„Пластичарска“ проширена од клучката кај Бит-пазар до влезот во касарната „Илинден“
Проширување на булеварот „Никола Карев
[Извор:Изборна програма на Петре Шилегов-Живот во Скопје за сите стр.19; Датум:октомври 2017 г.]
ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:
Ветувањето на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, за проширување на булеварот „Никола Карев (познат како Пластичарска улица), дадено во кампањата за локалните избори (октомври 2017 година), досега (18.05.2020) е делумно исполнето. Ова ветување на Шилегов е посочено во неговата изборна програма , „Живот во Скопје за сите!“, во рамките на проектот: „ Нови сообраќајни решенија го решаваме градскиот метеж!“, стр.19, со која како кандидат на СДСМ ја бараше довербата за градоначалничката функција во главниот град.
Деновиве заврши првата фаза од проширувањето и реконструкцијата на оваа прометна сообраќајница – на потегот од клучката кај Бит-пазар до влезот во касарната „Илинден“, со вкупна должина од 1.440 метри. Овој булевар, чија реконструкција започна во декември минатата година (2019), сега има четири сообраќајни ленти, велосипедска и пешачка патека и средишно зеленило.
Изминатиов период интензивно, со засилено темпо и ноќно работење се реконструираше и прошири овој булевар којшто е еден од најважните сообраќајници во Скопје, бидејќи поврзува 4 општини – Гази Баба, Чаир, Центар и Карпош…На улицата досега беше изведена комплетно нова атмосферска канализација која не постоеше, а се изврши целосна реконструкција и на другите подземни инсталации, соопштија од Град Скопје.
Оттаму информираат дека во тек е проектирањето на втората фаза која ќе опфати градежни активности на потегот од влезот во касарната „Илинден” до спојувањето со булеварот „Словенија”, како и изградба на голема клучка кај Тетовска трошарина.
Информација и фотографии за завршувањето на првата фаза од реконструкцијата на овој булевар се објавени на официјалната веб-страница на Град Скопје и во повеќе медиуми.
Па, имјаќи предвид дека е завршена првата фаза и Градот Скопје работи на проектирање на втората фаза од реконструкцијата на овој булевар, ветувањето го сметаме за делумно исполнето.
Инаку, прширување на булеварот „Никола Карев“, ветуваше и претходниот градоначалник на Скопје Коце Трајановски за локалните избори во 2013 година. Тогаш тој во неговата изборна програма „Нови дела за нов напредок, нови дела за подобро Скопје“ , (во делот Урбанизам, булевари, мостови, стр. 55), вети дека проширувањето на овој булевар ќе биде направено во периодот (2013-2015) година, но тоа не се случи.
ИЗВОРИ:
- Изборна програма на Петре Шилегов – Живот во Скопје за сите стр.19 ( октомври 2017) [Проверено: 18.05.2020]
- Тајм.мк (13.12.2019): Започна проширувањето на Пластичарска [Проверено: 18.05.2020]
- Мета (13.12.2019): Почна реконструкцијата и проширувањето на Пластичарската улица во Скопје [Проверено: 18.05.2020]
- Веб-страница на Град Скопје (13.12.2019): Од денеска се проширува и реконструира пластичарската улица [Проверено: 18.05.2020]
- Грид (17.05.2020): Заврши првата фаза од реконструкцијата на „Пластичарска” [Проверено:18.05.2020]
- Веб-страница на Град Скопје (17.05.2020): Заврши првата фаза од реконструкцијата на Пластичарска [Проверено: 18.05.2020]
- Вистиномер (22.05.20016): Трајановски секоја година најавува проширување на Пластичарска [Проверено:18.05.2020]
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар