е нешто што никој не го направил, па дури и ако се земе зборчето „студија“. Секако, согласно законските обврски за заштита на животната средина, станува збор за трајно задолжение на секоја локална власт во одреден временски период.

Патем, според студијата изработена со помош на европски пари и на експерти од Финска и од Австрија во соработка со наши експерти и податоци од нашите институции, најголем загадувач на воздухот во Град Скопје се домаќинствата и тоа поради застарениот начин на греење. Тие учествуваат со дури 91 отсто во вкупната емисија на фамозните и многу опасни микро честички ПМ10, кои се најалармантни посебно во зимскиот период.

Поради погоре изложените аргументи, изјавата на кандидатот за градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов, дека никој не презел изработка на студија за причинителите за загадувањето, ја сметаме за невистина.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Tео Блажевски

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција