Петте мускетарки на правната држава

 

Годинава беше тешко да се брани правната држава, особено кога после активирањето на предметот „Империја“ од страна на СЈО се допре најчувствителниот дел од интересите на локалните моќници. Потоа дојде аферата „Рекет“ која ја сруши институцијата СЈО, па товарот на обвинувањата главно падна врз грбот на Организиран криминал во рамките на ЈО. Паднаа и маските во целото правосудство кое очевидно се врати на своите стари манири. Значајно е намалена почетната инерција со која ентузијастички се тргна кон промените во третата власт, иако и годината која измина ни носи свои борци и примери, за волја на вистината главно кај припадничките на понежниот пол.

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Во време кога шефицата на Специјалното јавно обвинителство падна на испитот на корупцијата, обвинета за сериозни дела и која Новата година ќе ја чека во  домашен притвор,  кога гледаме како предметите кои ги започна СЈО, таа голема надеж во враќањето на правната држава или застаруваат со разни трикови во правосудните сали и околу нив, или пак, се губат како „недоречени“ или слично, на силна ветрометина останаа малку индивидуи кои сами или на чело на одредени институции треба да ги бранат принципите на правдата и еднаквоста. Одбравме пет личности за кои сметаме дека заслужуваат за нивните имиња да ги врземе добрите настани во 2019 година.

  1. БИЛЈАНА ИВАНОВСКА

Фото: Принтскрин

Нема да биде изненадување ако по заминувањето на обвинителката Јанева од спектарот на функционери во кои граѓаните гледаат надеж во враќањето на првната држава, тоа место да го заземе првата антикорупционерка Билјана Ивановска. Таа го привлече вниманието веднаш по изборот на новиот состав на Антикорупциската комисија, кој беше направен во февруари. Со јасните погледи кон ситуацијата во областа каде ќе дејствува, со непопустливоста кон политичките и други притисоци и со претворањето на своите нови колеги во „продуктивна машина“, таа и Комисијата во изминативе девет месеци отворија повеќе предмети за непотизам, судир на интереси, финансиски злоупотреби, а поведоа и постапки за испитување на имотната состојба на девет функционери.

Јас сум задоволна, затоа што главно институциите го почитуваат законскиот рок за доставување на документите од петнаесет дена. Меѓутоа не сум задоволна од бавноста на решавање на нашиот проблем на преселување, на инсталирање на опремата и со поврзување на 17-те институции за кои што законот ни дал надлежност да бидеме поврзани. Кога тоа ќе биде целосно функционално тогаш ние нема да имаме потреба од чекање документи од институциите, туку на моментална основа ќе имаме размена на податоци. И тогаш ќе бидеме навистина поефикасни – рече неодамна претседателката на Антикорупциската комисија.

Посебно беше силна нејзината изјава дека Јавното обвинителство сè  уште работи под притисок, од, како што посочи, две причини – првата е што за некои предмети сè уште нема одговори, а втората е дека за некои предмети, пак, добиваат многу брзи одговори. Тоа, како што рече, укажува дека постојат различни нарачки.

 

  1. АНА ГЛИГОРОВА

Фото: Принтскрин

Неуморната застапничка на правата на обесправените и главно немоќни поединци и семејства кои не можат да се снајдат, или немаат средства да влегуваат во правни битки е наша колешка. Глигорова е врзана за телевизиската режија и својата работа ја започна во згаснатата А1 телевизија, а сега на слична работа е во 24 ТВ. Оние кои секоја сабота минуваат крај т.н. Триумфална капија во центарот на Скопје ја гледаат како ги храбри и насочува лицата кои побарале исклучување од парното греење, а потоа плаќаат цех во судските постапки поголем отколку кога би биле вклучени  во системот! Деновиве ја гледаме како покренува иницијативи за борба со извршителите , ставајќи се на страната  на сиромашните граѓани  кои должат некому сосема скромни суми, а кои потоа со камати, банкарски трошоци и енормни нотарски тарифи стигнуваат до небо.

Нејзиното мото е „човекот над профитот“. И самата, кажува во едно интервју, била жртва на виртуелен долг од кого не можела лесно да се ослободи а потоа сфатила дека таа е само дел од повеќеилјадна армија на паталци. Во битката со она што го нарекува добро организирана мафија (извршители – доверители – банки – судии) и со илустрацијата дека во мигот неосновано им се блокирани 130 илјади трансакциски сметки на околу половина милион загрозени сограѓани, таа ги изнесе на светлина на денот класните неправди во земјата кои се „широкопојасни“.

 

  1. ВИЛМА РУСКОСКА

Кога Советот на јавни обвинители ја избра Вилма Рускоска за шеф на одделението за борба со организиран криминал, некаде пред 13 месеци таа веќе имаше солидна работна биографија. Веќе ја водеше истрагата за насилствата од 27 април, како и истрагите за „Диво насеље“, „Змиско око“ и „Детонатор“.  Но, никој не можеше тогаш да помисли дека нејзин предмет на истрага ќе биде дотогаш неприкосновената шефица на СЈО, за чија одбрана со месеци на скопските улици се маршираше во долги колони.

Околностите се променија – отворање на предметот „Империја“, кога се покрена постапка против најмоќните луѓе во земјава постигна и домино ефект кој ја турна шефицата на СЈО во редовите на осомничени, а потоа и обвинети за продажба на своето влијание. Овој предмет и истрагата што се поведе доведоа до појавата на аферата „Рекет“.

Аферата „Рекет“, пак,  досега, објективно, е „најголем залак“ за било кој обвинител во последните децении. Тоа што последните месеци го води Рускоска како битка во која е наводно сама (добро е што другите членови на тимот своите задачи ги обавуваат во анонимност), не секогаш без замерки во однос на потребното „студенило“ во настапите, ќе треба да биде потврда дека СЈО ќе си најде ново прибежиште во ЈО.

Настана вистинска луња во правосудството кога Рускоска разбра дека обвинетата Катица Јанева со одлука на Апелација е пуштена од истражниот затвор во домашен притвор. Имено, на 19 ноември била испратена СМС порака до еден од членовите на Кривичниот совет на Апелациониот суд Скопје (Јани Нича) со следната содржина:

Ако ти со советот сте ја пуштиле Катица, да знаеш дека од гаќи ќе ве истресам цел совет со финансиска истрага. Заради судии како Вас, никогаш нема во ЕУ да влеземе. Ако не е твојот совет, се извинувам. Ама ако сте вие, ќе видите.

Без оглед на стручните реакции, оваа изјава беше еден вид на мелем за јавното мислење кое отворено го обвинува целото правосудство за коруптивност.

 

  1. ДОБРИЛА КАЦАРСКА

Фото: Принтскрин

 

Опозицијата во земјата, чии високи функционери се најдоа како обвинети во многу предмети, главно покренати од СЈО, беа многу лути на судијката Добрила Кацарска која барем во однос на своите колеги покажуваше многу поодговорен однос и не дозволуваше вообичаени трикови на адвокатите и обвинетите во одложување на рочиштата. Обично се велеше дека ако СДСМ говори за „сваровски судии“, кои работеле во корист на ВМРО ДПМНЕ, сега власта има свои „Кацарски судии“.

Таа самата сосема отворено ги критикува своите колеги.

Активен поддржувач сум на ветингот, т.е. проверката во правосудството, а ние судиите со нашето однесување сами придонесовме угледот на судот да биде на најниско ниво – вели таа во едно свое интервју за „Макфакс“.

Кацарска, која го осуди премиерот во бегство Никола Груевски на двегодишна затворска казна, во истото интервју ќе каже:

Помеѓу судиите има и такви што не заслужуваат да ја носат судиската тога. Сметам дека преку тој процес на ветинг, конечно, во Македонија би се тргнале сите судии што не заслужуваат да бидат носители на судиската функција. Се знае кој може да биде судија, според законот овие услови ги исполнуваме сите, но судијата мора да биде човек со интегритет, углед, професионалец и слично.

Заради фактот што нејзиното семејство имало блиски врски со семејството Камчеви таа побара иземање од предметите каде се јавува името на бизнисменот Орце Камчев.

 

  1. МАРГАРИТА ЦАЦА НИКОЛОВСКА

Фото: Принтскрин

Ветеранката во судската фела, денес доста активна во невладиниот сектор, оној кој се бави со правосудството и со заштита на човековата права е неодминлив коментатор и аналитичар во овие области. Нејзиниот ентузијазам во насока на подобрување на состојбите во сферата на правната сфера е добра противтежа на општото незадоволство. Јасно, таа не бега од темните колори кога се работи за оценките на нејзините довчерашни колеги.

Според неа, мисијата за создавање на независно судство во земјата секако дека не е невозможна, прашање е само на начин како тоа ќе се изведе, вели таа во контекст на најавата на  Зоран Заев (во тоа време мандатар) за распуштање на судството и негов реизбор.

Ние имаме судии коишто се избрани по тефтерче, ние имаме судии коишто пролетале низ сите судски инстанции, кои покажале на некој начин непрофесионално, неквалитетно правно раздавање, имаме состојби на селективна правда, на две различни одлуки од ист судски совет, сето тоа се работи коишто укажуваат дека во одредена ситуација непристрасноста не била застапена. Што се однесува до изборот и во делот на независноста, исто така имаме проблематичен пристап и со соодветно испитување може да се утврдат елементи и врз основа на тие елементи да дојде до разрешување на тие судии или дисциплински постапки, додава Цаца Николовска.

За оваа поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права прочистувањето однатре не вродило со плод, но тоа може да се изврши од страна на Судскиот совет, Комисијата за спречување на корупцијата. Таа посочува дека оценување на судии треба да се врши во секое време, особено во земји каде има проблем со независност и пристрасност.

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.