Петте кандидати за нов државен обвинител зависат од Советот на ЈО и од желбите на власта

Зградата на Јавното обвинителство на СРМ. Фото: Dan, 2017. (CC BY-SA 2.0)

На листата на пријавени кандидати се три кандидатки од самото ЈО –  в.д. државната јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителката Ленче Ристоска, обвинителката Лидија Раичевиќ, судијата од Кривичниот суд во Скопје Ненад Савески и поранешниот претседател на Кривичниот суд во Скопје Владимир Панчевски

На листата на пријавени кандидати се три кандидатки од самото ЈО –  в.д. државната јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителката Ленче Ристоска, обвинителката Лидија Раичевиќ, судијата од Кривичниот суд во Скопје Ненад Савески и поранешниот претседател на Кривичниот суд во Скопје Владимир Панчевски

 

Пишува: Теофил Блажевски

 

Советот на Јавни обвинители, највисокото тело во хиерархијата на Јавното обвинителство во РСМ денеска треба да се изјасни за петте пријавени кандидати за нов државен обвинител.

До ова доаѓа откако претходниот Љупчо Коцевски по политичко барање и притисок од извршната власт, во декември 2025 г. сепак реши да поднесе оставка, на само неколку часови пред да Собранието да расправа за негова смена по барање на Владата, што значи по околу две години од неговиот мандат кој според Законот трае шест години со право на реизбор.

На листата на пријавени кандидати се три кандидатки од самото ЈО –  в.д. државната јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителка Ленче Ристоска, обвинителка Лидија Раичевиќ, судијата од Кривичниот суд во Скопје Ненад Савески и поранешниот претседател на Кривичниот суд во Скопје Владимир Панчевски.

Што вели Законот?

Изборот на нов државен обвинител се спроведува според актуелниот Закон за Јавно обвинителство кој е во сила од 2020 година и кој е во фаза на сеопфатна промена во рамки на т.н. реформска агенда во правосудството.

Огласот го распишува Собранието на РСМ кое и го именува државниот обвинител по предлог на Владата. Владата пак, решава за изборот од бројот на кандидати кои ќе бидат одобрени од Советот На ЈО, значи од оние за кои Советот ќе се изјасни дека ги исполнуваат сите критериуми и може да добијат позитивно мислење.

Тоа е регулирано во членовите 63 и 64 од Законот:

Член 63

(1) Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, по предлог на Владата на Република Северна Македонија, го именува Собранието на Република Северна Македонија за време од шест години со право на повторно именување.

(2) Јавните обвинители ги избира Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија без ограничување на траење на мандатот под услови и во постапка утврдени со закон.

(3) Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија дава мислење по предлогот на Владата на Република Северна Македонија за именување и разрешување на Jавниот обвинител на Република Северна Македонија.

Како и следниот 64 член од Законот, од кој најважни се последните, став 5 и 6 од членот:

(5) Ако Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија од оправдани причини во рокот од ставот (3) на овој член не достави мислење до Владата на Република Северна Македонија, рокот од ставот (3) на овој член се продолжува уште за 15 дена. Ако и во овој рок Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија не достави мислење, се смета дека мислењето е позитивно.

(6) Ако Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија не даде позитивно мислење за ниту еден од пријавените кандидати Владата на Република Северна Македонија не може да утврди предлог за именување на Jавен обвинител на Република Северна Македонија и ќе му предложи на Собранието да го повтори огласот од ставот (1) на овој член.

 Советот може да ја пролонгира постапката

Гледајќи само како можност, Владата не може да му предложи на Собранието да именува свој посакуван кандидат без зелено светло од Советот, но тоа ќе значи дополнително временско одлагање за уште месец, два, три… во постапката, зашто како што се гледа од ставот 6 од последниот член цитиран погоре, огласот повторно се распишува.

Но ова е само законска можност. Имајќи ги предвид сите досегашни медиумски вести, анализи и сознанија, па дури и на ниво на непотврдени од независен извор, сосема е јасно дека Советот на оваа седница треба да излезе со листа од кандидати што ќе го поминат овој филтер. Иако јавно се негира, не може да се исклучи и нивото на влијание што го има и Владата во Советот, меѓучовечките односи во самото ЈО и во Советот со кандидатите што се пријавиле, па и од тоа може да зависи и неформалната ранг-листа, т.е. дали најмногу гласови од членовите на Советот ќе добие посакуваниот кандидат од извршната и мнозинството од законодавната власт. Минимумот гласови за да се добие позитивно мислење се шест.

Во периодот од распишувањето на огласот еден од кандидатите, Ленче Ристоска може да се оцени дека беше неомилен кандидат и беше изложена на жестоки критики од страна на извршната власт. Уште далеку пред конкурсот. Причината е тоа што таа како поранешен обвинител од СЈО го сè уште води предмети поврзани со ВМРО-ДПМНЕ. Таа се конфронтираше и со премиерот и со партијата, побара извинување и тужби за клевета, но сепак го задржа оптимизмот и рече дека учествува за да победи.

Дел од кандидатите доставија и програми за работа или други документи, но според Законот тоа не е потребно, исто како што не е задолжително Советот да прави интервју со кандидатите.

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција