Пиењето алкохол не ве заштитува од коронавирусот

Употребата на алкохол, особено тешката употреба, го ослабува имунолошкиот систем и на тој начин ја намалува способноста на телото да се справи со заразни болести, вели д-р Александра Георгиева, претседателка на Здружението на лекари специјализанти 

Употребата на алкохол, особено тешката употреба, го ослабува имунолошкиот систем и на тој начин ја намалува способноста на телото да се справи со заразни болести, вели д-р Александра Георгиева, претседателка на Здружението на лекари специјализанти 

 

Во пост на Фејсбук се тврди дека одредени алкохолни пијалаци нудат заштита од коронавирусот. Ваквите тврдења се опасни, можат да го загрозат јавното здравје и да предизвикаат здравствени проблеми кај лицата кои би се обиделе на овој начин да се заштитат од ковид-19.

Овие алкохоли дефинитивно штитат од коронавирусот – тоа го тврдат и кинеските лекари, од денес започнете да ги пиете!

Ваков напис, особено со ваков ударен, директен и сензационалистички наслов може да ги поттикне читателите да почнат да консумираат алкохол за да се заштитат од заразување со ковид-19. Тоа може да доведе до појава на бројни несакани ефекти, од кои еден од најопасните е зависноста од алкохол, која, пак, може да предизвика долготрајни штетни последици за човековото тело, како цироза на црниот дроб, панкреатитис, епилепсија, полинеуропатија, алкохолна деменција, болест на срцето, нутритивен дефицит и сексуална дисфункција, зголемен ризик од рак, анксиозност, депресија, шизофренија, панични растројства.

Доктор Александра Георгиева, претседателка на Здружението на лекари специјализанти во изјава за „Вистиномер“ вели дека етил алкохол (етанол) е супстанца во алкохолните пијалоци која е одговорна за повеќето од штетните ефекти што произлегуваат од нивното консумирање, без разлика дали се консумира во форма на вино, пиво, жестоки пијалоци или било што другo.

Алкохолот има ефекти, краткорочни и долгорочни, на речиси секој орган на нашето тело. Генерално, доказите сугерираат дека не постои безбедна граница, всушност, ризикот од оштетување на вашето здравје се зголемува со секој еден консумиран алкохолен пијалак. Употребата на алкохол, особено тешката употреба, го ослабува имунолошкиот систем и на тој начин ја намалува способноста на телото да се справи со заразни болести. Познато е дека алкохолот, дури и во многу мали количини, предизвикува одредени видови на рак. Во крајна линија, алкохолот ги менува вашите мисли, расудување, одлучување и однесување, додава Георгиева.

Списанието кое што се цитира во текстот, „Фронтиерс ин нутришн” (Frontiers in Nutrition), навистина постои и во него е објавено вакво истражување. Но, за разлика од тоа што се тврди во медиумскиот напис, генералниот заклучок на студијата е дека „субјектите кои консумирале алкохол двојно над упатствата имале поголем ризик од ковид-19“. Моделот покажал зголемен ризик од ковид-19 со зголемување на консумирањето на алкохол. Според студијата, статусот, зачестеноста, количината и подвидовите на алкохолни пијалаци не се поврзани со смртноста од ковид-19.

Овие многу важни податоци и заклучоци воопшто не се спомнати во објавата, туку се искористени други податоци, кои што се нафрлани сензационалистички и без целосен и соодветен контекст.

Според Светска здравствена организација (СЗО), алкохолот не штити од инфекција или болести поврзани со ковид-19. Всушност, можно е консумирањето алкохол да ја зголеми шансата за развој на тешка болест како резултат на ковид-19. Високи концентрации на алкохол, како што е 60–90% (алкохол кој се користи за дезинфекција на површини), може да убие некои форми на бактерии и вируси. Сепак, овој алкохол ги убива вирусите на површината на кожата. Од друга страна, пиењето алкохол не ја намалува можноста за стекнување на САРС-КоВ-2 или развој на тешка болест како резултат на Ковид-19. Алкохолот не ја дезинфицира устата и не обезбедува никаква заштита од коронавирусот. Па, согласно тоа, пиењето алкохол нема да го намали ризикот од инфекција.

Овој напис е објавен на повеќе македонски портали со целосно идентичен текст. Сите овие медиуми кои што го имаат објавено написот, го споделиле и на нивните профили на социјални мрежи што значи оваа порака стигнала до голема публика. Истиот напис, со истиот текст е објавен и во српски портали, еден ден претходно.

Согласно горе изнесеното, произлегува заклучокот дека преку изнесување на мали фрагменти од одредена студија, се споделуваат половични информации кои немаат медицински релевантна позадина со цел постигнување медиумска сензација. Освен што неточно се тврди дека алкохолот може да ве заштити од инфекција со коронавирусот, објавувањето на вакви манипулативни и информации може да предизвика голема штета на индивидуалното и јавното здравје.

 

 

 

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Оставете реакција