Пилотите злоупотребени за теоријата на заговор дека „Земјата е рамна“
Не е точно дека пилотите „знаат дека Земјата е рамна“ или дека постои некакво прикривање на вистинскиот облик на планетата. Напротив, целата современа авијација – од обуката на пилотите, преку навигацијата, до планирањето на летовите се заснова на научно потврдениот факт дека Земјата е приближно сфероид.
Не е точно дека пилотите „знаат дека Земјата е рамна“ или дека постои некакво прикривање на вистинскиот облик на планетата. Напротив, целата современа авијација – од обуката на пилотите, преку навигацијата, до планирањето на летовите се заснова на научно потврдениот факт дека Земјата е приближно сфероид
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Пилотите знаат… дека земјата е рамна.
Наспроти наведеното во објавата што ја рецензираме, во програмите за обука на пилоти се изучуваат глобалната навигација, географските координати, големи кружници (great circle routes), магнетна варијација, картографија и други концепти кои постојат токму затоа што Земјата е закривена. Американската Федерална администрација за воздухопловство (FAA) објавува материјали за пилотска обука кои се темелат на овие принципи.
Пилотите не летаат според претпоставка дека Земјата е рамна, туку користат навигациски системи (GPS, INS, FMS), аеронаутички карти и математички модели кои ја земаат предвид геометријата на Земјата. Поддржувачите на теоријата за рамна Земја често тврдат дека пилотите „не гледаат кривина“, па затоа Земјата мора да е рамна. Но ова е погрешен заклучок.
Поради огромниот радиус на Земјата (околу 6.371 километар), закривеноста е многу мала во однос на видното поле на човекот. На типична крстосувачка височина од околу 10-12 километри (35.000-40.000 стапки), хоризонтот може да изгледа речиси прав, особено низ мал прозорец на патнички авион.
Научно истражување објавено во списанието Applied Optics покажува дека закривеноста може да стане видлива на височини околу 35.000 стапки, но само при многу поволни услови: широко видно поле, чисто небо и без оптички изобличувања од камерата.
Современите авиони ја одржуваат зададената височина преку автопилотот и системите за контрола на летот. Додека авионот се движи напред, неговата ориентација природно се приспособува на локалната вертикала и на гравитацијата. Пилотите не треба рачно да „ја следат кривината“, бидејќи тоа е вградено во начинот на кој функционира летот и контролата на авионот. Ова го објаснува и FAA во материјалите за просторна ориентација на пилотите.
Меѓународните летови не се планираат како прави линии на рамна карта, туку како големи кружници (great circle routes), кои претставуваат најкраток пат помеѓу две точки на сфера. Токму затоа, на пример, летовите меѓу Европа и Северна Америка често минуваат над Гренланд или близу Арктикот, иако на рамна карта тоа изгледа како заобиколување. Доколку Земјата беше рамна, овие рути не би биле најкратки, а глобалниот систем на воздушен сообраќај би бил невозможен да функционира онака како што функционира денес.
Не е точно дека пилотите „знаат дека Земјата е рамна“ или дека постои некакво прикривање на вистинскиот облик на планетата. Напротив, целата современа авијација – од обуката на пилотите, преку навигацијата, до планирањето на летовите се заснова на научно потврдениот факт дека Земјата е приближно сфероид.
Има многу докази дека Земјата е тркалезна. Постојат јавни фотографии од вселената од кои се гледа дека земјата е сферична. Дека земјата е тркалезна покажува и првата фотографија од неа од вселената снимена во триесеттите години на минатиот век.
Мислењето дека Земјата е сфера било целосно потврдено уште од античките грчки филозофи како Аристотел (384–322 п.н.е.), кој добил емпириски докази откако патувал во Египет и видел нови соѕвездија. Ератостен во третиот век п.н.е. бил првиот човек кој го пресметал обемот на Земјата
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар