Петровска: Еден од најгорливите проблеми во Битола е аерозагадувањето

Градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска Фото: Општина Битола

 

Загадувањето на воздухот, меѓу другото, е последица на нерегулираниот сообраќаен режим во Општината. Како  локална самоуправа ќе примениме целосна имплементација на еднонасочниот сообраќаен режим во централното градско подрачје, но и осовременување  на јавниот патнички превоз со набавка на еколошки возила… Најпрво, без двоумење одредив средства за започнување на проектот за гасификација во Општината како системски би се започнало со решавање на овој проблем, вели  м-р Наташа Петровска,  градоначалничката на Општина Битола во интервјуто направено во рамките на проектот „До отчетни општини преку активни граѓани“, спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“, а поддржан од американската непрофитна фондација NED ( National Endowment for Democracy) 

 

 

Интервјуто го правеше: Веле Митаноски

 

 

Каква ситуација затекнавте во Општината кога дојдовте на градоначалничката функција? Излеговте со информација, дека на 31 октомври (2017) Општина Битола за пристигнати и преземени обврски била задолжена 768.218.028 денари, или 12.491.350 евра. 

 

На битолската, но и на пошироката македонска јавност ѝ беше познато дека финансиското работење на Општина Битола се карактеризираше со нетранспарентност, нерационалност и нефункционалност. Мене како член на поранешниот совет дел од состојбите во финансиите ми беа познати, но, сепак, не очекував дека пописот ќе покаже доспеани и преземени обврски во висина на скоро едноиполгодишен буџет на Општина Битола. За жал, тие бројки и не беа конечни, бидејќи некои времени ситуации и фактури стигнаа до крајот на годината, така што износот на обврските се зголеми од тој со пописот. Во овој долг не влегоа и обврските на училиштата во Битола. Битолските институции од основно и средното образование должат кон надворешни добавувачи над 1.7 милиони евра и кон Општината 2.6 милиони евра, или вкупно имаат долг од 4.3 милиони евра. Битола е задолжена со кредит од 155 милиони денари. Општината презела обврска дека ќе изгради трибина на фудбалскиот стадион во вредност од 5.5 милиони евра и дека ќе ги плати за две години. Сето тоа се граничи со илузија. Како резултат на таквите состојби се соочив со тужби и опомени за неплатени обврски, со блокади на сметката со судски извршни решенија.Во една таква ситуација излезот го барав во анализа на сите договорени и преземени обврски. Потребно беше да се диференцира што е неопходно веднаш да се преземе, за кои обврски може со доверителите да изнаоѓаме решение постепено да ги регулираме. Првите потези беа да се елиминираат сите непотребни или во тој момент помалку важни трошења. Во однос на минатите години само за украсување на градот и дочекот на Нова година, заштедивме над педесетина илјади евра. Ги елиминиравме коктелите за прослави, а дел од парите за таа намена уплативме во хуманитарни цели.

 

Каква е ситуацијата во јавните претпријатија, на пример во „Нискоградба”, каде се задолжувале со кредити, или во „Пазари”, каде си доделувале високи бонуси?

 

Ситуацијата е особено загрижувачка во Јавното претпријатие „Нискоградба”. Долговите на ова претпријатие покажуваат дека е доведено во прашање нормалното функционирање на претпријатието. За надминување на состојбите веќе е направен план за поголемо ангажирање на градежната оператива на ова претпријатие во работите на градот пред сè за изградба на нови канализациони делови и ангажирање во други делови кои порано се доделувале на надворешни фирми. Слично како и во Ј.П „Нискоградба” и во Ј.П „Пазари” е направен план за финансиска консолидација и првите знаци на подобрување се гледаат. Важно е за сите јавни претпријатија да се работи домаќински и тие да бидат во функција на задоволување на потребите на граѓаните. Мислам дека не само во овие две јавни претпријатија туку и во „Комуналец” и во „Водовод” сме на прав пат.

 

Дали сте задоволни од сработеното во првите 6 месеци од мандатот, дали имавте непредвидени ситуации?

 

Го стартувавме проектот за булеварско решение, со којшто Битола ќе добие булеварски влез во градот, односно „Надградба и поправка на коловоз на патенправец Р1101 – клучка Крклино – влез во Битола“, како и изградба на атмосферска канализација. Лошата финансиска состојба ме мотивираше да барам решенија за проблемите на градот кои во еден дел ќе бидат финансирани од други институции, државни или донации од невладини институции, од меѓународни фондови и од стопанските субјекти во Општината. Покрај сопствени средства, пред сè, за атмосферската канализација, со лобирање се обезбедени пари за реконструкција и асфалтирање на патот на влезот од Прилеп и тоа ќе се направи за брзо време. Активно се работи на овој проект и ќе се реши еден голем сообраќаен проблем на граѓаните на Битола и секој кој ќе дојде во нашиот град од овој влез. Обезбедени се средства за отпочнување на реконструкцијата на „Офицерскиот дом”, тие ќе бидат доволни само за еден дел,  но штом нешто ќе се започне ќе не мотивира да го завршиме. Моментно се работи на реконструкција на булеварот „Први Мај” покрај реката Драгор. Се санира дел од коловозот кон Бистрица. Се доизведоа тротоари во населбата „Мал Париз”. Се пристапи кон решавање на проблемот со инфраструктурата во поранешната касарна. Се асфалтираа нови улици, се поплочија тротоари и поставија столбови за осветлување. Се комплетираа проекти кои Општината во еден дел, а во еден дел со МТСП треба да изведе канализација, водовод и коловоз на неколку значајни по должина улици.

 

Кои беа главните точки (и ветувања), односно, кои се најважните проекти за реализација, откако ја добивте довербата на граѓаните? На пример, сите кандидатите ветувавте почиста средина, пред сè, со состојбите што ги предизвикува РЕК Битола, со 30 илјади автомобили во градот и слично.

 

Еден од најгорливите проблеми во Битола е загадувањето на воздухот. Меѓу останатите чинители, загадувањето на воздухот е последица на нерегулираниот градски, односно целокупниот сообраќаен режим во Општината. Како  локална самоуправа ќе примениме целосна имплементација на еднонасочниот сообраќаен режим во централното градско подрачје согласно сообраќајната студија и потребите на граѓаните. Осовременување  на јавниот патнички превоз со набавка на еколошки возила и што е најважно, секогаш мора да водите сметка дека од најрани години треба да се всади кај младите културата за сè, вклучително и затоа кое е значењето на сообраќајот и неговата регулација од еколошки аспект. Најпрво, без двоумење одредив средства за започнување на проектот за гасификација во општината како системски би се започнало со решавање на овој проблем. Еднонасочноста на улиците секако дека е прикладното решение на постоечката архитектура на градот. Согласно затекнатата финансиска состојба не можеме да го осовремениме превозот во градот без допоплнителна помош од други инстанци, и се преговара за постигнување на истата. Што се однесува до градењето на свеста кај младите, со ЈП „Комуналец” е постигната согласност за формирање на едукативно еко катче.

 

Што преземате со дивите депонии, посебно околу ромската населба? Таму проблемот е дополнително отежнат, немаат струја и вода. Имаше најави за инвестиција од 5 милиони денари.

 

Проблемот кој се создаде со дивоизградената населба покрај патот за Ресен и Охрид, или попознат како обиколница на Битола е сериозен. Овој дел е неурбанизиран и има проблеми од сите аспекти на комуналната инфраструктура. Потпишан е договор со ЕВН за решавање на проблемот со напонот на електричната енергија. Правиме напори да ги решиме и другите комунални проблеми, но тоа е тешко бидејќи се работи за крајно неурбанизирана средина. Се поплочи една улица. Се излобира за решавање на проблемот со ромската населба Баир и излез од многугодишната ситуација на опасноста на населението со постоечката траса на регионалниот пат што поминува низ таа населба. Истото ќе биде направено. Општина Битола, иако не е надлежна за депониите на и покрај патот, сепак,  заедно со јавните претпријатија постојано ги чисти дивите депонии кои претставуваат не само лоша слика, туку и голем загадувач на околината. Ќе продолжиме со чистење на дивите депонии, но и ќе преземаме чекори за спречување на несовесните граѓани да фрлаат отпадоци каде не им е место.

 

Регионалните депонии, се општ проблем во земјата.Населението некаде се противи, како во Охрид, на пример. Вие ја поддржавте иницијативата и владината одлука да се гради регионална депонија во Пелагонискиот Регион, во нареднитечетиригодини, со вкупна вредност oд 40 милиони евра. Има забелешки околу транспарентноста на процесот, сè уште не е обелоденета точната локација. Најавивте и проект за изградба на пречистителна станица и колекторски ситем во Битола, вреден 7,5 милиони евра.

 

Донесовме одлука на Совет со која ја поддржавме владината решеност да се изгради регионалната депонија. Факт е дека имаме третман на ѓубрето што е надвор од сите современи стандарди во цела држава, како што е факт дека имаме насекаде диви депонии. Тоа мора да се реши. Современиот третман на отпад не е само зачувување на животната средина, туку и можност за заштеда на општината преку низа последователни приходи од тој третман. Проектот со прочистителна станица се одбива за што Општината веќе сериозно работи на делот со експропријација на земјиштето.

 

Какви чекори и постапки имате намера да спроведете за да ја зголемите отчетноста во своето работење?

 

Ако се земе предвид дека набавките се една од потенцијалните места на нетранспарентно трошење на буџетот ние како Општина веќе ги објавуваме сите одлуки за јавни набавки на нашата веб – страница. Таму може да се гледаат самите постапки, кои се операторите кои ги добиле јавните набавки, износите на договорите. Општината ги објавува кварталните извештаи за финансиското работење, завршните сметки. Ќе работам на целосна транспарентност во прибирањето на приходите и трошењето на парите од општинската каса. Редовно се даваат одговори на поставените прашања, согласно законот за слободен пристап на информации од јавен карактер.

 

Да издвоите три или повеќе најрелевантни предизвици /проблеми /ветувања во Општината за кои беше ветено дека ќе бидат разрешени, односно исполнети. На пример, сите кандидати ветуваа санација на „Офицерскиот дом”, услови за „Малиот битолски Монмартр”, пругата кон Грција ( ресорниот министер најави директна поддршка од централната власт за подобрувањето на комуналната, патната и железничката инфраструктура во Општината Битола и Пелагонискиотрегион, и слично.

 

За „Офицерскиот дом” веќе кажав. Дел од парите се обезбедени. Се чека да се добие градежната дозвола од Министерство за транспорт и врски. Со организаторите на „Малиот битолски Монмартр” сме во добар дослух при комуникација. Секако поддршката од градот во финансискиот дел ќе ја имаат. Пругата кон Грција ќе се направи. Динамиката на активности е определена и изведена според Министерството за транспорт и врски.

 

 Да не потсетите на уште некои најдоминантни прашања во изборната кампања, или, уште побитно, кои се најважни за граѓаните, кои разрешуваат некој горлив, важен или итен проблем со што ќе се придонесе кон значително подобрување на квалитетот на животот и зголемување   на  добробитта и благосостојбата на граѓаните, односно кои претставуваат причина и предуслов што вие, како кандидат бевте избрана за градоначалник. Ветување ви беше и националниот проект за гасификација.

 

Во тек е тендер за изведба на основен и идеен проект за гасификација. Средства во буџетот за гасификација и за оваа година се предвидени. Средувањето на влезовите, реставрација на „Офицерскиот дом”, градење на спортски комплекс, средување на состојбите со планинарскиот дом „Копанки”, велосипедски патеки…

 

Што друго би издвоиле од предизборната програма, ваша и на вашата партија?

 

Транспарентна и отворена Општина за граѓаните. Никогаш досега така не бил отворен кабинетот на градоначалникот. Секој петок (кога нема ангажман надвор од Општината) јас имам прием на граѓани.

 

Дали затекнавте започнаи недовршени проекти? Дали има во надлежност на централната власт. Имате ли споделени надлежности и каква ви е соработката?

 

Да, како на пример изградба на инфрастуктура во поранешната касарна. Но и тука заради лошиот пристап сум имала потреба од редефинирање на активностите. Секако има и проекти кои треба да се изведат во соработка со министерства што секако е потврда на добрата соработка со истите.

 

 Кои се приоритетите до крајот на мандатот, особено во однос на неисполнетите ветувања, како и за соработката со опозицијата, особено акои ма проблеми и големи несогласувања во комуникацијата меѓу општинската власт и опозиција.

 

Приоритетите се претходно посочените проблеми и проекти во ова интервју. Што се однесува до опозицијата, би била премногу задоволна во поставеност на истата како вистински коректор на власта со аргументиран критички а не критизерски пристап.

 

СЕКОГАШ СЕ ЈАВУВАМ НА МОБИЛЕН

 

 

Дали имате портпарол, дали се јавни неговите/нејзините контакти и  детали?

 

Да секако имаме порофесионално лице за контакт со јавноста.

 

Дали се јавувате на телефон кога ве бараат новинарите и претставниците од цивилното општество?

 

Дури и отповеќе.

 

Дали ги објавувате сите одлуки на градоначалникот и на општинскиот Совет?

 

Секако во Службениот гласник на Општината, во целосна, а преку извештатите на медиумите во форма достапна за јавноста.

 

Дали сте ја објавиле административната структура на општината: секторите и раководителите на секторите, листата на вработените во Општината и нивните контакт детали?

 

Бездруго, објавени се целосните листи.

 

Дали сте го објавиле општинскиот буџет?

 

Тоа е нормална процедура.

 

Дали сте ги објавиле проектите и трошоците за истите?

 

Детално по структура и по позиции.

 

Дали ги објавувате трошоците на општината: што купувате, што јадете, колку трошите за бензин/нафта и колкутрошите за телефон?

 

Ништо не купуваме посебно, го јадеме она што ни го дозволува личниот буџет, а за сè останато од службен карактер, се оди јавно на тендер.

 

Дали ги објавувате записниците од седниците на Советот?

 

Да.

 

Дали имате објавено име на одговорно лице и листа на документи и обрасци за поднесување барања за добивање информации од јавен карактер кои ги поседува Општината?

 

Имаме посебно задолжено лице за тоа, а за се останато согласно Законот.

 

Дали се објавува годишната програма и план за работа и последично на тоа дали се објавува Годишен извештај за работењето и трошењето на општината?

 

Секако, и едното и другото.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Оставете реакција