„Пластичарска“ проширена од клучката кај Бит-пазар до влезот во касарната „Илинден“

Фото:skopje.gov.mk/

Проширување на булеварот „Никола Карев

[Извор:Изборна програма на Петре Шилегов-Живот во Скопје за сите стр.19; Датум:октомври 2017 г.]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Ветувањето на  градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, за проширување на  булеварот „Никола Карев (познат како Пластичарска улица), дадено во кампањата за локалните избори (октомври 2017 година),  досега (18.05.2020) е  делумно исполнето. Ова ветување на Шилегов е посочено  во неговата изборна програма , „Живот во Скопје за сите!“, во рамките на проектот: „ Нови сообраќајни решенија го решаваме градскиот метеж!“, стр.19, со која како кандидат на СДСМ ја бараше довербата за градоначалничката функција во главниот град.

Деновиве  заврши  првата фаза од проширувањето и реконструкцијата на оваа прометна сообраќајница – на потегот од клучката кај Бит-пазар до влезот во касарната „Илинден“, со вкупна должина од 1.440 метри. Овој булевар, чија реконструкција започна во декември минатата година (2019), сега има четири сообраќајни ленти, велосипедска и пешачка патека и средишно зеленило.

Изминатиов период интензивно, со засилено темпо и ноќно работење се реконструираше и прошири овој булевар којшто е еден од најважните сообраќајници во Скопје, бидејќи поврзува 4 општини – Гази Баба, Чаир, Центар и Карпош…На  улицата досега беше изведена комплетно нова атмосферска канализација која не постоеше, а се изврши целосна реконструкција и на другите подземни инсталации, соопштија од Град Скопје.

Оттаму информираат дека во тек е проектирањето на втората фаза која ќе опфати градежни активности на потегот од влезот во касарната „Илинден” до спојувањето со булеварот „Словенија”, како и изградба на голема клучка кај Тетовска трошарина.

Информација и фотографии за завршувањето на првата фаза од реконструкцијата на овој булевар се објавени на  официјалната веб-страница  на Град Скопје  и во повеќе медиуми.

Па, имјаќи предвид дека е завршена првата фаза и Градот Скопје работи на проектирање на втората фаза од реконструкцијата на овој булевар, ветувањето го сметаме за делумно исполнето.

Инаку, прширување на булеварот „Никола Карев“, ветуваше и претходниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски за локалните избори во 2013 година. Тогаш тој во неговата изборна програма „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобро Скопје“ , (во делот Урбанизам, булевари, мостови, стр. 55), вети дека проширувањето на овој булевар ќе биде направено во периодот (2013-2015) година, но тоа не се случи.

 

ИЗВОРИ:

 

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис и National Endowment for Democracy или нивните партнери.